Во летото 2022 година, платеничката група Вагнер, предводена од Евгениј Пригожин, кој загина во сомнителна авионска несреќа во август, два месеци откако водеше краток бунт против руската војска, почна да регрутира осуденици во руските затвори за да одат на бојното поле во Украина.
За неколку недели, тие испратија десетици илјади затвореници во некои од најкрвавите борби на боиштата, особено во регионот околу источниот украински град Бахмут.
На затворениците кои преживеале шест месеци на фронтот им било ветено дека ќе бидат амнестирани од претседателот Владимир Путин и дека ќе добијат можност да се вратат во Русија, пишува редакцијата на Радио Слободна Европа на англиски јазик.
Олга Романова, новинарка и активистка која ја води организацијата за правата на затворениците „Русија зад решетки“ од 2008 година, за Радио Слободна Европа изјави дека оваа експлоатација на затворениците е продолжение на „сталинистичкиот менталитет“ кој сè уште доминира во нереформираниот затворски систем под власт на Путин.
Улогата на затворот во помагањето на агресијата на Москва против Украина е еден начин, рече Романова, велејќи дека застарениот систем одговара на политичките потреби на Путин, и покрај бројните откритија за ужасно мачење и злоупотреба на затворениците во последниве години.
Во мај 2020 година, руската влада ја назначи организацијата Русија зад решетки како „странски агент“. Романова зборуваше за рускиот сервис на РСЕ од егзил во Германија.
Во текот на изминатите пет години, имаше бројни скандали за злоупотреба и тортура во руските затвори. Чуварите и затворскиот персонал дури се осудени за злоупотреба на овластувањата. Зошто немаше системска затворска реформа?
Во 2018 година избувна првиот голем скандал во врска со тортурата во регионот Јарослав. Еден од нашите соработници објави видео од тортурата. Се случи скандал. Во тоа време, претседателката на Советот на Федерацијата (Горниот дом на рускиот парламент), Валентина Матвиенко, излезе на говорницата и одржа многу хуман говор. Таа даде кратко резиме на концептот на затворската реформа за кој се залагавме. Не можевме да веруваме на нашите уши: Навистина започна!
Но, тогаш Путин одржа многу строг говор во кој рече дека нашиот затворски систем е најдобар во светот, „не осмелувајте се да го допрете, рацете подалеку од затвор“, рече.
Бев многу изненадена Зошто? Зарем не е вистинско време за реформи? Би било евтино и лесно. Освен тоа, тој ќе испадне херој.
Видете и ова: Нова мобилизација е последното нешто што го сака Кремљ пред претседателските избориПотоа имаше уште неколку скандали. Последните коментари на Путин за затворите беа околу времето кога беше отпуштен Калашников (Александар Калапников, шеф на федералната затворска служба). Но, Путин уште еднаш рече дека ништо не треба да се менува и дека се е во совршен ред.
Зошто Путин би се спротивставил на реформите и покрај ужасните откритија?
Тоа беше во ноември 2021 година, односно само три месеци пред инвазијата на Украина. Не можев да разберам зошто тој беше склон да го поддржи тој сосема неподнослив товар на затворот што ја влечеше целата земја зад себе. Едноставно не можев да разберам.
И тогаш се појави Пригожин, и помислив, проклето, тоа е одлично, на негативен начин. Тој беше злобен гениј кој почна од неисцрпниот извор на платеници. Неисцрпно, бидејќи руските затвори се едно од најлошите места во светот. Луѓето се очајни да излезат од таму. Тие се подготвени да одат во војна само за да излезат од затвор. И токму тоа се случи.
Имаше и огромен психолошки ефект. Сè додека Пригожин собираше затвореници за борба, тие не мораа да ги допираат нашите „цивилни момци“. Пригожин почна да регрутира затвореници во јуни (2022 година), а мобилизацијата ја објавија дури во септември, додека не беа целосно интегрирани во Министерството за одбрана.
Путин го следеше патот на Сталин во користење на вишокот несакано население.
Затворската реформа зборува и за тоа како да ги реформирате затворениците, како да ги научите на корисни професии како што се сликар или тапацир. Но, зошто? Едноставно може да се уништат и приказната е дека „завршивме со нив“. Криминалот не расте, само турнете ги во мелница за месо. Никој не се грижи за нив.
Околу 22 000 до 25 000 затвореници ослободени од Пригожин и испратени во Русија никогаш немаа да се вратат. Тие се вратија само затоа што Вагнер предвреме се повлече од Бахмут. Ако Пригожин не се скараше со (министерот за одбрана) Сергеј Шојгу, ќе продолжеше да се бори додека не ги закопа сите. Никој не очекуваше некој од нив да се врати.
Но, начинот на кој Пригожин ги зеде под своја закрила од затвор, без никакво правно оправдување и начинот на кој Путин потпишуваше тајни декрети за амнестија ми кажува дека тие го смислиле тој план многу пред да го спроведат. Путин знаеше дека постои резервоар за кој никој не се грижи, затоа не гледаше потреба од реформи во затворот. Тие само би биле убиени. Тие би отишле да се тепаат и да умрат наместо да бидат тепани со метла од стражарите во затворот. На фронтот тоа не го прават.
Дали ова значи дека Путин се подготвувал за војна од самиот почеток? Конечно, никој не го спречи да ги реформира затворите за време на неговиот прв претседателски мандат.
Тоа е точно. Или за време на неговиот втор мандат. Или дури во 2018 година. Матвијевко не е ученичка, туку искусен политичар. Таа предложи реформи.
Ако регрутирањето во затворите беше толку јасна манифестација на негрижа за човечки животи, зошто самите затвореници тоа го прифатија?
Никогаш не сум слушнала дека затвореник сака пари. Тоа е нешто што ги интересира нивните семејства или обичните платеници. Отпрвин, главниот мотив за затворениците беше да добијат слобода и можност да започнат одново, да завртат нов лист, амнестија, да си вратат 10 или 20 години живот. Накратко, да си ги вратат животите. Тоа е игра на руски рулет со најголем влог.
Видете и ова: „Вагнер ни го киднапира синот и го испрати во Украина“Но, можеби најголемата мотивација, а ја слушнав сто пати и нема одговор, е дека „таму сум потребен“. Тие велат нешто како "Ќе седам тука уште две години, а потоа што? Немам куќа и нема да добијам. Немам семејство. Немам работа и нема да ја добијам. За една година или ќе се убијам со алкохол или ќе се предозирам со хероин или пак ќе се вратам во затвор и не сакам да поминувам низ тоа повторно. На никој однадвор не сум му потребен“.
Без условна казна. Нема програма за реинтеграција. Русија никогаш ги немала. Едноставно, во општеството нема место за поранешен затвореник. Точка. И тие што ги регрутираат го знаат тоа. Тие создаваат лажно чувство за семејство, воено братство, другарство. Овие момци никогаш во животот не слушнале дека некој има потреба од нив. И тие се подготвени да го дадат својот живот само за да го слушнат тоа еднаш.
Дали бројот на осудени по политичка основа влијае на состојбата во затворот?
Тоа не е јасно. Досега, малкумина стигнаа до оддалечените затвори, бидејќи истрагите и судењата обично траат повеќе од една година. Но, генерално, односот кон политичките затвореници се менува, би рекла на подобро.
Пред 2014 година, криминалците гледаа многу позитивно на политичките затвореници и не ги чепкаа. Но, во 2014 година започна таканаречената руска пролет и таа стигна до затворите, а уште поважно до стражарите. Како резултат на тоа, односот кон Украинците и политичките затвореници стана многу лош. Општоприфатен факт беше дека тие го блокираат напредокот на тој почитуван „руски свет“.
Кога започна инвазијата, стана јасно дека сето тоа е бесмислено. Затворските газди изгубија извор на приходи бидејќи затворениците биле носени во војна. Ќе дојдеше некој (Пригожин) и ќе ги однесе затворениците без да им требаат потпишани документи.
Се разбира и самиот Пригожин бил поранешен затвореник, затоа ја презирал затворската управа и со задоволство ги понижувал. Ќе ги преземе нивните канцеларии и ќе ги навредуваше пред затворениците. Така можеше да се види како затворските власти почнаа да посветуваат поголемо внимание на политичките затвореници кои се спротивставија на сето ова. Одеднаш имаа некаков интерес. Има, се разбира, посебни случаи, но би рекол дека се исклучоци.
Што мислите, какви се моменталните изгледи за реформи во затворите во Русија?
Апсолутно никакви. Јасно е дека за реформирање на затворскиот систем потребна е политичка волја, а тоа нема да се случи.
Рускиот затворски систем пропадна. Последен пат беше реформиран во 1953 година, кога Лавренти Берија ја префрли контролата на затворите од НКВД (тајна полиција) на Министерството за правда. Сега Федералната затворска служба (ФЗС) формално е дел од Министерството за правда, но во последните 15 години сите раководители на таа служба беа полициски ветерани или ветерани на Федералната служба за безбедност. Нема професионален менаџер на ФЗС од 2009 година.
Стариот сталинистички менталитет е зачуван, така што главниот фокус на затворскиот систем не е на поправните служби, психијатријата, лекарите, наставниците итн, туку е на оперативните задачи, како што е работа на затвореници или регрутирање за давање лажни изјави или лажно сведочење на суд. Затоа има тортура. Системот, кој беше создаден во 1930-тите, опстанал до денеска.