Условна казна затвор за уништување на најстарата неолитна населба во Живојно

Илустрација, РЕК Битола

Условна казна затвор, шест илјади евра парична казна и исплата на трошоците за геолошки истражувања е епилогот од уништувањето на дел од археолошкиот локалитет Влахо при копањето јаглен кај битолското село Живојно. Историчарите незадоволни од казната, но велат, барем санкција има.

Обвинителството предложи казна од 6 илјади евра за приватната фирма која добила концесија за ископ на јаглен во битолско Живојно и на нејзин товар да паднат археолошките истражувања во тој дел, затоа што со ископот оштетила дел од македонското културно наследство. Станува збор за археолошкиот локалитет Влахо кај битолското село Живојно во Пелагонија кој е најстарата неолитска населба во Македонија.

Обвинителската предлог спогодба до судот опфаќа условна казна затвор за управителот на фирмата концесионер и парична казна, како и забрана за ископ се додека не се означи и огради подрачјето на кое се протегаат локалитетите Влахо, Бел Камен и Кералот.

Кустосот од Заводи Музеј Битола Енгин Насуф вели дека со бушењето во потрагата по јаглен уништен е околу 20 до 30 проценти од локалитетот Влахо.

„Во натамошниот дел од локалитетот нема да има ископување за рудник, границата за рудникот тука завршува, но се јавува страв од уништување на крајниот појас каде што е веќе ископано од ерозија, затоа што се работи за ископ длабок 20-тина метри и веројано ќе се оди уште подлабоко и тука нормално ќе се јави ерозија на земјиште. Истражувањето на овој локалитет и натаму продолжува“, вели Насуф.

Видете и ова: Потрошени 12 милиони евра за Универзитетот на Плаошник, а него го нема

Владата овој дел го издала под концесија во април минатата година на фирмата ЏМП Коп Интернатионал која најмила подизведувач за голошко дупчење. Наоѓалиштето „Живојно“ е третото главно лежиште за јаглен во Пелагонискиот регион. Лоцирано е приближно 35 километри југоисточно од градот Битола, до самата граница на Северна Македонија со Грција, на 20 километри од рудникот Суводол, како продолжение на рудникот Брод-Гнеотино. Зафаќа површина од приближно 25 квадратни километри.

Проблемот е во тоа што до ова наоѓалиште на јаглен годинава беше откриено дека се наоѓала најстарата во Европа неолитска населба, датира дури 300 години порано од останатите. Според објавениот научен труд на историчарите во јануари годинава датирање на неолитната населба е од 64-от век пред новата ера, што го прави локалитетот Влахо еден од најраните неолитски локалитети во Европа и даваа сознанија за клучната улога на локалитетот Влахо при формирањето на првите земјоделски заедници во Европа.

Според обвинителството, управител на осомниченото правно лице од Битола, во периодот од ноември 2022 година до 03.03.2023, започнал со копање и ја уништил источната периферија на археолошкото наоѓалиште Влахо во селото Живојно, општина Новаци.

Ископот бил спроведен на место кое е дел од археолошката мапа на Македонија, но, кое било дел и од територијата ограничена со концесијата дадена од Владата на 30 години за експлоатација на минерална суровина – јаглен.

Обвинителството бара забрана на фирмата концесионер да копа се додека не завршат археолошки истражувања во таа област. Според битолското обвинителсто концесионерот свесно и намерно копал во делот каде што се наоѓа археолошкиот локалитет.

„Иако обвинетиот управител знаел дека во рамките на концесиското поле се наоѓа археолошкото наоѓалиште Влахо, кое претставува културно наследство во кое не смее да се врши експлоатација, согласно член 13 од Договорот за доделување на концесија, за што дури и преговарал со претставници на Завод и Музеј Битола и Управата за заштита на културно наследство, да бидат преземени заштитни археолошки истражувања пред отпочнувањето со експлоатацијата на минералната суровина, сепак ангажирал подизведувач – друго правно лице од Битола на кое му дал насоки да започне со експлоатација на јаглен“, се вели во соопштението.

Со постигнатата предлог-спогодба, која е потврдена од Основниот суд во Битола, на обвинетиот управител му е изречена условна осуда казна затвор од една година која нема да се изврши доколку во рок од 3 години тој не стори ново кривично дело и доколку се почитуваат обврските, односно да не се врши експлоатација додека не завршат археолошките истражувања.

„Откако ќе бидат завршени истражувањата, дејствијата на експлоатација на наведените локалитети да се вршат само во согласност со утврденото со заштитните археолошки истражувања. Правното лице има обврска да обезбеди финансиски средства и да дозволи непосредно вршење археолошки надзор од стручно лице – археолог определен од Завод и Музеј Битола за целиот планиран опфат за експлоатација, а согласно насоките на Завод и Музеј Битола“ се вели во соопштението од Обвинителството.

Кустосот Насуф вели дека не е задоволен од паричната казна од 6 илјади евра, затоа што според него не постојат пари кои можат да го надоместат изгубеното културно наследство.

„Од друга страна позитивно е тоа што некако почна да функционира правниот систем и се презедоа некои санкции и инвеститорот е приморан да склучи договор со Завод и Музеј Битола, затоа што во тој простор има неколку архелошки наоѓалишта, кои, ако не се истражат навреме, и тие ќе бидат во опасност“, вели тој.

Видете и ова: Инвестиции во енергетиката сега - за мирна глава со години

Археилошките истражувања стартувале во 2020 година на локалитиетот Влахо. Неолитската населба претставува масивна развлечена тумба со површина од околу 4,5 хектари, додека остатоци од бронзеното време и доцнот антички период што се регистрираат околу неа, зафаќаат дополнителен простор од ова наоѓалиште.

Според студијата на ЕЛЕМ, објавена на нивната веб страница, во овој дел од пелагонискиот крај има геолошки резерви од 101,6 милиони тони јаглен. Таму е предвиден рудник со кој би се одржувал РЕК Битола за да може да работи барем до 2030 година без поголеми пробеми.