Првите македонски државјани од Израел во раните утрински часови пристигнаа во земјава, потврдува за РСЕ Елизабета Георгиева од Велес, која беше дел од групата туристи од земјава кои минатиот петок отпатувале во посета на Тел Авив.
Георгиева всушност е дел од деветмината македонски државјани од Велес, за кои синоќа и македонските власти соопштија дека се пристигнале во Тирана со специјалниот лет на Владата на Албанија.
Георгиева вели патувањето назад било безбедно и добро организирано, но ги опишува и моментите на страв кога започнало бомбардирањето.
„Во 4 часот наутро пристигнавме во земјава, немаше проблеми, се беше добро организирано благодарение на нашиот амбасадор во Израел, кој набргу откако го контактиравме направи напори и ние да бидеме дел од летот организиран од албанската Влада. Во Израел пристигнавме во петокот, бомбардирањето започна во сабота и ние веднаш се испаничивме. По првиот контакт со амбасадата ни рекоа дека треба да почекаме, а откако и во медиумите во неделата видовме дека се случува војна повторно ја контактиравме амбасадата, по што ни беше кажано дека ќе можеме да се вратиме во земјата и дека треба веднаш да се упатиме кон аеродромот“, раскажува Георгиева.
Видете и ова: МНР - 20 македонски државјани го напуштија Израел, се проценува дека има меѓу 100 и 200Министерството за надворешни работи потврди дека покрај групата туристи од Велес, вкупно 20 наши државјани вчера го напуштиле Израел, додека над 100 веќе пријавиле дека сакаат да се вратат назад во Македонија.
„Преку различните транспортни канали, во текот на вчерашниот ден 20 наши државјани го напуштија Израел, додека бројката на пријавени граѓани кои сакаат да заминат надмина 100. Во овој момент, поголемиот дел од овие граѓани се наоѓаат на локации кои се сметаат за безбедни, а околу дваесетмина од нив, веќе имаат обезбедено билети за некои од комерцијалните редовни или чартер летови кои се на располагање“, велат од МНР.
Додаваат дека сепак има и неколку граѓани од земјава кои се наоѓаат во критични подрачја, но не откриваат колку се и каде.
„Неколку граѓани, во рамките на нашите контакт точки се пријавиле дека се наоѓаат во деловите на земјата кои беа опфатени со насилните дејствија и се сметаат за небезбедни. Нашата амбасада во Тел Авив, како и контакт центарот во Скопје е во постојан контакт со нив и активно се работи за да се обезбеди нивен трансфер на безбедна локација, од каде би можеле да бидат упатени кон дома“, додаваат од МНР
И во последното соопштение на МНР, повторно се нотира дека бројката на Македонци кои се наоѓаат во Израел се движи помеѓу 100 и 200 граѓани.
Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека бројот на македонски државјани кои се јавуваат во амбасадата постојано расте.
„Имаме дел од граѓаните кои се лоцирани, но и некои со кои не е стапено во контакт и на тоа се работи во моментов. Се работи на нивно излегување од Израел и безбедно враќање дома. Досега имаме воспоставено контакт со 50 наши сограѓани, но бројката се зголемува бидејќи таму има и студенти, како и градежни работници кои работат“, истакна Ковачевски.
По случувањата во Израел пак, во Министерството за надворешни работи е формиран кризен штаб чија задача е да ги следи и координира сите постапки поврзани со нашите државјани, на кои им е потребна помош или асистенција, за нивно безбедно евакуирање.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Најголем дел од Македонците се во Тел Авив, Амбасадата ги лоцира преку контакти
Љупчо Тасевски е македонски државјанин од Скопје кој веќе четири години живее и работи во ресторан во Тел Авив. Тасевски е еден од Македонците кој и во екот на војната во Израел нема намера засега да побара да се врати назад во земјава.
„Состојбата во Тел Авив и околината каде што сме дојдени за поголемиот дел од Македонците на привремена работа е безбедна. Се слушаат сирени, едни пријатели од Куманово ми кажаа дека во последните 24 часа неколку пати биле во скривница. Луѓето се дисциплинирани, се почитуваат протоколите, кога има узбуна сите еден по еден излегуваат. Кај мене ресторанот не работи, но јас моментално сум ангажирам да го чувам. Преку ден сум во ресторанот и внимавам на работите што се надвор - маси и столови, но се чувствувам безбеден бидејќи внатрешниот дел од ресторанот ни е како скривница, па и пред години кога имаше бомбардирања, луѓето од плажи доаѓаа да се кријат токму овде“, раскажува Тасевски за РСЕ.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Тој вели дека иако се чувствува безбеден, се наоѓа во постојана комуникација со македонскиот амбасадор во Израел, а вели веќе проследил и контакти до него од неколку наши државјани кои му се јавиле.
„Дел од Македонците кои се овде преку амбасадата побараа да се вратат во земјава. Амбасадата е експедитивна, ме контактираа мене лично и побараа да споделам информации и контакти за сите кои сакаат да се вратат. Досега отприлика четворица наши сограѓани ме контактираа, денеска четвртиот беше. Вчера амбасадорот ме замоли да најдам двајца од Аждот, па успеав да ги најдам преку еден агент за којшто работат, ги најдов и мислам дека веќе оствариле контакт со амбасадата. Не сум сигурен дали со вчерашниот лет на Србија, бидејќи Србија имаше еден хуманитарен лет, заминаа и тие и можеби веќе се заминати. Цимерката моја исто така го контактираше амбасадорот и таа побара евакуација, исто така едно семејство кои се подолго време таму побараа евакуација. Сите тие луѓе веќе имаат оставено број на пасош, чекаат повик, така што враќањето ќе се реализира“, вели Тасевски.
Евакуација на заглавени државјани од земјите од регионот
Состојбата во Израел ги мобилизираше и владите од регионот, кои од вчера ја започнаа евакуацијата на свои државјани по воените дејствија во Израел.
Досега српски државјани со три авиони со евакуираа назад во земјава, а рано утрово на аеродромот во Белград слета и третиот авион.
Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, за тамошните медиуми денеска соопшти дека утрово со вонреден лет 127 државјани на Србија се вратиле од Израел во Белград, а Брнабиќ истакна и дека се очекува утре уште еден авион од Тел Авив да слета во Белград.
Видете и ова: Државјанин на Србија полесно ранет во Израел, останатите се доброОд друга страна, авионот во организација на албанската Влада синоќа во Тирана донесе 40 патници од Тел Авив, меѓу кои имаше и косовски, но и македонски државјани, а албанската Влада најави нови летови доколку има потреба за евакуација на албански државјани од воените подрачја.
Од Грција пак, од евидентирани 149 државјани во Израел, 81 синоќа полетаа кон Атина со редовен лет, додека на безбедно во Софија веќе слетаа и 92-ца државјани на Бугарија, додека екипите на бугарската амбасада во Израел собираат информации од граѓаните кои допрва треба да бидат евакуирани.
Видете и ова: Неколку компании ги прекинаа летовите кон ИзраелПокрај овие земји, лет до Израел ќе организира и црногорската компанија „То Монтенегро“, а црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ вчера на Фејсбук напиша дека црногорската Влада и црногорското МНР веќе се со контакт со црногорските граѓани во Израел и се подготвува список на потенцијални патници кои се во таа земја. Хрватската Влада исто така соопшти дека работи на евакуација на план за евакуација на нивни жители заглавени во Израел.
Сето ова пак следува откако милитантите на Хамас на 7 октомври започнаа напад врз Израел, во кој досега има стотици мртви и илјадници повредени, а бројките постојано растат. Десетици борци на Хамас се инфилтрираа преку силно утврдената граница, а израелската војска по нападот гаѓа цели на Хамас во Газа.