Крајот на војната во Украина ќе ја живне и македонската економија

Градежни работници, градилиште

Градежни работници, градилиште

Мирот ќе ја подобри и европската и македонската економија, а обновата на Украина ќе отвори врати за македонски фирми, пред сè, градежни, но и можност за поголем извоз, оценуваат економски аналитичари. Ниту со Русија ниту со Украина, државата нема голема трговска размена – лани најмногу им извезувала лекови и зелка, а најмногу увезувала руски гас и украински производи од железо и челик, масло и репка. Македонски власти досега не забележале прекршување на санкциите кон Русија.

Ако дојде до евентуален прекин на огнот односно се постигне договор за мир во Украина, тоа секако позитивно ќе влијае на економијата во Северна Македонија. Крајот на војната ќе ја подобри, пред сè, европската, а со тоа и македонската економија, согласни се економските аналитичари и универзитетски професори Ванчо Узунов и Арбен Халили.

Војната во Украина, која започна со руската инвазија во февруари 2022, влезе во четвртата година. На 11 март се водеа долги преговори во Саудиска Арабија во кои Украина се согласи со предлогот на САД за итен 30-дневен прекин на огнот. Топката сега е на теренот на Русија. Реториката за договор за мир и понатамошна обнова на Украина е сè поприсутна во јавноста.

Но, како таквото сценарио ќе се одрази на трговската размена и македонската економија која во јануари и февруари забележа просечна инфлација од пет отсто?

„Прво, се претпоставува дека за доста брз период ќе се смират причините за порастот на цените за некои производи што ги користиме – храна, енергија итн. Сите цени кои се разрушени на меѓународните пазари и се качуваат нагоре, влијаат негативно на нас. Друго, се отвораат можности ние повеќе да соработуваме со тој пазар кој сега е во војна“, вели професорот од катедрата за економски науки на Правниот факултет во Скопје, Ванчо Узунов за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Видете и ова: Откако Украина се согласи на прекин на огнот, топката сега е на руски терен

Стабилизацијата на европските економии, како што додава, ќе биде добра и од причина што Северна Македонија најголем дел од извозот го прави во државите членки на ЕУ.

Слични се ставовите и на универзитетскиот професор Арбен Халили, кој нагласува дека „иако државата нема некоја голема трговска размена ниту со Русија ниту со Украина, подобрената економска состојба кај партнерите од ЕУ и Украина, ќе придонесе и за ситуацијата дома“.

Според последните податоци од Државниот завод за статистика (ДЗС) за јануари, кога е во прашање директната трговска размена, Северна Македонија најмногу ја има со Германија, Велија Британија, Грција, Бугарија и Кина.

Русија и Украина, ниту во јануари, ниту претходно не се ни во првите 10.

Во текот на минатата година трговската размена (увоз и извоз) на земјава со Русија изнесувала нешто повеќе од 117 милиони евра, а со Украина 93,5 милиони евра. Претходните две години од војната бројките биле поголеми особено со Русија, кон која Северна Македонија воведе рестрикции во согласност со надворешната политика на Европската Унија. Така, во 2023 со Руската Федерација трговската размена изнесувала 285 милиони, а со Украина 67,3 милиони. Во годината кога започна руската инвазија, со Москва таа била дури 471,3 милиони евра, а со Киев 120,5.

И од двете земји, Северна Македонија повеќе увезувала отколку што извезувала.

Обновата на Украина ќе биде добра за градежниот сектор

И покрај ваквите статистики, евентуалниот мир, очекуваат економските експерти, ќе биде добар за македонската економија и од аспект на обновата на Украина што би следувала понатаму иако можеби македонските компании не може да бидат многу конкурентни за директно да се вклучат во проектите.

Халили смета дека поголема шанса и конкурентност домашните фирми имаат ако бидат ангажирани како подизведувачи.

„Завршувањето на војната таму ќе овозможи многу домашни компании, посебно од градежниот сектор, да се вклучат како подизведувачи на одредени градежни зафати таму. Нешто слично веќе имаме видено со прекинот на војната во Ирак каде, да не претерам, но илјадници наши луѓе беа пратени таму преку домашни компании. Имаме солиден број на градежни компании кои барем како подизведувачи би биле конкурентни“, вели Халили за РСЕ.

Сепак, како што додава, од една страна тоа е добро бидејќи веројатно ќе донесе поголем финансиски примања за работниците што би заминале таму преку домашни компании, но од друга страна ќе значи „губење потенцијал“ што може да се искористи дома во ситуација кога градежниот сектор се соочува со предизвикот да најде способна работна сила.

Македонските компании не се многу конкурентни, вели и Узунов, но „подобро да имаат некаква отколку никаква шанса“, како што е сега во ситуација на војна.

„Украина ќе почне да се обновува и да се гради зошто е разрушено. Ќе почнат да се слеваат пари во Украина за обнова и тоа е можност. Тоа е пазар каде македонски фирми ќе може да се појават во која било дејност – дали е градежништво, дали извоз на некои материјали, полупроизводи, што било“, посочува универзитетскиот професор.

Видете и ова: Германската економска криза „зема данок“ и во македонските индустриски зони

Антибиотици за Русија и Украина, руски гас и украинско масло за Северна Македонија

Кога се во прашање досегашните економски односи и трговската размена на Северна Македонија со Украина, но и со Русија, најистакната е фармацевтската индустрија, како и енергетиката и храната.

Инфографика - Што најмногу увезувала и извезувала С.Македонија со Русија и Украина во 2024 година

Според податоците од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, извозот што земјава го направила за украинскиот пазар во 2024 бил тежок 22,5 милиони евра. Најмногу се извезувале антибиотици во вредност од 7,1 милион и зелка вредна 6,1 милион евра.

Антибиотиците се на прво место и кога е во прашање извозот во Русија минатата година. Северна Македонија ги извезла во вредност од 30,2 милиони евра. Други лекови за малопродажба македонските компании испорачале на рускиот пазар за 7,5 милиони евра. Вкупно, лековите учествуваат со 86,4 проценти од целиот извоз на земјава во Руската Федерација кој лани бил 43,8 милиони евра.

Кога е во прашање увозот, тој е за два и повеќе пати поголем од извозот. На пример, од Украина тој бил во вредност од 71 милион евра. Најголем дел или речиси 20 милиони отпаѓаат на плоснато валани производи од железо или челик, потоа сурово масло од сончоглед – 16,4, и репка или шеќерна трска – 15,6 милиони евра.

Од Русија, пак, доминантен е увозот на природниот гас во вредност од 99,2 милиони евра. Тоа претставува дури 85 отсто од вкупниот увоз од рускиот пазар направен минатата година во вредност од 117,1 милион евра.

Не е регистрирано прекршување на санкциите кон Русија

Ваквата трговска размена со Русија не значи прекршување на санкциите кои Северна Македонија го воведе усогласувајќи се со ЕУ како одговор на инвазијата во Украина.

Надзор дали се почитуваат рестрикциите е во надлежност на повеќе институции зависно од мерката, но сите се должни да го известат Министерството за надворешни работи и надворешна трговија како тече примената и дали има прекршувања.

„Ве информираме дека до овој момент, во евиденцијата на Министерството не се регистрирани прекршувања на веќе воведените рестриктивни мерки од трговска природа кон Руската Федерација“, велат од Министерството за РСЕ.

Листа што е забрането во надворешната трговска размена со Русија, официјално е објавена на сајтот на Министерството за економија и труд. На пример, таа опфаќа забрана за извоз на технологии со двојна употреба за развој на одбранбениот и безбедносен сектор, за воздухопловството или вселенската индустрија, авионско гориво и адитиви, како и финансиска помош и брокерски услуги. За увоз од Русија, пак, забранети се кавијар, цемент, производи од дрво, јаглен, сурова нафта, производи од железо и челик…

Видете и ова: Падот на рубљата и „колебливата“ руска економија

Токму во групата „минерални горива, мазива и сродни производи“ има и најголем пад во трговската размена со Русија во изминатите три години откако почна војната, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика. Увозот во оваа котерија во 2022 година бил 333,5 милиони евра, за следната 2023 да падне на 225,3, додека лани бил 100 милиони евра.

Тоа влијаело и на вкупниот увоз од рускиот пазар кој пред три години изнесувал 419,6 милиони евра. Во 2023 бил 246, а лани 117. Кај извозот нема големи разлики – бил 51,6 милиони евра во 2022, годината потоа 39,5, а мината 43,8.

Од Украина, пак, увозот бил 85 милиони евра во 2022, една година потоа речиси се преполовил на 45,3, за лани повторно да забележи скок на 71 милион евра. Извозот, пак, пред три години бил 35,5, една година подоцна паднал на речиси 22, додека лани забележал благ раст на речиси 22,5 милиони евра.