Заболени од Ковид има, простор за паника засега нема

Илустрација

Расте бројот на заболени со вирусот Ковид-19 во Северна Македонија. Во јули пријавени се 250 случаи. Не треба да расте паниката, но сепак треба да се внимава, велат докторите. Ретко кој се тестира, а најголем број од случаите немаат тешка клиничка слика.

Температура, треска, прекумерно потење, омалаксаност, гадење, варирање на притисокот, болки во градите и тешко дишење. Овие симптоми кои ги имала скопјанката Даниела ја потсетиле на пандемијата кога два пати имала Ковид. Грлото и било зацрвенето, а матичниот лекар препишал антибиотик, но не предложил Ковид тест. Го направила на своја рака, во приватна лабораторија, бидејќи по аптеките не можела да најде брз тест. Резултатот бил позитивен на Ковид-19.

Таа е една од оние кои летово прележале Ковид. Бројот на заболени од овој вирус во Северна Македонија расте. Ова го потврдува бројот на официјално пријавените случаи, но и искуствата на лекарите.

„Има постепено зголемување на бројките, но охрабрувачки е тоа што сè уште бројот на хоспитализации не расте. Најголем дел од пациентите, би рекол 95 %, се третираат во амбулантски услови. Немаме пациенти на кислородна поддршка и на вентилатор, односно на респиратори“, вели д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести.

Засега, нема потреба од каква било загриженост или кревање на паника, истакнува тој.

И матичниот лекар Бојан Трајковски се согласува дека моменталната слика е далеку од панична, но како што вели, не е сјајна, па сепак треба да се внимава.

„Генерално, луѓето одат на домашно лекување, многу ретко има болнички случаи или пневмонии како претходно. Главната проблематика е диференцијацијата помеѓу ковид, грип, настинка... Неретко има и гастро-интестинални симптоми, па потврда на Ковид по некој ден. Не е само онаа респираторна патологија што беше карактеристична за Ковидот. Сега веќе гледаме испреплетување на симптоми“, изјави докторот Трајковски за Радио Слободна Европа.

Видете и ова: Комисијата за заразни болести препорача задолжителни маски во болниците и во домовите за стари лица

Различно е и тоа што сега, граѓаните, многу помалку прават тестови за Ковид.

„Тестирањето веќе се прави поради административна потреба, односно ако некому треба, дали за на работа или за идна хоспитализација. Мене како лекар не ми е толку потребен и круцијален тестот, со оглед на тоа што и потврдата на ковид и потврдата на грип или настинка или кој било друг тип на вирусно заболување, генерално е за еден ист тип на третирање. Лечиме симптоматски, односно третираме состојба согласно симптомите“, додава матичниот лекар.

Тој очекува бројот на пациенти со Ковид и натаму да расте бидејќи следува период на враќање на граѓаните од одмори и на децата во школските клупи.

Заболуваат и доенчиња

Според билтенот за движењето на акутните заразни заболувања на Институтот на јавно здравје (ИЈЗ), во текот на јули, најмногу заболени од Ковид имало меѓу возрасната група над 60 години и кај деца до 9 години.

Потврдените случаи меѓу децата не се така ретки, но и тука нема простор за паника, вели педијатарката Звезда Спасовска.

„Особено последниов месец има повеќе случаи. Пропратени со подолготрајна температура. Знаат да бидат и високофебрилни и омалаксани. Имаат послаб апетит, често и дијареа и повраќање, но главно добро поминуваат. Сега немаме толку компликации во насока на воспаленија на долните дишни патишта“, истакнува докторката Спасовска.

Летово, таа имала и ковид пациенти помлади од една година.

„Главно се јавува кај поголемите дечиња, но имавме и доенчиња, односно мали бебиња до една година, во чие семејство биле заболени родителите, па заболеле и тие. Меѓутоа, освен фебрилност, омалаксаност, послаб апетит и слично, немаше други компликации“, вели педијатарката.

Тест за Ковид најчесто препорачува ако температурата трае подолго, но, терапијата е повторно симптоматска - со витамини, течности, нега и одмор.

Видете и ова: СЗО: Стапката на вакцинација на децата е под нивото пред пандемијата

Во јули пријавени се 250 случаи на COVID-19 во земјава. Во однос на јуни, има десеткратно зголемување на бројот, како и во однос на јули 2023, стои во билтенот на ИЈЗ.

Најголем број се пријавени од Скопје, а највисока инциденца се регистрира во Кавадарци.

Регистрирано е едно починато лице асоцирано со КОВИД-19.

Во лабораториите, се тестирале вкупно 906 материјали со повеќе од двојно зголемување на бројот на тестирани во однос на минатиот месец.

Од почетокот на пандемијата, заклучно со крајот на јули годинава, пријавени се вкупно 350.875 потврдени случаи на КОВИД-19 и 9.992 смртни случаи, соопштуваат од ИЈЗ.