Достапни линкови

Пораст на антисемитизмот ширум светот


илустрација, синагога
илустрација, синагога

Од нападот на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври, властите и одредени невладини организации во многу земји пријавија зголемување на антисемитизмот, додека големиот број цивилни жртви во Газа предизвикани од одговорот на Израел дополнително ги зголеми тензиите, пишуваат светските медиуми

Во Лос Анџелес, маж кој извикува „Убиј ги Евреите“ се обидува да упадне во семејна куќа. Во Лондон, на девојчињата на игралиште им беше кажано дека се „смрдливи Евреи“ и дека треба да се држат настрана од тобоганите. Во Кина на социјалните мрежи се множат објави во кои Евреите се споредуваат со паразити, вампири или змии, привлекувајќи илјадници „лајкови“.

Според Ројтерс, ова се примери на инциденти на антисемитизам кои нагло се зголемија низ светот по нападот на борците на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври и последователната војна против милитантната група што Израел ја започна во Појасот Газа.

Во земјите каде што се достапни податоци од полицијата или групите на граѓанското општество, вклучувајќи ги САД, Велика Британија, Франција, Германија и Јужна Африка, шемата е јасна: бројот на антисемитски инциденти од 7 октомври е зголемен за неколку пати повеќе во споредба со истиот период минатата година.

Поголемиот дел од антисемитските инциденти се состојат од вербална злоупотреба, онлајн навреди или закани, графити и оштетување на еврејски имот, бизниси или локации од религиозно значење, истакнува Ројтерс, додавајќи дека физичките напади заземаат значителен дел.

Најлошиот антисемитски инцидент на глобално ниво беше упадот на аеродромот во рускиот регион Дагестан во неделата (29-ти октомври) од лута толпа која сакаше да им наштети на Евреите по пристигнувањето на летот од Тел Авив.

Рабинот Александар Борода, претседател на Руската федерација на еврејските заедници, како одговор на овој инцидент рече дека антиизраелските чувства се претвориле во отворена агресија против руските Евреи. Без да се достигнат такви крајности, низа инциденти ширум светот, според Ројтерс, исто така ги покажуваат стравовите и тензиите кои ги засегаат еврејските заедници.

Во Буенос Аирес, од учениците во познатото еврејско училиште беше побарано да не ги носат вообичаените униформи за да не бидат лесно препознаени, велат родителите. Другите училишта ги откажаа планираните кампувања и активностите надвор од локацијата.

Во Јоханесбург, пропалестинските демонстранти маршираа низ област со голема еврејска заедница во саботата, кршејќи ги сликите на израелските заложници во Газа од ѕидовите на центарот на заедницата.

Во Кина, каде што владата рутински цензурира зборови или фрази за кои смета дека се чувствителни на социјалните мрежи, нема индикации дека презела какви било чекори за да го ограничи изливот на антисемитскиот гнев на социјалните мрежи, истакна Ројтерс.

Покрај овие, како што истакнува Ројтерс во друг текст, антисемитски инциденти во изминатиот месец се забележани и во Соединетите Држави, Канада, Бразил, Велика Британија, Франција, Германија и Холандија.

Антисемитизам во Соединетите Држави

Антисемитизмот во САД достигнува „историски нивоа“ по насилствата во Израел и Газа, ги пренесува Би-Би-Си зборовите на директорот на ФБИ, Кристофер Вреј.

Зборувајќи пред Сенатот на 31 октомври, Вреј рече дека 60 отсто од сите верски засновани злосторства од омраза се насочени кон Евреите. Тој додаде дека оваа бројка веројатно се зголемила поради гневот предизвикан од насилството во Газа.

„Еврејската заедница е цел на терористи од целиот спектар“, рече тој.

Официјални лица ширум Соединетите Држави и други земји забележале голем пораст на заканите насочени кон Евреите, истакнува Би-Би-Си, додавајќи дека на 31 октомври властите во Њујорк испрашувале едно лице по заканите кон еврејските студенти на Универзитетот Корнел.

Еден ден претходно, администрацијата на Бајден објави дека работи на борба против антисемитизмот и другиот говор на омраза во кампусите преку зголемување на комуникацијата со локалните, државните и федералните власти.

Нудејќи примери за закани со кои се соочува еврејската заедница, Вреј спомна еден човек уапсен во Тексас минатата недела поради обид да направи бомба и затоа што ја објавил својата поддршка за убиствата на Евреите, како и уште еден пример за човек уапсен во Илиноис за убиство на шестгодишно муслиманско момче.

„Длабоко вкоренет расизам“

Истражувањето спроведено меѓу еврејските заедници во Европа покажа дека 90 отсто од испитаниците веруваат дека антисемитизмот се влошува, пишува „Гардијан“.

Многу експерти за криминал од омраза укажуваат на длабоко вкоренети негативни идеи за Евреите кои, иако секогаш присутни, се појавуваат во моменти на социјален стрес.

Мајкл О'Флаерти, директор на Агенцијата за фундаментални права на ЕУ (FRA) вели дека „драматичните моменти во нашите општества предизвикуваат антисемитски одговори“ и дека „антисемитизмот е длабоко вкоренет расизам во европското општество“ што претставува егзистенцијална закана на еврејската заедница на континентот и основните цели на Европската Унија.

Неодамнешните податоци собрани од Лигата за борба против клеветата откриваат 300 отсто зголемување на антисемитските инциденти во Австрија.

Во Обединетото Кралство, лондонската полиција соопшти дека меѓу 1 и 18 октомври биле пријавени 218 антисемитски злосторства од омраза, 13 пати повеќе отколку во истиот период минатата година.

Една неодамнешна студија на Лигата, покажа дека антиеврејските ставови остануваат вкоренети во 10 европски земји, при што околу секој четврти човек има антисемитски верувања, особено лажни верувања за Евреите и парите и дека Евреите ги контролираат владите.

Евреите во страв по обидот за погром во Дагестан
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:21 0:00

Лигата за борба против клевета откри дека, од шесте земји испитани во Западна Европа, Шпанија остана земја со највисоки нивоа на антисемитски ставови, со 26 отсто од населението кои имаат широки антисемитски верувања, проследено со Белгија (24 отсто), Франција (17 проценти), Германија (12 проценти) и Велика Британија (10 проценти). Во Холандија, само шест отсто од испитаниците имале антисемитски ставови.

Во Источна Европа, Лигата откри високи нивоа на антисемитски верувања во Унгарија (37 проценти) и Полска (35 проценти).

Атмосфера на акутен страв

Веројатно од холокаустот, кој доведе до уништување на околу две третини од европската еврејска заедница, Евреите од Европа не живеат во атмосфера на толку акутен страв како денес, пишува Њујорк Тајмс.

Нападот на Хамас на 7 октомври врз Израел го разбуди потиснатиот ужас на еврејското население, кое, според њујоршкиот весник, сега е засилено од вознемиреноста од начинот на кој симпатиите на светот брзо се префрлија кон Палестинците во Газа кои беа убиени во израелските бомбардирања.

На митинг одржан на Бранденбуршката порта во Берлин на 22 октомври за поддршка на Израел, германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер рече дека „неподносливо е денес Евреите повторно да живеат во страв - кај нас, од сите места“.

Во неделата по нападот врз Хамас, германската федерална агенција која го следи антисемитизмот документирала 202 инциденти, што е за 240 отсто зголемување во однос на истиот период минатата година.

На отворањето на синагога во Десау на 22 октомври, германскиот канцелар Олаф Шолц рече дека е „огорчен“ од ширењето на антисемитска омраза и дека е срамно што повторно е потребна полиција за заштита на синагогите и другите еврејски институции.

Стравот е опиплив низ целиот континент, пишува Њујорк Тајмс, истакнувајќи дека тензиите „од Британија до Италија“ нагло се зголемиле.

Во Франција, дом на најголемата европска еврејска заедница, антисемитските напади се зголемија по нападот на 7 октомври, со регистрирани 819 дела и 414 уапсени, според Жералд Дарманин, францускиот министер за внатрешни работи.

Размерите на израелската одмазда, во која, според официјални лица во Газа, беа убиени над 8 000 Палестинци, предизвикаа реакции во јавноста. Сликите на мртвите палестински жени и деца се сеприсутни на социјалните мрежи и како што истакнува Њујорк тајмс, го поттикнуваат долгогодишниот гнев поради израелската контрола врз Палестинците на окупираниот Западен Брег и Газа.

Одраз на деструктивни сили

Бранот на глобална омраза насочена против Евреите не треба да се гледа само како реакција на настаните на Блискиот Исток туку повеќе како одраз на деструктивните сили кои ги растргнуваат американското и западноевропските општества, каде стабилноста и демократијата се веќе под притисок, според анализата на Си-Ен-Ен.

Напорите за спречување на антисемитските инциденти може да бидат проблематични бидејќи ужасите на Блискиот Исток продолжуваат да се развиваат, нагласи американски телевизиски канал, посочувајќи дека сцените на масакрот во палестинските заедници се закануваат дополнително да го намалат симпатиите на јавноста кон Израел во странство, а во некои случаи, придонесуваат за атмосфера на преземање ризик, влошување на вознемирувањето на Евреите.

Академските студии покажаа дека антисемитизмот во САД често се зголемува во време на криза, што укажува дека тој е всушност, латентна сила под површината во американското општество и дека му треба само поттик од некој настан за да се пробие надвор.

Во идеален свет, заклучува Си-Ен-Ен, критиките за воениот одговор на Израел во Газа би биле насочени само кон неговата влада, а не и кон Евреите ширум светот, од кои многумина се противат на тврдокорната влада на земјата. Меѓутоа, во пракса, антисемитизмот би можел да стане поприсутен во наредните недели.

XS
SM
MD
LG