Актуелниот претседател на Собранието и иден технички премиер Талат Џафери во сабота (27 јануари) планира да го предложи составот на новата Владата. Гласањето за неа во парламентот се очекува да се случи в недела (28 јануари) кога истекнува законскиот рок од 100 дена пред парламентарните избори да се избере нова преодна влада.
Изборите треба да се одржат на 8 мај 2024 година, а датумот беше договорен на лидерска средба уште на 4 декември лани. Тоа значи дека уште тогаш беше познато оти на 28 јануари треба да се избере техничка влада, но и по речиси два месеци владиниот состав не е целосно познат, а партиите секојдневно се надмудруваат дали и кој треба да гласа за него во парламентот. Денеска, кога остануваат уште четири дена до изборот на техничка влада, по координација на пратеничките групи кај Талат Џафери, од Собранието официјално го соопштија планираниот календар со активности – оставки, нивно констатирање, доделување мандат, предлагање и гласање за нова влада.
Видете и ова: Ковачевски брои денови како премиер – кои се процедурите за преодна влада?Непотребни тензии и политички калкулации
Неизвесноста и чекањето „пет до дванаесет“ за да се соопштат одлуките и плановите, не е нешто непознато за македонската јавност. Во одредени случаи во прашање е време за преговори меѓу политичките партнери, но некогаш има и непотребни калкулации и тензии, сметаат дел од политичките аналитичари со кои разговаравме.
„Едно е техничка влада и тука се создава проблем каде што не треба. Едноставно, ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе кандидатури за тие технички министри и мнозинството треба да ги изгласа, а сето тоа за некакви празни места и тие работи, тоа се глупости. Не познава нашиот устав ниту правото, празни места. Едноставно непотребно се прави обид да се создадат тензии. Како и претходно кога се гласале пржински влади нека си се изгласаат, си има владејачко мнозинство и тоа е тоа. А, кога се прави политичка влада тоа е друго и зависи од повеќе фактори“, вели аналитичарот Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања.
Во случаите со формирање влади после избори, тој нагласува дека зависи од тоа дали доаѓа до промена на власта или не. Нормално, според него, е да треба повеќе време ако опозицијата доаѓа на власт за да се договори со коалициските партнери. Но, и да не се менува актуелната власт многу зависи од тоа какво ќе биде мнозинството, вели Божиновски.
Аналитичарот Сефер Селими исто така нагласува дека во прашање се политичките калкулации на самите партии, па дури и кога е во прашање техничка влада.
„Мислам дека тоа се случува претежно кога има заткулисни игри и калкулации на политичките партии и тоа некако би звучело нормално поради тоа што секогаш се создава коалиција која некогаш е и доста различна, со различни ставови по официјални прашања. Затоа мислам дека се искористуваат сите можни рокови и време кое им е во располагање за што подобро да може да ги калкулираат своите политички потези“, вели Селими.
Видете и ова: Десетици закони и одлуки во Собрание чекаат „брзи прсти“ВМРО-ДПМНЕ одлучува за кадрите, Џафери вели ќе ги предложи
Номинацијата на Талат Џафери од ДУИ за премиер во техничката влада од партијата ја објавија на 8 декември, односно пет дена по лидерската средба на која се договори датумот за избори. Од СДСМ своите кандидати ги соопштија на 26 декември.
ВМРО-ДПМНЕ вечерта на 24 јануари по седница на Извршниот комитет ги соопшти своите предлози за министри и заменици министри.
За министер за внатрешни работи во техничката влада го предлага адвокатот Панче Тошковски. За министер за труд и социјална политика ВМРО-ДПМНЕ го предлага Ѓоко Велковски, кој долги години работел во ова министерство, а кусо беше и секретар на Град Скопје.
Според законот за техничка влада освен двајца министри, за внатрешни и за труд, ВМРО-ДПМНЕ треба да предложи и тројца заменици министри – за финансии, за администрација и за земјоделство.
ВМРО-ДПМНЕ го предлага Стефан Андоновски за местото во Министерството за администрација, Цветан Трипуновски во Министерството за земјоделство и Елена Петрова за во Финансии.
Партијата има свои предлози, но како што веќе се изјасни, нејзините пратеници нема да гласаат за владата бидејќи сметаат дека Џафери е недостоен за функцијата. Премиерот и лидер на СДСМ, пак, во еден од своите јавни настапи посочи на сценарио да се предложи влада, но местата на опозицијата да останат празни ако ВМРО-ДПМНЕ реши да не гласа.
Идниот премиер Џафери, пак, денеска на брифинг со новинарите порача дека Владата ќе биде во склоп на Уставот и законите. Дел од неа ќе биде и опозицијата.
„Ако има предлози, ќе бидат“, дециден е Џафери за тоа дали во неа ќе бидат и двајца министри од ВМРО-ДПМНЕ.
Законот за Влада во членот 3 предвидува дека „мандатарот предлага министри за секое од министерствата утврдени со закон и министри без ресор“.
Видете и ова: Седум дена до техничка влада, ВМРО ДПМНЕ против Џафери за премиерТехничката влада предводена од Џафери, ќе биде трета, по тие на Емил Димитриев во 2016 и на Оливер Спасовски во 2020 година. Тогаш беше воведена поради недовербата во изборниот систем, а по избивањето на аферата со масовното прислушување и политичката криза во земјава.
Првата ваква влада во 2016, кога власта ја имаа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, беше избрана без поддршка од тогаш опозицискиот СДСМ. Ковачевски, како актуелен лидер на социјалдемократите вчера рече оти тогаш биле други условите и Собранието било злоупотребувано од страна на власта.
Денот Д за оставки
Но, за да дојде до изборот на третата техничка влада во Собранието мора да се завршат неколку други процедури.
Утре, 25 јануари, како што вели Џафери е „Денот Д“ – оставки ќе си поднесат и тој и премиерот Ковачевски.
Прво, предвидено е утре да се архивира оставката на Ковачевски. Џафери веднаш ќе го извести претседателот на државата Стево Пендаровски дека владата поднела оставка, а ќе го овласти потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски, да претседава со пленарната седница закажана за в петок (26 јануари). По овие два потези, Џафери ќе ја поднесе и неговата оставка, но само од функцијата претседател на Собранието што значи дека остане пратеник уште три дена.
На седницата в петок со која ќе раководи Мисовски, ќе се констатираат оставките на владата и на Џафери. Потоа, некој од пратениците од власта ќе го предложи актуелниот координатор на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески за нов претседател на Собранието и мнозинството ќе го избере. Митрески, формално ќе го информира Пендаровски дека е пополнето претседателското столче во парламентот, а во име на коалицијата шефот на државата ќе добие известување и дека Џафери е нов мандатар.
Уште истиот ден (петок – 26 јануари), Џафери очекува Пендаровски да му го додели мандатот, а потоа тој како иден премиер во сабота претпладне до Собранието да испрати предлог за состав на владата и владина програма.
Очекувањата се во недела на пленарна седница да се избере владата. Веднаш потоа, предвидено е да се одржи уште една владина седница за да се изберат замениците и дополнителните заменици-министри.
Со изборот на новата влада, ќе заврши и мандатот на Џафери како пратеник, па Државната изборна комисија ќе треба да констатира кој е следен од листата на ДУИ од петтата изборна единица од изборите во 2020 г. На негово место како пратеник треба да влезе Муса Ибраими, кој е поранешен новинар.
Видете и ова: Даштевски: Двојните избори ќе чинат 12 милиони евраСпоред Законот за Влада, актуелната власт ќе има свои дополнителни-заменици министри онаму каде што опозицијата ќе има министри (за внатрешни работи и за труд и социјална политика). За овие места, како што е веќе познато, СДСМ ги номинираше – актуелниот шеф на кабинет на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, Митко Бојмацалиев за дополнителен-заменик во МВР, а актуелната министерка за труд и социјална политика Јована Тренчевска ќе биде дополнителна заменичка во истиот ресор.
Останатите министри и заменици треба да останат исти како што се и во сегашната влада.
Џафери и министрите во неговата влада, ќе останат на функција до формирањето на новата, по изборите на 8 мај. Мандатот на дополнителните заменици-министри, пак, ќе заврши порано односно со објавувањето на конечните резултати од изборите.
На 8 мај, покрај за парламентарни, ќе се гласа и во втор круг претседателски избори. Првиот круг од трката за шеф на државата, пак, ќе се одржи на 24 април.
Ова ќе бидат 11. парламентарни, а осми по ред претседателски избори на кои граѓаните ќе гласаат непосредно од осамостојувањето на државата во 1991 година.