Се бројат деновите до крајот на мандатот на третата техничка Влада во Северна Македонија. Владиниот кабинет на Талат Џафери, формиран сто дена пред парламентарните избори на 8 мај, може да биде и последниот од таков тип ако се остварат најавите на новата власт за укинување на овој инструмент воведен во 2016 година.
Дел од аналитичарите сметаат дека времето за тоа е дојдено бидејќи земјава повеќе не е „заробена држава“ како што констатираше меѓународната заедница, но и затоа што ваквата техничка влада во пракса се покажува како нефункционална и често се злоупотребува за партиски поени. Кај политичките актери, пак, нејасно е дали има консензус за таа да се испрати во историјата.
Видете и ова: Границата меѓу државата и партијата „тенка“ во изборитеВМРО-ДПМНЕ е „за“, СДСМ ќе чека предлог
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за формирање нова влада Христијан Мицкоски најави дека законски измени за укинување на техничката влада е на листата законски измени што како пратеничка група или коалиција планираат да ги поднесат во Собранието.
„Ние уште пред изборите имавме јасен став дека нема потреба од техничка влада. За жал тогаш не наидовме на поддршка од тогашното владино мнозинство“, рече Мицкоски на 5 јуни.
Партијата тоа го вметна и во својата изборна програма, а како објаснување наведе го наведува тоа што „концептот на техничка влада се покажа како креатор на дополнителни кризи, неефикасност, поларизација и нефункционалност на институциите“.
Најавуваат и „поширока дискусија со сите политички чинители“.
СДСМ, пак, засега нема став. Актуелниот пратеник и координатор на пратеничката група, Оливер Спасовски, кој беше министер за внатрешни работи во првата и премиер во втората техничка влада, вели дека ќе почекаат да го видат евентуалниот предлог од ВМРО-ДПМНЕ, па потоа ќе изградат став.
Премиерот на техничката влада, Талат Џафери, пак, до објавување на текстот не одговори на нашите прашања дали смета дека техничката влада е функционална и ефикасна и треба ли да се укине.
Видете и ова: Границата меѓу државата и партијата „тенка“ во изборитеОд крајот на јануари кога беше формирана, владата предводена од него одржа 25 седници. Последната, вонредна, ја одржа на 10 јуни и даде препораки за ослободување од работа на ризичните категории граѓани поради топлотниот бран во неколку општини во државата. Во нешто повеќе од пет месеци, премиерот Џафери одржа четири прес-конференции во владата, низа пртоколарни средби, имаше неколку обраќања на настани и церемонии... Забележливи беа и бројните увиди во градежни работи кои ги правеше во текот на изборната кампања во места каде преовладува албанското гласачко тело...
Со завршување на изборите, од составот на оваа влада заминаа четворица министри од СДСМ кои станаа пратеници. По сила на закон, со објавувањето на конечните резултати од изборите претходно завршија мандатите за функционерите од ВМРО-ДПМНЕ кои ги предводеа министерствата за внатрешни работи и за труд и социјална политика, како и дополнителните-заменици (двајца од СДСМ и тројца од ВМРО-ДПМНЕ), во пет ресори.
Техничка и без политички капацитет
Универзитетскиот професор од областа на административното право и јавната администрација при Правниот факултет во Скопје, Борче Давитковски, смета дека до оваа техничка влада не требало ни да дојде односно требало да се укине уште пред две години бидејќи веќе е „надмината“ ако се земе предвид дека целта, кога се воведуваше како инструмент во 2016 година, била да организира фер и демократски избори.
Во тогашната политичка криза, во Македонија престојуваше и експертот за владеење на правото на Европската комисија, Рајнхард Прибе, кој констатираше дека имаме „заробена држава“ и даде препораки за реформи.
„Мислам дека сега е дојдено време за укинување на техничката влада. Очигледно таа сега веќе и се злоупотребува. На пример, актуелни функционери како техничкиот премиер и други се јавуваат со две својства – еднаш како премиер, еднаш како пратеник. Ниту сака да се откаже како пратеник ниту како премиер. Горе-долу, сите видоа дека се крши Уставот“, вели Давитковски за Радио Слободна Европа.
Видете и ова: Пратеникот Џафери ќе го контролира премиерот Џафери?Уште една причина за укинување која универзитетскиот професор ја потенцира е што техничката влада нема политички капацитет да интервенира во ситуации на криза, како што е на пример во актуелниот случај со хаосот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје и нефункционалноста на хируршките сали.
„Техничката влада има мандат само да спроведе избори. Ако зборуваме за политичка влада која ги изгубила изборите, но согласно нашиот Устав, дури не се избере нова, старата влада продолжува и таа ќе има политички капацитет и ќе може да интервенира како што е пример, во ситуацијата со Клиничкиот центар итн. Техничката влада само е во функција на избори, не може да врши кадровски разместувања, да прави тендери итн.“, вели Давитковски.
Прашањето за нужноста од техничката владата во јавноста се отвораше неколку пати, а се покрена и во пресрет на последните парламентарни избори. Сепак, на 28 јануари Собранието ја изгласа владата на чело со Џафери. Несогласувања, надитрувања за кадровските прашања и обвинувања и искри меѓу владините членови и партиите, се меѓу работите на кои сведочеа граѓаните во предизборието.
„Наместо на граѓаните, оваа техничка влада им служи на партиите и на нивните изборни стратегии. Техничка влада значи влада од непартиски кадри кои би преземале ресори за непристрасно водење на институциите. Технократијата тоа подразбира – влада составена од експерти на дадените области, на најдобри познавачи на таа област, кои може да бидат предложени од политички партии, но да не ги застапуваат исклучиво нивните интереси“, изјави за РСЕ политичкиот аналитичар Џелал Незири два месеци формирањето на владата.
Дел од клучните министерства за техничката влада се реорганизираа
Според Законот за Влада, сто дена пред избори се формира нова техничка или преодна влада. Во неа, премиерот доаѓа по предлог на актуелната власт, а во пет министерства, кои беа определени како клучни, раководат кадри и од опозицијата и од власта. Таму каде министерот е од едната, дополнителниот заменик министер е од другата партија, и обратно. Станува збор за министерствата за: внатрешни работи, за труд и социјална политика, за финансии, за информатичко општество и администрација и за земјоделство.
Видете и ова: Отворени прашања за реорганизацијата на ВладатаДел од овие институции,со последните законски измени донесени ноќта меѓу 7 и 8 јуни, предложени од Христијан Мицкоски, ќе претрпат реорганизација и промена во надлежностите. Министерството за труд и социјална политика ќе стане Министерство за социјална политика, демографија и млади, а секторот труд ќе оди во надлежност на Министерството за економија. Министерството за информатичко општество и администрација, пак, се дели на две – едно за дигитална трансформација и едно за јавна администрација.
Претходните две технички влади беа формирани пред предвремените избори во 2016 – предводена од Емил Димитриев од ВМРО-ДПМНЕ, и во 2020 – на чело со Оливер Спасовски.
Актуелната предводена од Џафери треба да замине кон крајот на јуни до кога се очекува да се изгласа владата што треба да ја предложи мандатарот Мицкоски.