Во деновите веднаш по целосната инвазија на Русија врз Украина, во февруари 2022 година, провоен транспарент со латинската буква „Z“ се појави на фасадата на драмскиот театар во центарот на сибирскиот град Иркутск.
Тоа беше само еден од илјадниците слични „џиновски“ знаци со новиот симбол на Кремљ за демонстрација на поддршка за војната и политиката на претседателот Владимир Путин, што локалните администрации ги исфрлија во тоа време.
Критичарите на често агресивно покажуваниот симбол „Z“ го гледаат како фашистички амблем на лојалност и милитаризација наредена од државата, со потсмев нарекувајќи го како „Свастика“.
Многу месеци, транспарентот со овој знак се вееше на ветрот од зградата. Но, во мај, локалните медиуми објавија дека претставниците на градската театарска заедница тивко испратиле две барања до општинските власти истиот да се отстрани. Според нивните писма, транспарентот бил на удар на вандали кои фрлале јајца полни со зелен антисептик наречен зелјонка, наводно оштетувајќи ја историската структура.
Кабинетот на градоначалникот ги игнорираше жалбите, но Вадим Палко, кој води локален канал за вести на Телеграм наречен „Иркутск блог“, започна јавна кампања со барање да се отстрани огромниот транспарент, привлекувајќи 440 поддржувачи.
Кон крајот на минатиот месец, заменик-градоначалничката Татјана Макаричева испрати одговор во кој ги отфрла жалбите, тврдејќи дека транспарентот „ја брани татковината, народот и нашите традиции“. Таа, исто така, мрачно предупреди дека „негативните изјави“ за симболот „Z“ може да бидат кривично гонети според законодавството кое го криминализира „дискредитирањето на вооружените сили“.
Но, борбата за отстранување на банерот „Z“ од театарот „не е завршена“, изјави Палко за рускиот сервис на Радио Слободна Европа, Siberia.Realities.
„Според нашиот план, сега подготвуваме нови писма до обвинителството“, вели тој.
Растечкото противење на банерот од Иркутск и кампањата за отстранување на транспарентот и анегдотските докази дека вандалите го нападнале одекнуваат и преку слични приказни низ Русија кои би можеле да бидат показател за растечкиот умор на народот од скапата војна која се влече кон нејзината трета година од целосната инвазија, без јасен крај на повидок.
Покрај тоа, сега помина повеќе од една година откако Владимир Путин прогласи воена мобилизација во септември 2022 година и ја донесе војната директно дома кај стотици илјади Руси.
„Немаше поддршка дома за војната од почетокот“, рече Алексеј Иванов, жител на северозападниот град Сиктивкар, кој избега од Русија откако се соочи со кривична пријава затоа што нарекол полицаец „фашист“ за време на малиот антивоен протест во февруари 2022.
Видете и ова: Мора да ја запреме омразата - малкумина Руси се осмелија да се против инвазијата на Украина„Првиот знак Z на автомобил го видов само во средината на април 2022 година. Тогаш имаше приказни за луѓе кои ги сечеа гумите на автомобилите со тие налепници. Од разговорите што ги имав, сè уште не гледаме широка поддршка. Така што, оваа вест воопшто не е изненадувачка“, вели Иванов.
„Еден од помалку опасните патишта“
Повеќе од една година, 17-годишниот средношколец Евгениј Фокин води кампања за да ги натера властите да ги отстранат банерите „Z“ од јавните простори во сибирскиот град Новосибирск. Кон крајот на мај 2022 година, тој успеа да ги убеди општинските власти да го отстранат транспарентот, бидејќи тврдеше дека ги прекршува градските прописи за рекламирање.
„По првиот транспарент, на истата зграда се појави нова верзија. Напишав втора жалба до администрацијата, велејќи дека банерот повторно не е во согласност со градските стандарди и мора да се отстрани“, рече Фокин за РСЕ.
На изненадување на Фокин, вториот транспарент исто така исчезна. Оттогаш, проценува тој, успеал да обезбеди отстранување на уште речиси 10, оставајќи го централното градско подрачје на третиот најнаселен град во Русија, главно без провоени транспаренти организирани од владата.
„Ситуацијата со транспарентите е толку подобра што речиси и да не останаа. Тие не закачуваат транспаренти што ги прекршуваат архитектонските стандарди, а оние што беа отстранети не се појавија повторно. Останати се само оние поставени на легално инсталирани платформи за рекламирање. Знаците „Z“ се отстранети и од речиси целиот градски превоз. Сè уште се во автобусите, но ги симнаа од трамваите и тролејбусите“, вели Фокин.
Својот успешен рекорд Фокин го припишува на фактот дека набргу откако ги започнал своите напори против банерите, бил ангажиран како помошник на независната членка на градскиот совет на Новосибирск, Светлана Каверзина.
„Кога заменик прашува, функционерите се обврзани суштински да одговорат. Плус, тие знаат дека заменикот може да ги потврди сите информации што ќе ги дадат и да крене врева доколку е потребно“, рече Фокин.
Во април, студентите на Државниот универзитет за архитектура и уметност во Екатеринбург, четвртиот по големина град во Русија, почнаа да собираат потписи за петиција за отстранување на банерот „Z“ од фасадата на нивното училиште. Непознати вандали дури и го исекле транспарентот и го попрскале со црвена боја.
Кога со петиција се собраа повеќе од 600 потписи, претставниците на универзитетот повикаа двајца од организаторите на кампањата и им наредија да состават писмено „објаснување“ упатено до локалниот огранок на Комитетот за анти-екстремизам на Министерството за внатрешни работи, познат како Центар Е, наведува извештајот на Медиазона. Тие одбиле, а деканот им рекол дека банерот „Z“ ќе остане на место.
Осум месеци подоцна, сепак, банерот „Z“ беше отстранет без објаснување.
Медиазона документирала слични случаи во Перм, Јарослав и Санкт Петербург.
„Се надевам дека ќе пишуваат и луѓето кои ги читаат моите објави и публикации на социјалните мрежи“, вели жителот на Санкт Петербург, Алексеј Лахов, кој водеше кампања против банерите „Z“ на улиците и во системот на метрото.
„Мислам дека е важно да се искористи овој тивок отпор затоа што мислам дека тоа е една од помалку опасните патеки“, вели Лахов.
На 17 ноември, шефот на Република Коми, Владимир Уиба, се пожали на својот канал Телеграм дека има премалку патриотски, провоени симболи во неговиот регион.
„Им наредив на сите државни агенции да ги поддржат нашите момчиња и да ги истакнат овие пароли. Но, транспортните компании ми велат дека нема да го направат тоа. Прашувам зошто. Тие одговараат: „Некој ќе ги скрши прозорците.“
„Тоа значи дека нашите момчиња умираат таму, а ние се плашиме од скршени прозорци“, вели Уиба.
Целосна едногласност?
Со оглед на строгите ограничувања на независните избори и фактот дека Русите долго време се условени да бидат внимателни во нивните јавни изјави, тешко е со сигурност да се процени степенот на јавната поддршка за војната во Украина.
Според агенцијата „Левада Центар“ во ноември, 67 отсто од Русите се изјасниле дека земјата „се движи во вистинската насока“, а 85 отсто го поддржуваат претседателот Владимир Путин.
Видете и ова: Црвени знамиња: Враќање на советските симболи кај руската војскаВо октомври, Левада откри дека 76 отсто од Русите или ја „поддржуваат“ или „се наклонети да ја поддржуваат“ војната, додека само 16 отсто рекле дека или се „против“ или „се стремат да се спротивстават“.
Меѓутоа, кога истата агенција во октомври ги прашала Русите кои се согласиле дека работите се движат во вистинска насока да прецизираат какви политики имаат на ум, само 14 отсто ја нарекле инвазијата „специјалната воена операција“, користејќи го задолжителниот еуфемизам на Кремљ за инвазијата на Украина.
Спротивно на тоа, меѓу малцинството кое рекло дека Русија се движи во погрешна насока, 45 отсто ја споменале војната во Украина, повеќе од која било друга причина за загриженост.
Во меѓувреме, семејствата на мобилизираните руски војници ги засилија своите протести низ целата земја во последниве недели, делумно организирани од телеграмскиот канал The Way Home, кој собра повеќе од 30 000 претплатници.
Друг канал на Телеграм документира тивки изрази на незадоволство од војната, вклучително и антивоени слогани испишани на валута или напишани во свежо паднат снег или вандализам насочени кон провоени плакати.
„Ако банерите „Z“ висат насекаде и никој ништо не кажува, тоа би значело дека свастиката е нормална. Но, ако некој се бори за нивно отстранување и започнува јавна дискусија, тоа значи дека нешто не е во ред со симболот, дека нема целосна едногласност“, смета активистот од Иркутск, Палко.
„Оваа борба им дозволува на луѓето кои не ја прифаќаат војната да се чувствуваат дека не се сами или немоќни. И ги тера и другите да размислуваат“, заклучува тој.