Достапни линкови

Оспорен мотивот за двојното убиство на Вања и Панче, сите обвинети негираат вина


Почеток на судење за двојно убиство и грабнување
Почеток на судење за двојно убиство и грабнување

Грабнувањето и убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и пензионерот Панче Жежовски за обвинителството е еден од најтешките кривично правни настани во државата. Првообвинетиот Љупчо Палевски Палчо тврди дека тоа е политички монтиран процес.

„Не се чувствувам виновен“. Ова можеше да се слушне во судницата во Кривичниот суд Скопје од петтемина обвинети восудскиот процес за двојно убиство и грабнувања на 14 годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74 годишниот Панче Жежовски од Велес кои се случија на крајот на ноември лани. Откако го слушнаа обвинението Велибор Манев, Боре Видевски, Влатко Кешишев, Александар Ѓорчевски, кој е татко на девојчето и Љупчо Палевски – Палчо рекоа дека разбираат за што се обвинети, но негираат вина.

А во обвинението овој настан беше посочен како еден од најтешките кои се случиле во државата. Обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска рече дека ја вознемири целата јавност. Според неа се работи за настани кои претходно до детал биле планирани и разработени, а улогата на била да им помогне давајќи упатства за времето кога малолетната Вања, неговата ќерка, сама ке оди на училиште.

„Добро се познавале обвинетите, попнува од информацијата дека Панче Жежовски има возило „Цитроен“ со кое обвинетите одлучиле да го реализираат грабнувањето на Вања. Намерата била да присилат некој од блиските да даде пари за нејзин откуп. Сигурни биле дека Вања секој петок оди сама на училиште, а сестра и Мина оди од втор час и за тоа решиле во петокот на 24 ноември да ја грабнат. Задоцниле поради густиот сообраќај и не го реализирале планираното. Во неделата вечер знаеле дека Вања по исклучок ќе оди сама во понеделникот бидејќи, Мина на добила порака дека треба од вториот час да оди на училиште, а тоа го знаел само таткото“, рече обвинителката.

Според обвинителството сторителите точно знаеле када да се движат за да не ги снимат околните безбедносни камери, а и знаеле како точно насилно да ја отворат влезната врата од зградата каде живеела Вања. Дупките каде ги фрлиле убиените им биле ископани претходно.

„Не покажале каење бидејќи биле убедени дека нема да ги откријат и никој не пријавил. Кога Палевски на 30 ноември претпоставил дека ќе биде фатен, избегал за Белград па за Турција од каде беше екстрадиран. Ќе докажеме дека обвинетите имале меѓусебна комуникација, дека се планирале, се подготвувале за секое дејствиеи имале умисла. Додека ги извршувале дејствата не ги носеле мобилните со себе. Ќе докажеме и дека таткото помагал за тоа кое време и кој ден Вања ќе излезе сама“, рече обвинителката.

Според обвинението, на 22 ноември 2023 година, „обвинетите заеднички извршиле грабнување на Панче Жежовски во Велес, Љупчо Палевски Палчо му пукал во глава, по што го заплениле возилото „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје“.

Малолетната Вања беше грабната на 27 ноември, од влезот на нејзината зграда кога утрото се упатила кон училиште. Сторителите, како што пишпува во обвинението, „ја врзале, ја ставиле во вреќа за спиење па во багажникот на „Цитроенот“ и во близина на Скопје исто така Палчо и пукал во главата додека на пиштолот ставил перниче за да не предизвика внимание“. Двајцата беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.

Палевски: Контрадикторен е мотивот на обвинителството

Обвинителството извршува политичка наредба, рече во својот воведен говор обвинетиот Љупчо Палевски - Палчо кој од претходно и е познат на јавноста како лидер на партијата „Десна“. Тој смета дека обвинителството нема докази за делото кое го товари бидејќи не е сторител, но како што рече „по секоај цена Палчо треба да биде убиец“.

„Поради огромниот медиумски притисок, јас сум осуден уште пред да сум обвинет. Сакам да потенцирам дека еден од обвинетите под притисок и тепање ме посочил мене како сторител. Прв пат, пак, името на таткото Александар се појавува на 5 декември, откако еден од инспекторите му рекол да го каже. Намерата е јасна, да се конструира судски предмет што е сериозна политика.

Тој го оспори и мотивот на обвинителството дека бил од користољубие. Запраша како може да тврди дека претходно биле ископана дупка за убиството на Вања, а во исто време дека била грабната за да се изнуди откуп. Тврди дека нема докази за побарани пари од мајката на девојчето Зорица, и дека таа имала орочени девизи на подолг период во износ од 30 илјади евра. Нема никаква комуникација до 27 ноември 2023 меѓу мене и Александар иако обвинителството во обвинението напишало дека од него се добиени информациите, рече Палчо.

Инаку според Палчо, обвинителството нема никаков доказ дека бил присутен на настаните. ДНК анализите покажале дека нема негови траги во возилото, а мобилниот телефон бил лоциран на други локации за што имал и сведок.

Побара да не се кажува дека тој бил во бегство бидејќи легално ја поминал границата кон Србија, а по тоа и кон Турција каде одел да го лечи грбот кој не му била во функција 70 проценти и имал проблеми на десната нога. Како доказ за тоа дека не се криел посочи и објава од 1 декември за тоа каде е објавена на социјалната мрежа Фејсбук. Сепак се пожали дека едвај пронашол адвокат кој би го бранел, а никој не сакал да им изработи и вештачења.

Таткото на убиеното девојче тврди дека е жртва

Александар Ѓорчевски, таткото на убиената 14- годишната Вања во судницата тврдеше дека ќе се смири само кога целата вистина ќе излезе на виделина. Негира вина, но и се понуди да се стави на располагање за да се разреши случајот до детал и со имиња и презимиња на сторителите.

„После 27 ноември, 7 часот и 32 минути тоа што е од мене останато е ехо од човек, чувствувам болка која не се објаснува со зборови, но и обврска и кон Вања и кон Мина“, рече Ѓорчевски.

Неговиот адвокат Владимир Туфегџиќ рече дека ќе докаже дека обвинението е неосновано, паушално и на претпоставки. Смета дека нема докази, дека не ги познава останатите учесници. Рече дека сам веднаш започнал своја истрага и дека снимките од видео надзорите се обезбедени токму од него. Сепак и за адвокатот најспорен е мотивот.

„ Неоснавана е тезата за мотив кај обвинетиот Александар, неколку месеци неговите деца веќе биле даночни обврзници на становите за кои обвинителството алудира, тие станале сопственици на станови кои им ги подарил таткото“, вели Туфегџиќ.

Според адвокатот иако биле разведени тој бил посветен татко и имал висок степен на грижа кон децата. Потенцираше дека бил изложен на тортура и нечовечно однесување на полицијата за да му се изнуди признание. За ова има медицински извештај и извештај на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Потрага по пиштолот

Пиштолот со кој се убиени жртвите се уште не е пронајден. Се води како НН со калибар 9 мм. Адвокатот на обвинетиот Велибор Манев рече дека дошле до сознанија за празнина во доказите а кои се однесуваат на оружјето со кое е извршено делото.

„Дојдовме до сознанија кои ќе ги презентираме дополнително, од кого е предметниот пиштол каде е даден и засолнат и да се пронајде“, рече адвокатот Горан Бошевски.

Според него делата за кои го товари обвинителството не се оние кои ги сторил неговиот клиент како учесник во настаните. И адвокатот на Боре Видевски тврди дека обвинителството нема докази дека воопшто е присутен па со тоа не постои негова вмешаност. Истото го тврди и адвокатот на Влатко Кешишов.

На почетокот на судењето по барање на мајката и сестрата на Вања, беше побарано да се исклучи јавноста на целото судење со цел да се заштити нивната приватност и психичкото здравје, бидејќи медиумскиот интерес им предизвикува дополнителна болка. Сепак ова судот не го дозволи.

Судењето продолжува на 7-ми октомври, а мајката, бабата и детото на Вања треба да се појават како сведоци.

  • 16x9 Image

    Билјана Николовска

    Билјана Николовска како новинар започнува да работи во локална радио станица, а кариерата ја продолжува во националната ТВ Телма од 2006 – 2023 год. Добитник е на награда за најдобар дописнички прилог, и на повеќе награди за истражувачки стории доделени од домашни новинарски организации како и од Европската Унија. Автор е на документарен филм  и серија стории кои откриваат корупција, организиран криминал и нарушување на човековите права. Како истражувачки новинар за Радио Слободна Европа започна да работи во мај 2023 година.

XS
SM
MD
LG