Салтанат и нејзиниот сопруг штотуку купиле повратни билети од Москва до Дубаи, но не сакаат да се вратат назад.
Парот, кој има и таџикистанско и руско државјанство, ги гледа Обединетите Арапски Емирати како транзитна земја на почетокот на долгото патување за кое се надеваат дека ќе ги одведе, до Соединетите Држави, преку Мексико, пишува Радио Слободна Европа на англиски јазик.
„Најпрво сакавме да летаме за Мексико преку Истанбул, но на Телеграм прочитавме дека авиокомпанијата „Туркиш ерлајнс“ не дозволува луѓе од Русија и други поранешни советски републики да се качат во авионите за Латинска Америка, па го сменивме планот“, рече Салтанат, која побара да не се објавува нејзиното презиме.
Десетици патници од Централна Азија, Русија и регионот на Кавказ неодамна во Истанбул беа спречени да се качат на авионите на „Туркиш ерлајнс“ за летови до Мексико и неколку други земји од Латинска Америка, кои се популарни транзитни земји за мигрантите кои се обидуваат да дојдат до границата на САД.
„Туркиш ерлајнс„ најави „дополнителни проверки“ за патниците кои летаат за Мексико, Бразил, Куба, Колумбија и Венецуела.
Освен виза, на патниците сега им е потребен и повратен билет, платена хотелска резервација и доказ дека имаат доволно пари за патувањето. Турција не бара патни визи за граѓаните на Русија и земјите од Централна Азија, освен за Туркменистан.
Ограничувањата нашироко се гледаат како дел од мултинационалните напори за запирање на приливот на мигранти во Соединетите Држави, кој достигна рекорден број од повеќе од 2,5 милиони регистрирани мигранти на јужната граница во 2023 година, а многу други останаа неизвестени.
Минатата година е забележан голем пораст на бројот на мигранти од централноазиските земји, а повеќе од 50000 луѓе од регионот илегално влегле во САД. Меѓу нив имало околу 17000 од Узбекистан, 7000 од Киргистан, 3000 од Таџикистан, 2700 од Казахстан и околу 2000 од Туркменистан.
Според американските статистики, големиот прилив на илегални мигранти, вклучително и државјани на Централна Азија, не покажа знаци на намалување досега оваа година.
Само преку еден дел од американската граница во близина на Сан Диего, Калифорнија, 140 000 илегални мигранти, вклучувајќи околу 2500 државјани на Узбекистан, 500 Таџикистанци и околу 400 државјани на Киргистан, влегле во Соединетите Држави од почетокот на 2024 година, според податоците на американската гранична патрола.
Заглавени во Истанбул
Патниците погодени од најновите ограничувања на Истанбул, главниот аеродром во Турција, велат дека некои изгубиле неколку илјади долари за билети и други трошоци.
Видете и ова: Љубов, измами и нови пасоши: Авантурите на Узбекистанките кои се мажат за ТурциПовеќето патници не можеа да добијат рефундирање, бидејќи ги купија најевтините неповратни билети. Некои се заглавени на аеродромот или на друго место во градот со денови, трошат повеќе пари на хотели и храна додека сè уште се надеваат дека ќе им дозволат да летаат.
„Познавам семејства кои се на аеродром или се сместуваат во хотели и плаќаат околу 115 долари од ноќ“, вели државјанин на Киргистан кој има руско државјанство.
Зборувајќи под услов да остане анонимен, човекот за киргистанскиот сервис на Радио Слободна Европа изјави дека летал во Канкун, Мексико во февруари, но бил депортиран назад во Истанбул. Тој не ја кажа причината за депортацијата, но призна дека имал намера да го користи Мексико како транзитна рута за да стигне до САД.
Кога го вратиле во Истанбул, купил билет за да лета во други земји од Латинска Америка, но не му било дозволено да се качи во авионот. Тој вели дека досега потрошил околу 15 000 долари за време на неуспешното патување.
На некои руски патници наводно им било забрането да се качат во авионот и покрај тоа што имале повратни билети и хотелски резервации, бидејќи немале визи во пасошот или имале само рачен багаж за нивниот наводно долг одмор во Канкун. Овие патници, наводно, покренале сомневања дека нивната посакувана дестинација е всушност границата со Соединетите Држави.
„Мала непријатност“
За Салтанат и нејзиниот сопруг, новото правило на „Туркиш ерлајнс“ е само „мала непријатност“ што нема да ги спречи да го остварат американскиот сон.
„Кога слушнавме за тоа, веднаш почнавме да бараме список на земји кои не бараат визи од нас и од кои можеме да летаме за Мексико. Ги избравме Обединетите Арапски Емирати. Со нашите руски пасоши можеме да патуваме без визи во ОАЕ и Мексико“, раскажува Салтанат.
Салтанат не кажа дали имаат билети за сите периоди од нивното патување или дали следниот билет ќе го купат во Дубаи.
Видете и ова: Aнтимигрантското расположение во Русија во пораст откако за нападот во Москва се обвинети ТаџикистанциНејзиниот сопруг, кој поседува успешен градежен бизнис во Русија, сака да започне нов, подобар живот во САД. Сопружниците, и двајцата на возраст од 30 години, ќе ги следат нивните блиски пријатели и соседи, брачна двојка од Казахстан. Бидејќи рутата преку Истанбул повеќе не е возможна, пријателите на Салтанат исто така бараат алтернативни рути за да стигнат до Мексико, рече таа.
„Тие требаше да патуваат низ Турција и Бразил, а оттаму во Мексико преку некои јужноамерикански земји и да им платат на шверцерите. Сакаме еден ден да бидеме соседи во Америка“, рече Салтанат.
Салтанат е свесна за напорното патување пред неа, кое вклучува ризик од затвор, киднапирање или дури и смрт пред да стигне во САД. Дури и ако семејството стигне до САД, тие би можеле да бидат депортирани.
Но, нејзе не ја поколебале никакви ризици и вели дека „илјадници Руси и луѓе од Централна Азија стигнале до Америка, а само неколку биле депортирани“.
Сопругот на Салтанат планира да поднесе барање за азил поради фактот што се соочува со ризик да биде регрутиран во руската армија и испратен во војната во Украина.
Двојката слушнала од своите пријатели мигранти од Централна Азија во Соединетите Држави дека дури и да им биде одбиено барањето, ќе бидат потребни години за да се процесира нивниот случај и потоа повторно ќе можат да поднесат жалби.
Според сегашниот американски закон, повеќето баратели на азил добиваат дозволи за работа, додека нивните случаи се во тек во судовите за имиграција кои се недоволно финансирани и се борат со голем број незавршени случаи.
Салтанат и нејзиниот сопруг веруваат дека конечно ќе го остварат сонот да живеат и работат во Америка.