Струја или храна - што ќе никне на плодните земјишта?

Илустративна фотографија.

Активистите од „Еко-свест“ ги критикуваат предложените измени на Законот за земјоделско земјиште, со кои велат дека ќе се загрози виталното земјоделско земјиште за изградба на енергетски проекти. Додека апелираат измените итно да се преиспитаат, ставот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е дека новиот закон ќе го штити квалитетното земјиште.

Со потпис на премиерот Димитар Ковачевски е донесена владина одлука за пренамена, со која над осум илјади метри квадратни нива станува фотоволтаична централа во Општина Радовиш. Оваа одлука е објавена во Службен весник на 27 октомври оваа година.

Само од почетокот на 2023 година, во Службен весник е објавено дека Владата донела и уште неколку други одлуки со кои дозволила земјоделско земјиште да се пренамени во градежно и овозможила на местото на нивите, освен енергетски објекти, да се изгради и еден хотел на неколку илјади метри квадратни во Свети Николе и една бензиска пумпа во гевгелискиот крај. Исто така 50 илјади метри квадратни земјоделско земјиште годинава се пренаменети за изградба на типска населба во Општина Брвеница.

И додека со владини одлуки во моментов илјадници метри квадратни земјоделско земјиште се пренаменуваат во градежно, граѓанските организации за заштита на животната средина се загрижени дека овој тренд дополнително ќе се забрза.

Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ реагира дека државата сака дополнително да ја олесни оваа процедура преку предложените нови измени на Законот за земјоделско земјиште, коишто Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) ги стави на увид на јавноста на крајот на октомври.

Со измените, велат од „Еко-свест“, ќе се олеснат критериумите за плодни земјоделски земјишта да стануваат градежни и кои ќе служат за производство на електрична енергија, што ќе значи ризик за производството на храна, зголемен увоз на овошје и зеленчук со непознато потекло и поголеми трошоци за граѓаните.

Видете и ова: Маврово – Како државна шума станува приватно градилиште

Каква надлежност има Министерството за зејоделство?

Од Министерството за земјоделство (МЗШВ) пак, го тврдат спротивното, односно дека Министерството со овој закон сака да спречи дополнителна пренамена на земјоделско земјиште за енергетски проекти.

Со овие измени МЗШВ за прв пат ќе добие одредби во закон со кои мислењето на Министерството за пренамена на земјоделско земјиште ќе има обврзувачко значење, велат од Министерството за Радио Слободна Европа.

Објаснувањето на МЗШВ е дека со досегашните одредби на Законот за земјоделско земјиште, мислењето на Министерството не било обврзувачко во случаите кога Владата носела одлуки за пренамена на земјоделско во градежно земјиште, или пак, кога земјоделско земјиште од прва и втора категорија било пренаменто во Деталните урбанистички планови на општините.

„Сега со измените што се прават, Министерството кога ќе даде негативно мислење за пренамена тоа ќе биде конечно и нема да има враќање назад. Единствен исклучок ќе се дава на земјиште, односно на инвестиција, којашто ќе се одреди како стратешка важност за државата, каде што исто Министерството претходно треба да даде мислење дали изградбата е неопходна и е од стратешка важност за државата. Ако и таму Министерството исто не даде позитивно мислење, понатаму таа инвестиција нема да продолжи“, велат од МЗШВ.

Еко свест - Сегашниот закон предвидува согласност, а новиот мислење

Но, „Еко-свест“ поинаку ги толкува предложените измени. Според нив, токму сегашниот Закон за земјоделско земјиште предвидува давање согласност, а дека со новите измени согласноста што сега ја има МЗШВ ќе биде сведена на мислење, што според организацијата е сериозна разлика во правната сила.

Природата на мислењето како акт е да биде советодавно, а не обврзувачко, вели Симона Трајковска од Еко-свест“ која објаснува дека новите измени исто така не предвидуваат мислењето да биде услов за пренамена на земјиште.

„Затоа не треба да не залажуваат дека ќе има разлика во издавање позитивно или негативно мислење. Со моменталниот закон, Владата не може да донесе одлука без да има предлог-одлука од МЗШВ која прави оценка на барањето за пренамена. Со измените, МЗШВ само ќе доставува информации што ќе бидат потребни за донесувачот на урбанистички план“, вели Трајковска за Радио Слободна Европа.

Видете и ова: Државата не се грижи домаќински за својот имот

Еко-свест реагира дека вака предложените измени на Законот за земјоделско земјиште ќе отворат можност за трајна пренамена на најплодно земјоделско земјиште во градежно за изградба на хидроелектрани, термоелектрани, нуклеарни електрани, ветерни електрани, електрани на биогориво, соларни и фотоволтаични електрани и дека со тоа ќе се ограничат локациите со плодна почва во државата, кои треба да обезбедат храна за населението.

„Плодните земјоделски земјишта никако не би смеело да се пренаменуваат во градежни земјишта за енергетски градби или индустриски објекти. Под влијанија на климатските промени, земјоделското земјиште има негативен тренд на деградација на почвите, со што се намалени приносите на храна и општата плодност на земјиштето, се загрозува егзистенцијата на земјоделците и се напуштаат земјоделски култури“, велат од „Еко-свест.“

Енергетските објекти може да бидат на деградирани локации

Од „Еко-свест“ велат дека веќе се подготвени повеќе научни студии кои покажуваат дека постојат многу локации во земјава соодветни за развој на нови енергетски проекти, а кои нема да бидат изградени врз земјоделските и други квалитетни природни површини, како на пример деградирани локации на земјишта од стари рудници, индустрии, одлагалишта на јаловина или стари депонии.

Токму оваа организацијата во соработка со МАНУ неодамна подготви Студија за детектирање на најдобрите локации за изградба на соларни и ветерни централи. Тие мапираа одржливи локации за развој на обновливи извори на енергија, насочени првенствено на некорисно и загадено земјиште во земјата. Од МЗШВ ни рекоа дека досега ја немаат анализирано ова Студија на „Еко-свест“.

Од МЗШВ велат дека со новиот закон нема да се гради на земјоделско земјиште без нивна сограсност, со исклучок ако инвестицијата е стратешка и на земја од трета и четврта категорија, но со услов во близината на парцелата да нема друга катастарска област со понизок ранг од трета и четврта категорија на земја.

Пренамена може да се даде ако се процени дека проектот е стратешки важен, а за да се добие позитивно мислење треба да бидат исполнети услови: на пример на земјиштето со тие фотоволтаици, или било кој друг енергетски објект, да може да се садат одредени култури, на пример на фарма или на нива да се постави фотоволтаик за потребите на систем за наводнување. Значи во никој случај не смее земјиштето да престане да биде обработувано. Тоа е услов и тоа е целта на законот“, велат од МЗШВ.

Видете и ова: ЕСМ отвора рудник за јаглен наместо да се затвораат термоелектрани

Но, Трајковска објаснува дека постапката за трајна пренамена на земјоделско земјиште е утврдена во моменталниот Закон за земјоделско земјиште. Во Член 49-а, вели таа, МЗШВ се должни да даваат согласност за трајна пренамена на земјоделско во градежно земјиште по доставено барање и потребна документаци.

Со предложените новите измени, додава Трајковска, наместо зајакнување на критериумите за пренамена, постапката се поедноставува и се менува Член 49, при што наместо „барање за пренамена на земјоделско земјиште во градежно земјиште, МЗШВ и надлежните институции со нов член добиваат обврска да „достават податоци и мислења за планска програма и пренамена.“

„Улогата на МЗШВ со предложените измени е да достават мислење што нема обврзувачка сила, додека согласноста како посилен правен акт има функција да влијае врз исходот на постапката, бидејќи е дадена од надлежното министерство кое врши јавни овластувања и носи решенија или одлуки за одобрување или одбивање. Истовремено, се исклучува надлежноста на Владата на РСМ да донесе одлука за трајна пренамена, што го сметаме за сериозен недостаток и во спротивност со нивните надлежности“, вели Трајковска.

Јавниот интерес е посилен од стратешкиот

Од Еко свест исто така велат дека сериозен пропуст е и тоа што во измените на законот не се предвидува план или програма за целите и условите поради кои може да се направи пренамена на земјиштето, но истакнуваат и дека Уставот на државата и останатите закони пропишуваат заштита на јавниот интерес којшто во случајов се разликува од стратешките интереси.

„Така на пример окрупнувањето на земјоделските земјишта се смета за дејност од јавен интерес согласно Законот за консолидација на земјоделското земјиште (член 6). Во случајот со земјоделските плодни површини, јавен интерес е тие да служат за одгледување на земјоделски производи, пасиштата за пасење на добиток, заштитените подрачја за зачувување на природата и затоа уживаат посебна заштита. Затоа е малку нејасна потребата токму тие да бидат први искористени за развој на енергетскиот сектор и со тоа да се загрози нивната поширока функција во развојот на земјата и благосостојбата на граѓаните“, вели Трајковска.

Измените на Законот за земјоделско земјиште се ставен на ЕНЕР, каде може да се споделуваат коментари, мислења и критики, за кои Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство вели дека ќе ги земе предвид и ќе даде одговори.