Владата подготвува закон, Унгарците „во прашалници“ за милијардата од Орбан за Мицкоски

Илустрација

Премиерот Мицкоски најави 250 милиони евра од кредит од Унгарија за бизнисот, македонските стопанственици го прогласија за свој партнер. Владата ќе поднесе закон за задолжувањето со унгарскиот заем во Собранието. Уште половина милијарда евра најавени за во јануари догодина. Во Унгарија се отвора прашањето од каде толку пари за заем?

Се „крчка“ закон со кој Владата на Северна Македонија ќе се задолжи кај Унгарија. Ова доаѓа откако лично премиерот Христијан Мицкоски од Вашингтон каде присуствуваше на НАТО самитот обелодени дека се договорил со премиерот на Унгарија, Виктор Орбан за задолжување од пола милијарда евра.

Од 11 јули кога беше објавена веста за договорот со Унгарија па до денес Мицкоски во неколку наврати се дообјаснува на оваа тема. После реакциите дека по изборната победа најави дека ќе донесе една милијарда евра, а донесе половина од сумата, тој кажа дека втората половина ќе ја земе од Унгарија, но следната година.

Според неговата изјава втората половина ќе биде искористена за покривање на стари долгови од земената еврообврзница. Првите половина милијарда евра пак ќе бидат искористени наменски, 250 милиони евра ќе одат за фирмите, а другата половина за проекти за општините.

Закон за „стратешко економска соработка“

Според соопштението кое Владата го испрати до медиумите по договорот Мицкоски – Орбан, веднаш треба да започне процесот за позајмица за што веќе се задолжени министерствата за финансии на двете влади.

Во денешната куса изјава на оваа тема (17.07) министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска рече дека очекувањата се дека во првата половина од септември „средствата да бидат тука“.

Во одговор за Радио Слободна Европа од Владата само кусо соопштуваат:

„Ви посочуваме дека ќе има посебен закон кој низ транспарентна процедура со уредени критериуми Владата ќе го поднесе до Собранието и пратениците од сите политички партии ќе го имаат на увид“, пишува во одговорот од Владата.

Начинот на кој ќе се задолжува државата сепак се уште не е допрецизиран барем според експертите со кои разговараше РСЕ. Од она што до сега се знае наликува на оној кој со закон донесен во Собрание за задолжување кај Кина за автопатот Кичево – Охрид.

Но, тогаш се работеше за задолжување за конкретен проект со повеќе обврски кои беа јасно дефинирани со договорот кој го склучија кинеската „Ексим банка“ и македонското Јавно претпријатие за државни патишта. Сличен беше и заемот за изградбата на автопатот Миладиновци – Штип.

Видете и ова: Мицкоски со Орбан договорил унгарски кредит од 500 милиони евра


Многу прашања неодговорени и за Унгарците

Според унгарските медиуми во кои исто така има многу малку податоци за заемот од „Ексим“ банката која е во сто процентна сопственост на државата и ќе го финансира кредитот.

Радио Слободна Европа испрати прашања до банката за детали околу исплатите и условите, но одговор од таму нема.

За неа веќе се знае дека сличен кредит има дадено на Република Српска, во договор со претседателот Милорад Додиќ во 2021 година.

Економскиот медиум „Маѓар наранч“ во последниот текст посветен на заемот за Северна Македонија потенцира дека има многу малку информации за последниот кредит кон оваа држава.

Го поставуваат и прашањето што добро ќе извлече Унгарија од заемот кој го дава на земјата од каде доаѓа и поранешниот осуден премиер Никола Груевски кој доби азил токму во Унгарија.

Видете и ова: Државата си плаќа „казни“ за непотрошени кредити

Според медиумот, заемот кон Северна Македонија е многу поголем од вкупно претходно дадените на Република Српска, Египет, Лаос или Индонезија.

„Исто така, не е јасно зошто се потребни толку многу пари? Ваков износ на заем е многу и за Ексим. Во најновиот извештај, вкупниот износ на средства што Ексим им ги додели на компаниите во Унгарија преку банки и финансиски институции е 3,8 милијарди евра. Што добива Унгарија ако Ексимбанк и ги префрли скапо стекнатите средства на Северна Македонија со „исклучително поволни услови“, пишува економскиот портал.

Во интервју за телевизијата Сител, актуелниот премиер Христијан Мицкоски одговарајќи на прашањето за тоа зошто е избрана токму Унгарија каде избега неговиот претходник на лидерската позиција рече дека таа е пријателска земја.

„Парите немаат боја ниту национална припадност ниту пак земја на потекло. Нека ни дадат под исти услови други држави ние од таму ќе земеме. Ние имаме пријател таму, побаравме и добивме“, рече Мицкоски.

Видете и ова: Нема да се издава нова еврообврзница, туку ќе се бара заем од СБ

На кредитот се радуваат стопанствениците и општините

Азески и Мицкоски со директна поддршка за компаниите“ е насловот на последната колумна на претседателот на Стопанската комора објавен на нејзиниот сајт.

Во неа претседателот на комората Бранко Азески го изразува своето задоволство од соработката со Мицкоски и ги повикува компаниите да го прифатат предизвикот за партнерство.

„Комората со години наназад се обидува да биде сериозен партнер на јавниот сектор, но очигледно е, барем досега, дека јавниот сектор не го прифаќа тоа партнерство сериозно. На 25 јули оваа година тоа може да се промени. Како? Многу едноставно. Новиот премиер, професорот д-р Христијан Мицкоски, треба да верува во тоа партнерство, да вложува во него и за возврат да бара отворање на нови работни места и нови инвестиции во приватниот сектор. Ние тој предизвик го прифаќаме и подготвени сме да потпишеме.“, пишува Азески.

Инаку најавата е дека од сопствени средства бизнисмените ќе треба да инвестираат толку колку што ќе земат заем, годишно да креираат најмалку пет илјади нови работни места и да обезбедат раст на производството за пет проценти повисок од стапката на инфлација. Условите за користење на овие пари се 3,25 проценти годишна камата, тригодишен грејс период и 12 години отплата на кредитот исти како што државата е обврзана пред унгарската банка.

За локалните самоуправи пак истакна дека ќе може да конкурираат со проекти а парите ќе им бидат трансферирани на наменски сметки.

Видете и ова: Помала евробврзница, повисока камата

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, во изјава за РСЕ вели дека градоначалниците веќе имале состанок со Министерството за локална самоуправа.

„Состанокот беше за критериумите и проектите, беше речено да се подготвуваат бидејќи наскоро, во септември ќе биде пуштен јавен повик на кој ќе може да учествуваме сите. Критериумите за тоа кој колку пари може да добие се уште не се дефинирани, најверојатно ќе зависи според број на жители во општините. Нашите проекти веќе се спремни и ќе аплицираме со неколку“, рече Герасимовски.

Според првичните податоци за општините на првиот повик во септември ќе бидат предвидени 100 милиони евра за проекти.

Опозицијата подготвува детални анализи за заемот

СДСМ најави дека ќе ги искористи сите институционални механизми за да не дозволи реализација на одлуката за земање кредит од пола милијарда евра од Унгарија.

Од опозицијата велат дека од досега достапните податоци кредитот воопшто не е поволен и нема никаква економска и финансиска оправданост. Според СДСМ, кредитот е политички мотивирана одлука.

„Наместо кредитирање преку проверени финансиски инструменти кои позитивно ќе влијаат на кредитниот рејтинг на земјата, Мицкоски во четири очи договорил кредит со кој се ризикува соработката со реномирани финансиски институции. Јасно е дека станува збор за политички мотивирана одлука на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, а кои ќе бидат влијанијата на Унгарија преку оваа соработка допрва ќе видиме, се вели во соопштение од СДСМ.

Видете и ова: Инфлацијата се стабилизира, можно намалување на каматните стапки

Обвинувањата за неодговорно задолжување се неосновани и се резултат на дезинформации сметаат од ВМРО ДПМНЕ. Велат дека државата се задолжува под многу поволни услови.

„СДСМ ја остави државата на колена, без јасни и транспарентни процедури и сега немаат апсолутно никакво морално право да ни држат лекции за тоа како се води државата“, пишува во соопштение на ВМРО ДПМНЕ.

СДСМ пак најави дека прави детални анализи на достапните податоци и ќе ја разоткрие вистината позади оваа одлука на Владата на Мицкоски.