Прашањата до Владата завршуваат во партиски штаб?

Илустрација

По некое сооопштение, необјавени записници од седници, застарени податоци, необјавени имињата на премиерските советници и нивните примања. Ваков е интернет порталот на Владата на ВМРО ДПМНЕ, Вреди и Знам. Портпарол за комуникација со јавноста се уште нема, а битни државнички одлуки не се објавуват.

Владата на затворена седница го утврди новиот состав на Комисијата за историски прашања. Оваа битна информација не може да се најде како официјална на ниту една институција која е поврзана со прашањето за дијалогот со Бугарија.

Синоќа беше објавено на неколку интернет портали без да биде именуван изворот, а по тоа ја преземаа и традиционалните медиуми кои се повикуваа или на свои извори или на медиумски написи од сајтови.

Слична ситуација се случи и минатата недела кога на седница на Влада за Национален координатор за демографија, млади и човечки ресурси беше назначен долгогодишниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев. Оваа информација не можеше да се најде на ниту едно официјално соопштение.

Известувања за одржани седници на Владата на РСМ и прикачени записници

На интернет порталот на Владата 24 јули е последниот датум кога редовно се објавувани записници се до 7-та седница на Владата, како и уште еден од 12 седница, но пред и по нејзиното одржување нема никакви информации за останатите одлуки. Така од сите до сега одржани 18 седници објавени се само 8 записници.

На интернет порталот на Владата можат да се забележат уште низа пропусти. Така на пример во делот „Отворена Влада“ на насловната страница се уште е ликот на поранешната министерка за добро владеење Славица Грковска и последни вести поврзани со неа од март 2024 година.

Исто така во делот за премиерските советници табелата е полна со имињата на советниците од претходно и со сумите кои тие ги добивале како надоместок. Актуелниот премиер Христијан Мицкоски до сега не се охрабри да открие кој ќе го советува во неговиот кабинет и колку пари зема за тоа.

Национални координатори на Владата на РСМ

Недостигаат податоци и за националните координатори кои иако беа разрешени сепак стојат нивните имиња. Може да се забележи само дека се впишани дел од новите имиња, но не сите. Така на пример од за јавноста до сега познатите назначувања е впишан Павле Трајанов кој e именуван за Национален координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам како и Блерант Рамадани кој е за примена на нови технологии, но иако на истата седница беше именувана за реформи во високо образование ја нема Солза Грчева.

Алатката за отчетност за тоа колку и на што потрошил пари од буџетот некој функционер или институција одамна не е ажурирана, односно уште од владата кога премиер беше Зоран Заев.

Единствено се ажурирани податоците за платите на премиерот и на министрите од сегашната влада.

Видете и ова: Владата ги објави министерските плати, највисоки имаат Мицкоски и Тошковски

Партискиот портпарол се вработи во Влада

Владата се уште нема назначено портпарол или лице за односи со јавноста со кое новинарите во име на јавноста ќе може да комуницираат. За сите недостатоци кои Радио Слободна Европа ги забележа на сајтот на владата постави прашања на е-маилот на кој до неодамна можеа да се добијат одговори од таму. После десетина минути од електронската порака телефонски се јави, Наум Стоилковски со критика за едно од прашањата.

Запрашан зошто прашањето транспарентностa на Владата е негова надлежност, тој одговори дека „така функционира Владата се додека не биде назначен нејзин портпарол“.

Стоилковски дополнително реагираше дека од 1-ви јулi е вработен во Владата, во Медија центарот и дека оттаму комуницира со новинарите. Во делот за медија центарот на сајтот на Владата не е наведено името на ниту еден од вработените таму.

Со слично искуство се соочила и редакцијата на Призма, од каде новинарот Васко Маглешов вели дека недопустливо и неодговорно е Владата да нема назначено портпарол, а веќе е влезена во третиот месец од нејзиниот избор во Собранието.

„Досегашната комуникацијата на новинарите со Владата е преку Вибер група. Комуникацијата е еднонасочна, односно служи само за промоција на владиниот пи-ар. Оваа тенденција, за жал, многу потсетува на едно блиско минато кога многу тешко или едвај можеа да се обезбедат основни информации. Владата мора да знае дека новинарите прашуваат за и во името на граѓаните. Tаа комуникација што поскоро мора да се воспостави. Владата има усвоено и Стратегија за транспарентност и акциски план, кои не би требало да се оставени само на хартија, туку да бидат спроведени и надградувани“, вели Маглешов за РСЕ.

Видете и ова: Ни новиот премиер не им ги остава лопатите на градоначалниците

Инаку Владата има усвоено стратегија за транспарентност и акциски план за 2023 - 2026 година во која меѓу другото се вели дека начелата за добро владеење кога се работи со граѓаните се отвореност, транспарентност и отчетност, правичност и еднаквост.

„Владата е транспарентна кога обезбедува информации и податоци на таков начин што барателот може лесно (вклучително и преку дигитални алатки) да ги најде, да им пристапи, да ги разбере, да ги користи и повторно да ги искористи, а воспоставува и јасни процедури за пристап до информациите што не се проактивно откриени“, пишува во стратегијата.

Стратегијата е во рамки на Министерството за добро владеење на чие чело во моментов се наоѓа заменик претседателот на Владата задолжен за добро владеење Арбен Фетаи. Од неговиот кабинет не одговорија на прашањата на РСЕ. Тој доаѓа од редовите на Алијанса на Албанците на Арбен Таравари и според биографијата живеел во Белгија, а кога се појави на јавен настан зборуваше само на англиски и албански јазик со образложение дека не може да се изрази на македонски.

Затворени наместо отворени финансии

Отворени финансии е алатката која ја промовираше Министерството за финансии уште во 2019 година и која ги покажува сите државни трансакции. Таму можат да се пронајдат сите исплати кои некоја институција ги има кон физичко или правно лице и по кој основ е исплатата.

Пад на системот на оваа апликација имаше неодамна и министерството призна дека податоците не се ажурираат, на што реагираа невладините организации за борба со корупција. На почетокот на месецот (2 септември) беше известено дека алатката е ажурирана со сите податоци.

Видете и ова: Вицепремиерот Фетаи со нова стратегија за финансиски истраги и конфискација на имот

Во исто време и објавувањето на јавните набавки на агрегаторот за вести Тиме.мк беше укинато, па невладините организации се посомневаа во искрените намери на власта за транспарентност.

Од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) велат дека очекуваат зголемување на транспарентноста на владините институции и самата влада во насока на негување на култура на професионален однос со медиумските работници пред се за задоволување на правото на информирање на граѓаните и на јавниот интерес.

„Затоа е неопходно час поскоро да се назначат одговорни лица за односи со јавност на владата, пред се за точно и навремено адресирање на сите прашања на новинарите. Во таа насока очекуваме да продолжи и претходната пракса на функционалност на порталот Отворени финансии, за да се задржи двонасочна транспарентност и отчетност во трошењето на државниот буџет и парите на граѓаните“, вели Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ.

Платформата на граѓански организации за борба против корупција остро го осуди оневозможениот пристап на јавноста до информациите од трезорот и бараше итно да се врати во функција порталот „Отворени финансии“.

Благоја Пандовски од Транспаренси Интернешнл-Македонија вели дека владата мора да работи на подобрување на транспарентноста, како и сите влади до сега кои требаа да работат но немаа некое големо поместување во тој дел.

Видете и ова: Владата крие под кои услови Синохидро ја повлече тужбата за автопатот Кичево – Охрид

„Мора да се работи на дигитализација на сите информации кои ги имаат институциите. После реакцијата за алатката Отворени финансии, имаше информација дека се ажурирани податоците. Но, Министерството не смее да се доведе во ситуација да биде критикувано па по тоа да реагира. Мора да е пракса на Владата да има достапност на сите информации, да може да има нивно преземање од страна на јавноста во секое време и треба да се направи поместување во дигитализацијата на информациите“, вели Пандовски за Радио Слободна Европа.

Според Транспаренси Интернешнл-Македонија ова не оди во корист на транспарентноста и борбата со корупцијата бидејќи овие две алатки беа во насока на подобрување на борбата со корупцијата.