Њујоршката полиција доцна синоќа (30 април) изврши рација на Универзитетот Колумбија и уапси десетици пропалестински демонстранти, од кои некои ја окупираа зградата на кампусот и го отстранија протестниот камп што училиштето „Ivy League“ се обидуваше да го растури речиси две недели.
Претседателката на Универзитетот Колумбија, Минуш Шафик, објави писмо во кое бара од полицијата да остане во кампусот најмалку до 17 мај - два дена по дипломирањето, со цел „да се одржи редот и да биде сигурно дека камповите нема повторно да бидат поставени“.
Во рок од три часа, кампусот беше исчистен од демонстранти, рече портпаролот на полицијата, додавајќи дека спровеле „десетици“ апсења.
„Слободна, слободна, слободна Палестина“, скандираа демонстрантите пред зградата.
Други извикуваа: „Ослободете ги студентите!“
„Колумбија ќе се гордее со овие студенти за пет години“, рече Сведа Полат, еден од членовите на „Апартхеид Дивест“ на универзитетот Колумбија, што претставува коалиција на студентски групи која ги организираа протестите.
Демонстрантите имаат три барања: Прекинување на соработка со компании кои ја поддржуваат израелската влада, поголема транспарентност во финансирањето на универзитетите и амнестија за студентите и професорите кои се дисциплинирани поради протестите.
Претседателот на Универзитетот Немат, Минуш Шафик, оваа недела рече дека Колумбија нема да се откаже од финансирањето поврзано со Израел. Наместо тоа, истакна дека се понудени инвестиции во здравството и образованието во Газа и потранспарентни директни инвестиции од Колумбија.
Универзитетот претходно предупреди дека студентите кои учествувале во окупацијата на зградата на кампусот се соочуваат со академско исклучување.
„Окупацијата“ започна во текот на ноќта кога демонстрантите ги скршија прозорците и насилно влегоа внатре. Осумкатницата, неокласична зграда е место на различни студентски окупации уште од 1960-тите години.
Видете и ова: Гринфилд: Предлог-резолуцијата за Палестинците ќе помогне во решавање на израелско-палестинскиот конфликтСтудентските протести пак на американските универзитети за поддршка на Палестинците некои ги сметаат за најзначајното студентско движење од протестите во 1960-тите против Виетнамската војна.
Зошто?
По неколку години спорадични студентски протести и маршеви низ градовите, кревајќи го својот глас за расна правда, борба против климатските промени и воведување контрола на оружјето, протестите поради војната во Газа на универзитетите ширум САД не престануваат, а по полицијата во некои кампуси уапсени демонстранти, додека Универзитетот Колумбија, каде што сето тоа започна, ги суспендираше студентите по ќор-сокакот во преговорите за ставање крај на демонстрациите.
Полицијата употреби солзавец и електрошокери на еден универзитетски кампус додека администраторите на некои од најпрестижните високообразовни институции во САД се бореа да спречат блокада.
Протестите беа предизвикани од гневот поради израелската офанзива на Газа, во која загинаа повеќе од 34 000 Палестинци. Израел ја започна офанзивата откако околу 1200 Израелци и странци, главно цивили, беа убиени и 253 други однесени во Газа како заложници кога Хамас, означен како терористичка организација од страна на САД и Европската Унија, ги нападна израелските позиции на 7 октомври минатата година во близина на границата со Појасот Газа.
Видете и ова: Хамас подготвува одговор на понудата за прекин на огнот во ГазаНиз американските кампуси каде избувнаа протести, студентите повикаа на конечен прекин на огнот во Газа, крај на воената помош на САД за Израел, дистанцирање на универзитетите од добавувачите на оружје и други компании кои профитираат од војната, и помилувања и амнестија за студентите и професорите кои се дисциплинирани или отпуштени затоа што излегле на протест.
Бура на универзитетите од источниот до западниот брег
Во текот на викендот (27 и 28 април) на североисточниот универзитет во Бостон, повеќе од 100 демонстранти беа уапсени, бидејќи одбиле да ги послушаат полициските наредби за отстранување на шаторите од универзитетските терени, соопшти полицијата. Кампот бил растурен од полицијата.
Североисточниот универзитет на платформата X напиша дека „демонстрациите биле инфилтрирани од професионални организатори кои немаат врска со универзитетот“.
Видете и ова: Француската полиција го растури пропалестинскиот протест пред СорбонаНа Универзитетот во Јужна Калифорнија, пропалестинските демонстранти се вратија во кампусот неколку дена откако полицијата беше повикана да ги расчисти демонстрациите во Алумни паркот на универзитетот.
Протестот, наводно, бил главно мирен, но администрацијата на универзитетот пријавила „вандализам“ во кампусот по саботните демонстрации.
Универзитетот соопшти дека кампусот бил вандализиран од „поединци кои се дел од група која продолжила да кампува илегално на кампусот“, додавајќи дека статуата и фонтаната биле оштетени.
Кампусот ќе биде привремено затворен за нерезиденти, соопшти универзитетот.
Проблемот со „антисемитизмот“
Протестите започнаа на Универзитетот Колумбија кога студентите поставија шаторски камп во колеџот „Ivy League“ во Њујорк на 17 април.
Полицијата првично се обиде да го расчисти кампот на 18 април, кога беа уапсени повеќе од 100 демонстранти. Како и да е, потегот на полицијата резултираше со контраефект, бидејќи ги поттикна студентите ширум земјата да демонстрираат, додека студентите од Универзитетот Колумбија се прегрупираа за да бараат бојкот на компаниите и поединците поврзани со Израел.
Од друга страна, некои еврејски студенти се пожалија на наводниот антисемитизам што го покажуваат одредени демонстранти.
Демократскиот претседател Џо Бајден, кој беше критикуван од демонстрантите за вооружување на Израел, им рече на новинарите во понеделникот (22-ри април) дека ги осудува и „антисемитските протести“ и „оние кои не разбираат што се случува со Палестинците“.
Поранешниот претседател Доналд Трамп, републиканскиот кандидат за изборите во 2024 година, ја нарече ситуацијата со демонстрациите во кампусот „хаос“, објави Ројтерс.
Во Колумбија, неколку организатори ја обвинија антисемитската реторика на надворешни лица кои не се поврзани со универзитетот кои застанаа зад демонстрантите.
„Ние сме фрустрирани од медиумските извештаи кои се фокусираат на поединечни поттикнувачи кои не не претставуваат нас“, велат „Студентите од Колумбија за правда во Палестина“.
Демонстрантите претставуваат голем предизвик за администрациите во високото образование кои се обидуваат да ја балансираат посветеноста на универзитетот за правата на слободата на говорот со жалбите дека протестите ја преминале црвената линија.
Видете и ова: Турција го ограничува извозот во Израел додека не дојде до прекин на огнот во ГазаПоддржувачите на Израел и другите загрижени за безбедноста на колеџските кампуси укажаа на антисемитски инциденти и тврдат дека кампусите поттикнуваат заплашување и говор на омраза.
„Никогаш не се плашев повеќе да бидам Евреин од сега“, рече Скајлер Сиерадски, 21-годишен студент по филозофија и политички науки на Универзитетот Џорџ Вашингтон, пренесува „Франс 24“.
Демонстрантите, вклучително и оние со еврејско потекло, го отфрлија антисемитизмот и ги критикуваа функционерите кои го поистоветуваат антисемитизмот со противењето на Израел.
„Луѓето што се тука го поддржуваат палестинскиот народ од различно потекло... поттикнати од нивното општо чувство за правда“, рече 33-годишниот дипломиран студент на Универзитетот во Тексас во Остин, кој рече дека е Евреин“, пренесе АФП.
Проблемот со слободата на говорот
Коренот на сите апсења и протести во Колумбија, како што пишува магазинот „Вокс“, лежи во прашањето за слободата на говорот.
Во сведочењето пред Комитетот за образование и работна сила на Претставничкиот дом во Вашингтон во средината на април, претседателката на Универзитетот Колумбија, Минуш Шафик, се бореше да ја најде линијата помеѓу обезбедувањето на безбедноста на студентите и заштитата на академската слобода.
„Ние веруваме дека улогата на Универзитетот Колумбија не е да ги заштити поединците од позиции што ги сметаат за непристојни“, рече таа, „туку наместо тоа да создаде средина каде што различните гледишта можат да бидат тестирани и оспорени“, истакна Шафик.
Видете и ова: Пораст на антисемитизмот ширум светотБранот пропалестински протести не само што претставува предизвик за пратениците кои ја зајакнаа заштитата на слободата на говорот на кампусите во последниве години, туку е и политички тест за законите и правните доктрини усовршени за време на ерата на граѓанските права и Виетнамската војна, пишува Политико.
„Генерално не можете да ги затворите државните универзитети поради говори, протести, маршеви, демонстрации“, рече во интервју за Политико Марк Ротенберг, адвокат на Хилел Интернешнл и поранешен функционер на Министерството за правда на претседателот Роналд Реган.
„Тоа е апсолутно јасно од долгогодишниот уставен преседан. Но, исто така, демонстрантите немаат право, вклучително и на државните универзитети, едноставно да одлучуваат како што сакаат“, додава тој.
Јавните универзитети се соочуваат со построги закони со првиот амандман за разлика од Колумбија, Јеил и другите приватни училишта.
И Тексас, Флорида и Индијана се меѓу дваесетината држави кои имаат некаква форма на закон за слобода на говор во нивните федерални устави, според Фондацијата за граѓански права и организацијата за застапување на слободата на говор.
Со крајот на семестарот во универзитетот Колумбија на почетокот на мај, официјалните лица на американскиот универзитет можеби сметаат дека демонстрациите спонтано ќе згаснат.
Но, студентите најавија дека планираат да продолжат додека не се исполнат нивните барања - училиштето да ги прекине врските со компаниите за кои велат дека профитирале од војната во Израел, вклучувајќи ги Мајкрософт, Гугл и Амазон, како и да го прекине партнерството со Универзитетот во Тел Авив.