Од околу 5,5 милиони луѓе кои живеат во Санкт Петербург, вториот по големина град во Русија и родниот град на претседателот Владимир Путин, осум во моментов се соочуваат со кривични пријави според драконскиот закон во земјата за ширење „лажни“ информации за инвазијата на земјата врз Украина.
Еден од нив е 35-годишниот писател Всеволод Корољов, кому во моментов му се суди и потенцијално му се заканува затворска казна поради две објави на социјалните мрежи, во кои се наведуваат докази дека руски војници извршиле воени злосторства во украинскиот град Буча и на неколку други места.
„Мораме да го запреме овој бран на омраза. Прво и основно, во себе. Затоа што не води никаде“, напиша тој од затвор како одговор на прашањата на на РСЕ.
Во пресрет на масовната инвазија на Украина во февруари 2022 година од Москва, руската влада усвои низа остри закони кои го криминализираат несогласувањето. Законот за свесно ширење на она што државата го смета за лажни информации за вооружените сили, сега носи казна и до 15 години затвор.
Во јули 2022 година, локалниот московски пратеник Алексеј Горинов беше осуден на речиси седумгодишна затворска казна според законот. Неодамна, опозицискиот политичар Илја Јашин и блогерот на каналот Телеграм, Дмитриј Иванов, исто така беа осудени на долги затворски казни. Севкупно, 149 лица се соочија со кривично гонење според законот ширум Русија.
И покрај зголемените ризици од сериозни последици, сепак мал број Руси, како Корољов, продолжуваат да заземаат морален став против војната и против она што се случува во сè поавторитарната Русија на Путин. И тие се наоѓаат во судир со голем дел од општеството околу нив.
„Сигурно знам дека ако ја напуштав Русија, ќе се прекорев и ќе бев несреќен затоа што не направив се што можев“, изјави Корољов за РСЕ, додавајќи дека тој не сакал да ги критикува стотиците илјади Руси кои побегнаа од земјата од почетокот на војната.
„Таков сум јас. Се плашев дека никој нема да ме гушне“, изјави тој.
Гушни ме ако си против војната - транспарент на индивидуални протести
На 19 март, Никита Горбунов, 20-годишен претприемач во Ижевск, главниот град на руската област Удмуртија, се појави во јавниот парк држејќи натпис „Гушни ме ако си против војната“. Вели дека се плашел додека чекорел кон паркот, еден од најпопуларните места во градот.
„ Се сеќавам како одев со мојот завиткан знак и се плашев. Не знам точно од што ми беше страв, можеби поради тоа што не знаев што ќе се случи следно. Кога отидов да протестирам, се плашев дека никој нема да ме прегрне. Но, додека стоев таму, стравот ми исчезна. Многу луѓе ми пријдоа и ми изразија поддршка со своите прегратки. Секоја минута некој доаѓаше“. изјави тој за РСЕ.
Според неговите проценки на крајот речиси 50 луѓе го прегрнале во текот на еден час додека стоел таму пред полицијата да го одведе.
„Некој ми рече: „За жал, не можеме да го сториме истото“, рече Горбунов мислејќи на едно семејство со мали деца кое му пришло дури стоел со знакот.
Не сите минувачи беа толку сочувствителни.
„Помина еден пар и направи груб гест“, објасни Горбунов.
„Подоцна се вратија и почнаа да ме фотографираат. Потоа се приближија поблиску и почнаа да ме пцујат. Беше непријатно. Подоцна се покажа дека повикале полиција, па дури и дале изјава против мене“, рече тој.
Горбунов сега е под истрага под сомнение дека ги „дискредитирал вооружените сили на Руската Федерација“ затоа што држел натпис „Гушни ме ако си против војната“.
Со месеци откако Русија ја започна својата инвазија, Горбунов не протестираше во јавноста. Но, на 14 јануари руска ракета погоди станбена зграда во украинскиот град Днипро. Убиени се десетици луѓе, меѓу кои и шест деца. Тој вели дека имал роднини во тој град и дека одел често да ги посети.
„Морав да направам нешто. Ја изгубив вербата дека во Русија сè уште има нормални луѓе, но мојот протест го промени тоа. Се испостави дека има уште многу добри луѓе. Бев пријатно изненаден. Мојата верба е вратена. Не можев да молчам“, вели тој.
Студентка чека пресуда за лепење антивоени налепници на јавни места
На Олесија Кривцова, 19-годишна студентка од северниот град Архангелск, и се заканува затворска казна до 10 години за изјави кои ги испратила на разговор на социјалните мрежи со нејзините колеги од универзитетот, откако истите тие колеги ја пријавиле во полиција. Дури и пред да започне нејзиното судење, владата ја додаде на својата листа на „терористи и екстремисти“. Претходно, таа беше казнета за ставање антивоени налепници на јавни места.
Два месеци била во домашен притвор, принудена да носи уред за следење. Обвинителите побараа да ја одведат во притвор откако тврдеа дека купила билет за воз надвор од градот.
„Во текот на тие месеци, за прв пат во мојот живот почувствував вистински бес, слушајќи го истражителот во судот како лаже дека ги купувам тие билети”, вели таа.
Тогаш сфатила дека нема смисла да чека да биде испратена во затвор.
„Почувствував вистинска омраза. Разбрав дека никој нема да ме слуша. Тоа е она што ме одлучи. Во целосен очај донесов одлука да заминам“, изјави таа.
Студентката Кривцова го извадила уредот за следење од зглобот и избегала од земјата, завршувајќи во Латвија.
„Да не беше кривичното гонење, ќе останев во Русија. Но, порано или подоцна тоа сепак ќе се случеше. Не можев да молчам“, вели таа.
„Војна и мир“ е лекција како војната ги менува луѓето
Демонстрантот од Ижевск, Горбунов вели дека неговите роднини ја поддржуваат неговата антивоена позиција, но многу негови познаници се оддалечиле од него.
„Имам пријател кој е прилично постар од мене, кој едноставно ме блокираше насекаде по мојата прва антивоена објава. Тешко е да се разговара со луѓето за војната“, заклучи тој.
Писателот од Санкт Петербург Корољов даде слична опсервација, велејќи дека романот на Лео Толстој „Војна и мир“ го научил многу за тоа како војната ги менува луѓето и општеството.
„Застрашувачки е да се слушне како луѓето сега зборуваат за други човечки суштества и што велат дека се подготвени да им направат“, напиша тој во своето писмо од затвор. „Тоа е бездна од која ќе биде многу тешко да се излезе.
Автор: Роберт Коалсон