„Вања ја нема, класната сега се јави, ја нема, доаѓам накај тебе, симни се“.
Ова биле зборовите со кои Зорица Ѓорчевска, мајка на убиената 14 годишна Вања кога утрото на 27 ноември 2023 година, го известила нејзиниот сопруг дека Вања исчезнала.
Тој сега е обвинет дека помогнал во грабнување и убиство на нивната ќерка.
Имено, според обвинението, малолетната Вања Ѓорчевска била грабната на 27 ноември 2023 година, од влезот на нејзината зграда кога утрото се упатила кон училиште. Сторителите, според обвинителството, ја ставиле во вреќа за спиење па во багажот на возило „Цитроен“ и во близина на Скопје, Палчо и пукал во главата додека на пиштолот ставил перниче за да не предизвика внимание.
Мајката Зорица Ѓорчевска во кривичниот суд се соочи петтемина обвинети за грабнување и убиство меѓу кои и со нејзиниот поранешен сопруг. Раскажа дека утрото, откако класната на девојчето и напишала порака дека не е на училиште и откако проверила дека е недостапна на телефонот веднаш алармирала кај Александар Ѓорчевски.
„Не е вообичаено да се спрема брзо, меѓутоа во случајот се симна веднаш, инаку знаел некогаш и малку и многу да доцни. Во случајов беше доле. Не ми рече ништо кога го известив. Беше потиштен, повлечен, тажен, не беше избувлив иако инаку знаеше да вика по мене. Очекував да вика да ме прашува што направи, да не се скаравте?“, сведочеше Ѓорчевска.
Според нејзиното сведочење многу брзо по исчезнувањето на Вања, Александар се посомневал дека се работи за киднапирање. Рече дека најверојатно уште вечерта, или следниот ден тој почнал да зборува дека Вања е киднапирана, а полицијата го прашувала дали има некаква уцена.
Видете и ова: Палчо - од сомнителен градежник, нереализиран политичар, до осомничен убиец„Од прв момент мислеше дека е киднапирана, тврдеше киднапирана е. На прашањето зошто? Нели треба да има причина го прашував зошто, тој велеше нема што друго да биде. Поспецифичен момент не знам кој ден беше рече дека обезбедил снимка, на која се гледа возило кое стои од карши, и надвор стои човек, сам посматра и после 5 до 6 минути доаѓа возило и влегува во него и заминува. Теоријата беше дека тоа е извидница за киднапирање а јас реков не е ова ќерка на Кенеди за некој да ја граба, што имаме ние?“, рече мајката на Вања.
Инаку, за нејзиниот поранешен сопруг вечерта пред убиството и испратил порака за тоа како да се облече Вања следниот ден, а истата порака била испратена и кај девојчето бидејќи било ладно. Рече дека помалата ќерка тврдела дека го известила татко и дека Вања ќе оди сама на училиште.
Стан не е мотив за убиство на дете
Од сведочењето на мајката на убиената Вања беше откриено дека таа со своите две девојчиња живеела само неколку месеци во станот во Дебар Маало од каде беше грабната Вања. Истиот стан претходно му го препишала на сопругот на негова идеја, но после неколку години кога решиле со децата да живеат таму ретерирала. Инсистирала да им го препишат на децата, но сопругот постапката ја одолговлекувал.
„Кога децата сакаа да живееме таму јас побарав да биде на име на деца бидејќи требаше да инвестирам. Почнавме постапка и Александар своеволно побара и даде предлог и другиот стан што е на негово име да го префрлиме на децата и договорено беше едниот на едната другиот на другата. Бевме на адвокат, потпишавме договори и по тоа Александар го однесе да помине постапката за во Град Скопје, тој се ангажираше. Но, нотарската заверка не беше завршена, јас инсистирав да се заврши, но тој ретерираше и се повлече и од април 2023 година престанав да инсистирам“, рече Зорица Ѓорчевска.
Во воведниот говор обвинетиот татко потенцираше дека тој веќе им препишал станови на неговите деца. Неговиот адвокат Владимир Туфегчиќ за сведочењето на мајката рече дека и самата кажала дека токму неговиот клиент инсистирал да им остави наследство на децата.
„Таа беше категорична дека, еднаш или два пати прашала до каде е постапката, која речиси била завршена. Тука завршува нејзиниот исказ. Се друго се претпоставки и немојте само да ми кажете дека тоа е основ и мотив некој некого да убие или да е жртва сопственото дете за една таква работа“, вели Туфегџиќ.
Видете и ова: Девојчето Вања жртва на „алчност за пари“, јавноста во шокПретходно мајката Зорица сведочеше дека продала еден од четирите станови кои ги имала во наследство, а со дел од парите го реновирала домот, дел ги орочила, а со дел си купила возило. На прашање на судот одговори дека и останале 30 илјади евра.
Станот во кој живеела пак, нејзиниот татко го купил од фирмата на првообвинетиот за грабнувањето и убиството на Вања, Љупчо Палевски – Палчо. За него рече дека го знае, но, лично не го познава.
„Знам за соработка со татко ми, јас го имам договорот и уплатите. Немаше недоразбирање, за тоа што ако имаше ќе се повлечеше татко ми од тоа“, рече Зорица Ѓорчевска.
За тоа кој е приведен за убиството на нејзиното дете дознала од медиумите.
Адвокатот на Палчо задоволен од сведочењето
Љупчо Палески Палчо од досегашните докази не може да биде поврзан со делата за кои се товари, тврди неговиот адвокат. Дури и за станот кој е поставен како претпоставка за мотив, денеска беше расчистено дека не би можел да е, смета адвокатот. Според него, нема ниту еден дел во сведочењата кој би упатувал дека Палески е сторител на делата.
Потенцираше дека на денешното рочиште ја запрашале мајката на Вања, дали таа можеби знае дека Палчо и нејзиниот поранешен сопруг биле во некаков контакт пред да се случи настанот, но таа одговорила дека не знае.
„И јас немам сознанија дали се познавале, јас што се вели од вчера го знам, од неодамна сум во овој предмет. Јас сто проценти верувам во мојата одбрана и за тоа сум тука. Гледам дека сите адвокати се оградуваат, но мислам дека доказите кои ни се презентирани не докажуваат вина. Ваквото обвинение преку тие докази не може да го поврзе Палески со делата“ рече Маријан Витановски, адвокат на Палески.
Како што веќе соопшти обвинителството, малолетната Вања Ѓорчевска била грабната на 27 ноември 2023 година, од влезот на нејзината зграда кога утрото се упатила кон училиште.
Претходно на 22 ноември 2023 година, петтемина обвинети заеднички извршиле грабнување на Панче Жежовски во Велес, а Љупчо Палески Палчо исто така пукал во неговата глава, по што го заплениле возилото „Цитроен“за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Двајцата грабнати беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.
Видете и ова: Оспорен мотивот за двојното убиство на Вања и Панче, сите обвинети негираат винаПанче Жежовски имал судски спор со еден од обвинетите
На денешното рочиште сведочеа и ќерката и зетот на убиениот 74 годишен Панче Жежовски од Велес. Раскажаа како на 22 ноември го пријавиле исчезнувањето на човекот откако во неговиот дом наишле на запалена греалка и сијалица, а пензионерот го немало. Го немало ниту возилото „Цитроен“ кое ,инаку, не го давал никому и имало голем багажен простор. За еден од обвинетите, Велибор Манев и двајцата рекоа дека живеел во близина на пензионерот но дека пред многу години имале судски спор.
„Ова се случувало пред петнаесетина години. Со Велибор се договориле да му го среди дворот за 1 600 евра и наводно Панче пред заминување во Германија му платил 11 00 евра. Остатокот требало да му го даде кога ќе си дојде од Германија, но не бил задоволен од работата, па Велибор си ги извадил коцките со кои претходно го редел дворот. Се тужеа со години“, рече Тодор Кирков, зет на убиениот Панче.
Судењето за двократното убиство продолжува во среда. Обвинетиот Боре Видевски кој има трансплантиран бубрег бара да му се суди од домашен притвор бидејќи има проблеми со бубрегот и неодамна од затвор беше транспортиран на скопските клиники.