Големи се шансите цената на струјата да расте оваа зима, особено ако не се подобри, како што вели власта, „катастрофалната состојба“ во најголемиот енергетски капацитет на државата термоелектраната РЕК Битола.
Ценовни потреси за домаќинствата, според енергетските експерти со кои разговаравме, може да се избегнат само ако РЕК Битола во грејната сезона работи со полн капацитет со трите блока во функција, но и со обезбедена доволна количина на јаглен.
Но, неизвесно е дали ќе биде така со оглед дека актуелната власт обвинува дека од претходната наследила многу лоша состојба во енергетскиот сектор.
„Изминатите три години не е платен ниту денар на име субвенционирана струја. Тоа што го гледавме на сметките дека Владата го покрива како трошок за граѓаните, не е платено. Сметката стигна сега 60 милиони евра е долгот кон ЕВН во однос на ова што го имаме“, изјави министерката за енергетика Сања Божиновска.
Според неа во РЕК Битола во моментов „состојбата е катастрофална, а АД ЕСМ е во минус од 80 милиони евра.
Видете и ова: Фон дер Лајен во Киев во знак на поддршка пред претстојната зимаЦените ќе зависат од домашното производство
Но, каква ќе биде цената на струјата за домаќинствата главно ќе зависи од тоа дали државата ќе ги обезбеди количините што му се потребни за ЕСМ за му продаде на ЕВН Хоум. Божиновска рече дека производствената цена на струја во 2017 година била 33 евра, а денеска заклучно со јули цената е 133 евра.
ЕСМ му ја продава струјата на ЕВН Хоум по 60 евра за мегават час за потребите на домаќинствата и делумно малите бизниси, додека стопанството струјата ја купува по берзанска цена која значително повисока и се движи од 100 до 120 во зависно од периодот во денот.
Ако државата нема доволно производство, државата ќе мора да увезе струја по повисока берзанска цена, со што логично е да биде зголемена и цената за домаќинствата, како што вели професор Константин Димитров.
„Мора да ѝ погледнеме на вистината во очи. Ако не произведуваме доволно, мораме да купиме, трето решение нема. ЕСМ има обврска 60 отсто да ѝ испорача на ЕВН за домаќинствата. Оваа енергија државата ја субвенционира, но ние како граѓани пак ја плаќаме преку кредити или други начини“, вели Димитров.
Божиновска рече дека капацитетите на РЕК Битола во моментов не се во најдобра кондиција и дека „не можеме да сметаме на сите три блока“.
„Затоа ќе направиме струја за четвртиот квартал и евентуално за првите три месеци од 2025 година“, рече Божиновска.
Видете и ова: Само половина од над 18 илјади домаќинства би требало да ги добијат ветените субвенции за инвертериЛош квалитет на увезениот јаглен
Инаку, РЕК Битола како најголем енергетски капацитет во државата произведува во просек од 45 до 50 проценти од струјата во земјата.
Но, во моментов, како што информираше власта на 3 октомври, РЕК Битола работи со намален капацитет, односно во функција само два од трите блока во електраната, додека третиот блок се ремонтира.
Дополнителен проблем е што јагленот што е набавен да се користи во електраната не бил со потребниот квалитет за потребите на постројките, како што изјави Зоран Коњановски - новиот директор за производство на (ЕСМ).
Тој вчера покажа примерок од јагленот при вчерашната медиумска посета на рудниците Суводол и Брод-Гнеотино, за што објасни дека е од наслаги кои биле извадени од третиот блок на РЕК, настанати од „несоодветен увезен битуменизен јаглен, кој ја оштетил технологијата на комбинатот.
Овие наслаги, рече Коњановски, достигнале до 13 метри и нивното отстранување траело три месеци, користејќи минирање и рударска опрема, при што се загрозила и стабилноста на блокот.
Тој најави пријави до обвинителството за овој и други проблеми во РЕК, исто како и премиерот Христијан Мицкоски кој уверува дека „ќе има одговорност за тоа што се случувало.“
„Врз основа на ископ на јаловина и јаглен, затекнати се долгови од две милијарди денари. И тоа е една алармантна состојба. Хидрологијата е речиси празна, односно на 24 или 25 отсто, што значи дека хидроелектраните се празни. Ниту ремонтите не се направени навреме. И тоа е отрилика дијагнозата“, рече Мицкоски.
Децении не е вложено во енергетскиот сектор
Додека актуелната власт за лошата состојба во ЕСМ и РЕК Битола ја обвинува претходната Влада, сегашниот лидер на опозиција Венко Филиче пак смета дека сегашната Влада не го менаџира соодветно процесот на работа на РЕК Битола, а посочи и дека граѓаните плаќаат високи сметки за струја.
„Нашите капацитети во РЕК Битола не работат веќе неколку месеци, што создава дополнителен притисок врз енергетскиот систем. Трошоците за купување струја од берзата се огромни, а сметките кои граѓаните ги плаќаат за електрична енергија се постојано високи,“ рече Филипче.
Видете и ова: Мицкоски: Очекувам предизвикувачка зимаВо изминатиот период државата увезуваше јаглен од Албанија, но набавки беа правени и од Грција.
Мицкоски рече дека очекува „прилично предизвикувачка“ зима не поради температурите, туку поради состојбата со уништениот енергетски систем во Украина, но и поради состојбата во ЕСМ.
Професор Димитров вели дека не може да очекуваме да биде поинаку ако се погледне фактот дека во последните две децении изгради само два-три енергетски објекти (Козјак и Св. Петка), а не се обезбеди дополнителни количини на јаглен од своите рудници.
„Владината компанија за производство на електрична енергија – Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) финансиски исцрпенио, ништо не е сериозно технички направено објектите коишто ги имаме да бидат во добра кондиција. Тоа знали дека ќе го јадеме тоа штос ме го дробеле“, вели Димитров
Северна Македонија планира да отвори нов рудник за јаглен во Пелагонија на површина од 7,8 километри квадратни, што е по големина скоро колку постојниот коп во Суводол, битолско, но засега експлоатација од овој рудник уште не е започната.
Видете и ова: МЕПСО со заем од ЕБОР ќе ја зајакнува преносната мрежаЗависноста од јаглен останува
Намерата е јагленот да се ископува од наоѓалиштето Живојно во наредните 14 години на површински коп за снабдување на РЕК Битола, а пресметките на ЕСМ покажуваат дека се очекува оттаму да се извадат 23,6 милиони тони јаглен.
Намерата за отворање на нов рудник во Пелагонија доаѓа во време на намалени резерви на јаглен во рудниците Суводол и Брод-Гнеотино, но истовремено и кога државата усвои бројни стратегии и меѓународни документи за декарбонизација на енергетскиот сектор.
Зависноста од јагленот и струјата од електранаите останува и покрај амбициозните цели за енергетска транзиција на државата со усвојувањето на Енергетската стратегија во февруари 2020 година, со што стана прва земја на Западен Балкан која наведе конкретни датуми за напуштање на јагленот и затворање на термоелектраните.
Документите и законите предвидуваат дека централите на јаглен мора или да се затворат или да се усогласат со правилата за контрола на загадувањето, во услови кога граѓанските организации како „Бенквоч“ велат дека битолската електрана е еден од најголемите загадувачи во Европа со сулфур диоксид.
Во меѓуврме беа изградени бројни фотоволтаични централи, но тие главно се во приватна сопственост и струјата ја продаваат по берзански цени. За енергетска стабилност, Димитров вели дека државата мора да изгради повеќе капацитети кои ќе бидат во државна соспственост.