Тешко до доверба во институциите кога партиите го имаат главниот збор

Илустрација

Сѐ додека владее неказнивост и неодговорност за лошото работење и сѐ додека партиите поставуваат свои луѓе на раководни позиции, ќе има ниска доверба во институциите, вели Марко Трошановски од Институтот за демократија, чие последно истражување покажува дека македонските граѓани имаат најниска доверба во судството, Владата и Собранието. Недоверба „уживаат“ и македонските политичари.

Недовербата на граѓаните во македонските политичари, а се повеќе и во институциите на системот е во пораст, што ја потврди последната анкета на Институтот за политички и социолошки истражувања. Дури 39,7 отсто од анкетираните одговориле дека немаат доверба во ниту еден политичар, а 12,1 отсто не знаеле што да одговорат на ова прашање.

И оние граѓани кои ние ги прашавме, велат дека се поретко ги интересира што кажуваат политичарите, зошто, како што велат, искуството покажало дека не треба да им се верува.

„Денеска едно кажуваат, утре друго. Зошто не си стојат на зборот, не разбирам. Ништо не прават како што кажале, или пак спроведуваат нешто што друг ќе им каже. И како да им веруваш, денеска ти викаат така ќе биде и ти се надеваш, правиш планови дека така ќе биде, кога по месец дена, друга приказна. И на кого да му веруваш, на Претседател, Премиер, на кого?“, прашува скопјанецот Митко.

„Политичарите треба да направат да ни биде добро. Јас ќе му верувам на оној политичар кој ќе направи нешто добро за мене, за моите деца, за мојата иднина. Ќе им верувам кога ќе им повеќе работни места, повисоки плати и подобар стандард“, вели Иљас, продавач од Скопје.

„Веќе не ми е интересно да ги следам, сѐ едно те исто зборуваат. Постојано слушаме ЌЕ, ќе направиме ова, ќе направиме она...и на крај пак ништо не прават. Ете затоа не ги слушам и не им верувам на политичарите“, вели пензионерката Ленче.

А, недовербата кон политичарите оди паралелно со недовербата која македонските граѓани ја покажуваат кон институциите. Граѓаните најмалку им веруваат на судскиот систем, Собранието и Владата, покажало неодамнешното истражување на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ и Националниот демократски институт (НДИ). На скалата од 1 до 10 најмногу доверба имаат во војската од 5,1 отсто, добро котира и локалната власт со 4,2 отсто, а на дното е судството и обвинителството со 2,7 % доверба.

Од друга страна пак, највисока доверба меѓу граѓаните имаат верските заедници, војската и полицијата.

Видете и ова: Државата во погрешен правец

Недовербата во институциите е резултат на нивната партизираност, убеден е извршниот директор на Институтот за демократија Марко Трошановски.

„Довербата во институциите е во континуиран пат последните неколку години, како што се намалува перспективата на луѓето за подобар живот и насоката во која се движи земјата. Најголем пад имаат судските инстанци, но и политичките партии, кои граѓаните ги перципираат како организации во кои се штитат личните или бизнис интересите“, вели Трошановски.

И овие податоци не се изненадување. Пред неколку месеци и анкетата на ИРИ покажа дека најмалку доверба, граѓаните, освен во политичките партии и во парламентот, имаат и во судството и јавното обвинителство. Анкетата покажа дека за двојно, во рок од една година е зголемена и бројката на граѓаните кои сметаат дека државата оди во погрешна насока, односно, од ланските 30 отсто, на сегашни 58 отсто.

Уште „подраматични резултати“ дава истражувањето на Институтот за демокраија и НДИ, кое покажало дека повеќе од две третини сметаат дека животот во државата се движи во погрешна насока (69%), додека најпесимистички настроени се жителите од Вардарскиот регион (80%).

Перцепцијата на доминантен дел од анкетираните граѓаните, односно дури 79 отсто од нив е дека пратениците се целосно или делумно зависни од волјата на лидерите на политичките партии од кои доаѓаат.

Немањето одговорност, неказнивоста на тие кои работат лошо, но и партизацијата на институциите се главните причини поради кои опаѓа довербата во институциите, смета Трошановски, а довербата во институциите, според него, се гради со конкретни мерки.

„Ако институцијата испорачува административна услуга за којашто не мора да доплатите за да ја добиете, не мора да чекате со месеци, нема да ви биде згрешен изводот од матично четири пати, довербата сама по себе ќе се врати. Дигитализација на административните услуги е едно од решенијата за поголема доверба“, смета Трошановски.

Видете и ова: Недопирливи директори и селективната одговорност на Владата

Од друга страна, Законот за висока раководна служба кој веќе подолго време е заглавен во институциите и неговото донесување постојано се одложува, на партиите треба да им ги скрати можностите да поставуваат свои (партиски заслужни) луѓе на раководни позиции во институциите, а токму тоа според упатените ќе помогне да се намали јазот меѓу институциите и граѓаните.

Инаку и самиот закон заглави во министерските смени, делумно и како резултат на коалициите. Беше најавен од Министерството за информатичко општество во 2018 година кога министер беше Дамјан Манчевски од СДСМ. Процесот забави во 2020 кога на министерското столче седна Јетон Шаќири од ДУИ, за следната година на истото место да дојде Адмирим Алити од Алтернатива, како резултат на влегувањето на оваа партија во владината коалиција. Во моментот Министерството за информатичко општество го води Азир Алиу, од Алијанса за Албанците.

Во однос на најважните институции во политичкиот систем, Претседателот на државата има највисока доверба, но генерално, може да се забележи ниска доверба во сите општествени чинители и државни институции, се наведува во истражувањето на Институтот за демократија.