„Самохрана мајка на три деца ѝ ја исклучиле струјата, па децата не можат да следат онлајн настава.“
„Самохран татко живее со својот син кој е одличен ученик и борец, иако струјата им е исклучена веќе подолго време. Таткото има минимални примања, и непостојана работа. Поради исклучената струја новите сметки се многу мали.“
„Поради короната останати се без работа со две дечиња се и заглавиле во големи долгови. Неколку месеци се обидуваат да најдат работа и да застанат на свои нозе повторно.“
Ова се приказните на само дел од седумте семејствата на кои во моментов им треба помош да си ги подмират заостанатите сметки за струја преку акцијата „Плати сметки - помогни на социјално загрозено семејство“ на платформата „Way2Help“. Дел од нив имаат само по една неплатена, дел и по неколку сметки, сумите се од илјада до шест илјади денари по сметка.
Видете и ова: Најсиромашни многудетните семејстваАна Секуловска, една од основачите на „Way2help“ за РСЕ вели дека им помагаат на луѓе од ранливи категории, кои поради одредени причини не можат да ги покријат нивните сметки за струја.
„Дали се случило нешто драстично во нивните живот, останале родителите без работа, имаше лица со попреченост, голем дел од нив се самохрани мајки, предизвиците се најразлични. Селекцијата ја вршат организациите кои претходно директно работеле со нив, знаат дека овој период дополнително ги погоди и ја отежна целата ситуација“, вели Секуловска.
Таа додава дека соработуваат со организацијата „Вистински дела на љубезност“, но се отворени и за други организации, кои можат да направат проверка на ранливи семејства, за да може да им се помогне на повеќе луѓе.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Досега преку акцијата се платени 360 сметки, а има 318 донатори, кои можат да бидат организации или физички лица.
Со „Плати сметка“ започнале во септември, а досега им помогнале на 90 семејства од ранливи категории да ги покријат сметките за струја.
„Почнавме сосема скромно со седум сметки, идејата беше да бидат поставено тие сметки и можеби ќе се платат во текот на целиот месец, не знаевме како луѓето ќе изреагираат и како ќе прифатат еден ваков хуманитарен гест. За наша среќа се случи уште во истиот ден да бидат исплатени сите сметки кои ги поставивме платформата, видовме дека има интерес “, вели Ана Секуловска.
Интересот е голем, можеби затоа што процесот да им се плати сметка на тие на кои им треба помош е едноставен, како што би си платиле електронска сметка за себе, но знаеме дека има многу поголемо значење, додава таа.
Од август минатата година цената на струјата се зголеми за 7,4 отсто, што дополнително ја влоши економската несигурност на граѓаните предизвиката од корона-кризата. На почетокот на пандемијата граѓаните со минимални плати, можеа сметките за март, април и мај ќе ги плаќаат на рати и без камата.
Универзалниот снабдувач, ЕВН Хоум, не смее да ги исклучува ранливите потрошувачи од системот за струја поради неплатени сметки за декември, јануари и февруари. Граѓаните од овие категории можат сметките да ги плаќаат одложено или на шест рати. Секој ранлив потрошувач кој е заведен во Министерството за труд и социјална политика, има право од ЕВН Хоум да бара да биде ослободен од обврската за плаќање на надоместок за повторно приклучување, како и бесплатно да му се направи вонредна верификација на мерната опрема.
За време на пандемијата луѓе останаа без работа, според податоците на Агенцијата за вработување бројот на невработени се зголемил за 50 илјади луѓе, од кои, посочуваат властите, 17 илјади се како директна последица на корона-кризата. Пандемијата остави и многу сектори затворени или им ја десеткуваше работата, а со тоа и примањата, па освен ранливите категории и други граѓани мака мачат да си ги платат тековните сметки.
Регулаторната комисија предлага да се зголеми опфатот на ранливи категории на потрошувачи кои се соочуваат со енергетска сиромаштија. Сега во таа група спаѓаат само луѓето кои добиваат социјална помош. Предлогот е испратен до Министерството за економија и до други надлежни институции, вели претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.
„Сметаме дека е многу важно да се зголеми нивниот опфат и да се направи една база на податоци со ранливи граѓани кои не се во можност да ги платат своите сметки, а од друга страна да ги имаме податоците и од Електро-дистрибуција за потрошувачката и на тој начин ќе добиеме конкретно и многу прецизно колкава е реалната потрошувачка на овие категории и колкави им се реалните трошоци за да може да се донесе точна и вистинска помош, на овие луѓе кои реално се соочуваат со проблем за покривање на своите трошоци, не само за електрична енергија“, рече претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски, на дебатата „Визија за енергетска транзиција 2040“.
Тој се надева дека до почетокот на мај ќе имаат првични податоци, а РКЕ предлага парите од државата за енергетска сиромаштија за секој поединец директно да се плаќаат на универзалниот снабдувач со струја.
Секуловска од „Way2help“, вели дека нивните донации се еднократни, но со големо значење, затоа секоја иницијатива за системски промени со кои подолгорочно ќе им се помогне на семејствата од ранливи категории е добредојдена.