Достапни линкови

Владата крие под кои услови Синохидро ја повлече тужбата за автопатот Кичево – Охрид


Изградба на автопат Кичево - Охрид
Изградба на автопат Кичево - Охрид

Кинескиот изведувач на работите на „историскиот“ автопат Кичево – Охрид поставил услови, а новата Влада ги прифатила, но какви за сега не открива. За возврат компанијата го прекина спорот пред арбитражниот суд во Париз. Власта се пофали дека заштедила пари бидејќи државата нема да оди на арбитража

Спречена е опасност да бидат потрошени минимум 50 милиони евра ако државата влезе во спор со кинеската фирма Синохидро. На овој начин премиерот Христијан Мицковски во неодамнешна изјава објасни зошто Владата на една од седниците одлучи да ги прифати условите на фирмата изведувач на автопатот Кичево – Охрид за да не биде тужена пред меѓународниот суд во Париз.

Одлуката која е донесена на седмата седница на владата одржана на 24 јули открива дека владата го задолжила директорот на ЈПДП Коце Трајановски во име на инвеститорот да даде согласност за прекин на арбитражната постапка

„И да го потпише писмото бр.0302/1905 доставено од Sinohidro Corporation Limited Кина на 10 јули 2024 година во кое се наведени условите под кои би требало да се прекине арбитражната постапка“, се вели во одлуката.

Радио Слободна Европа праша и во Владата и во Министерството за транспорт и кај Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) какви услови побарала кинеската компанија, но одговор од таму нема. Од министерството само кусо одговорија дека арбитражната постапка со изведувачот Синохидро е прекината со заедничка согласност на двете страни. Сепак не откриваат кои се условите и колкава сума барале кинезите во спорот кој го започнале.

„Во однос на прашањето за Барањето за арбитража, информираме дека од страна на изведувачот Синохидро, истото беше поднесено на 08.07.2024 година, без квантификација на оштетни побарувања“, се вели во одговорот од министерството за РСЕ.

Ако се погледнат датумите ова значи дека на владата и требале дваесеттина денови за да се откаже од судење и да ги исполни условите кои им ги побарала компанијата, а кои се кријат од јавноста.

Како оживеа идејата за тужба против државата

Во сред изборен процес (01 април 2024), претходниот состав на Собранието со владејачката коалиција на СДМС и ДУИ одржа вонредна седница само за да биде изгласан анекс број 6 на договорот за изградба на автопатот Кичево - Охрид. Со него се продолжи рокот за завршување на проектот до крајот на 2026 година, а причината за новото одолговлекување беше појава на 13 нови свлечишта на делницата.

Но, во истиот анекс двете страни договориле и неколку други работи меѓу кои и дека сите спорови да ги решаваат меѓусебно со договор. Изведувачот односно Синохидро се откажал од отштета настаната до денот на изгласување на Анексот 6, а истото го сторил и инвеститорот ЈПДП.

„Договорните страни се согласуваат да ги решат сите прашања поврзани со исполнување на обврските преземени со овој Договор на пријателски начин и во заеднички интерес и да го имплементираат таму каде не е постигната согласност“, пишува во анексот.

Радио Слободна Европа од добро упатени извори во ЈПДП дознава дека до пред носењето на овој анекс во април, компанијата Синохидро се заканувала со арбитражна постапка против државата бидејќи била тужена од еден од подизведувачите. Се работело за албанската фирма „Викторија“ која беше исклучена од проектот поради ненавремено извршување на работите. Таа пак се решила на тужба против Синохидро бидејќи доцнела со градењето поради ненавремената експропријација на имотите каде поминува трасата на автопатот.

Но, ова било решено со анексот 6 со кој Синохидро веќе се откажал од тужба против државта.

Дека во позадина на покренувањето на арбитража против државата стои токму оваа причина навести и Мицкоски во својата куса изјава во која рече дека на подизведувач не му биле решени имотно – правните односи, не можел да има фронт за работа, ја тужел фирмата изведувач, а фирмата изведувач државата.

„Значи, еден сложен процес и добро е што излеговме од тој процес без да бидеме подложни на пенали практично“, нагласи Мицкоски.

Сепак нема одговор од ресорното министерство каде министер е токму новопоставениот координатор за следење на сите арбитражни постапки во земјава, Александар Николовски, зошто работа која била решена со анексот 6, оживеала и морало да се прифатат условите кои ги дала Синохидро.

РСЕ испрати прашања и до Владата, но одговор од таму нема.

Нов анекс број 7 за изградба на „историскиот автопат“

Во вторникот, на 3 септември Собранието го изгласа новиот анекс 7 на договорот за изградба на автопатот Кичево – Охрид.

Тој е во делот на техничките карактеристики на асфалтот што ќе се користи.

„Правимe прилагодување на македонските услови. Асфалт не може да се носи повеќе од 100 км од местото каде што е произведен што значи дека мора да се користи локална оператива и се прилагодуваме на геологијата односно на наоѓалиштата што се користат во изработката на асфалт“, изјави министерот за транспорт Александар Николоски.

Вредноста на автопатот со вкупна должина од 57 километри првично беше проектирана на 374 милиони евра, а по неколку анекси на Договорот и продолжувања на роковите достигна 598 милиони евра. Сега е најавено дека кога ќе се завршат делови на делницата по нив ќе може да се вози.

И новата власт на ВМРО ДПМНЕ како и претходните се надева дека последниот рок до крај на 2026 година ќе биде запазен.

Поранешното Специјално јавно обвинителство отвори предмет „Траекторија“, кој се однесуваше на постапката за избор на кинеската компанија „Синохидро“ и ги обвини поранешните власти од ВМРО ДПМНЕ за корупција. Со измените на Кривичниот законик, делото за обвинетите за злоупотреба на службена должност застаре и никој не одговараше за злоупотреби.

Власта прави ревизија на арбитражните постапки

Со неколку одлуки донесени на првите седници Владата очекува да добие информации за повеќе арбитражни постапки кои се водат пред меѓународни судови а се тужи или државата или нејзините институции. Таква е одлуката донесена на шестата владина седница во која се вели дека сите институции мора да достават податоци за отпочнати и најавени арбитражни постапки пред домашни и меѓународни арбитражни судови до Генералниот секретаријат.

На истата седница било одложено разгледувањето на информацијата за арбитражната постапка поврзана со изградбата на Клиничката болница во Штип, проект кој исто така се одолговлекува со години.

На чело на Координативното тело пак за следење на овие постапки владата го назначила вицепремиерот Александар Николовски, кој на оваа позиција доаѓа на местото на поранешниот министер за финансии Фатмир Битиќи.

Битиќи лани на 25 август објави дека против државата во тој момент се воделе седум постапки кои се проценуваат на штета од 1,3 милијарди евра, доколку државата ги изгуби.

  • 16x9 Image

    Билјана Николовска

    Билјана Николовска како новинар започнува да работи во локална радио станица, а кариерата ја продолжува во националната ТВ Телма од 2006 – 2023 год. Добитник е на награда за најдобар дописнички прилог, и на повеќе награди за истражувачки стории доделени од домашни новинарски организации како и од Европската Унија. Автор е на документарен филм  и серија стории кои откриваат корупција, организиран криминал и нарушување на човековите права. Како истражувачки новинар за Радио Слободна Европа започна да работи во мај 2023 година.

XS
SM
MD
LG