Собранието ќе одлучува за два спорни закона за легализација на дивоградби

Илустративна фотографија.

Во Собранието се доставени два закона за легализација на дивоградби. Еден на Министерството за транспорт и врски од пред две години, а другиот на пратеникот Скендер Реџепи кој е на дневен ред на пленарна седница в петок. Власта и опозицијата се против предлогот на Реџепи, но што ќе биде со предлогот на Министерството, кој е коригирана верзија на законот донесен во 2021 година, а кој не го потпиша претседателот Пендаровски? Граѓанските организации се против било каква легализација на дивоградби.  

Коалицијата на владејачкото мнозинство во Парламентот и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ за РСЕ велат дека нема да го поддржат законот за легализација на дивоградби кој го предложи пратеникот Реџепи. Но не исклучуваат можност предлогот на Министерството и транспорт и врски повторно да се најде на дневен ред во Парламентот, кој е тргнат уште пред две години и за него се чека да пратениците да добијат стручни мислења на надзорна расправа во Парламентот. Ова е истиот закон за кој во мај 2021 година гласаа пратениците на власта и дел од опозицијата, но тогаш не го потпиша претседателот на државата Стево Пендаровски.

Додека останува неизвесно што ќе биде со предлогот на Министерството за транспорт и врски, ставот на пратениците на СДСМ и коалицијата е да гласаат против предлогот на Реџепи, кој предвидува легализација на околу 50 илјади дивоградби изградени до 31 декември 2022 година, како што кажа за РСЕ координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митревски.

Сличен одговор добивме од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, која најави дека нема да го поддржи предлог законот.

„Како пратеничка група сме против донесување на ваков закон“, кусо изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски за Радио Слободна Европа.

Видете и ова: Конфискација на дивоградби- признание за немоќта на институциите

Законот на Реџепи е ставен на пленарна седница на 22 декември по скратена постапка. Пратениците прво треба да гласаат потреба за негово донесување и ако ја изгласаат, законот ќе биде пратен во матичната Комисија за транспорт, врски и екологија, како и во Владата која исто така треба да даде став.

21 граѓанска организација за заштита на животната средина на 18 декември испратија допис до претседателот на Собранието Талат Џафери и пратениците со барање за повлекување на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, поднесен по скратена постапка на седницата закажана на 22 декември 2023 година..

„Во случај да не биде повлечен, бараме од вас пратениците да не го гласате овој штетен Предлог-закон со далекусежни последици“, велат организациите во дописот.

Меѓу потпишаните се О2 Иницијатива“, „Грин-Орг-КО Кочани, Еко - Герила Тетово, „Еко-Логик“, Фронт 21/42, Зелен Институт, Здрава Котлина, „Гоу Грин“, „Охрид ЅОЅ“, „Еко Долина“, Институт за демократија „Социетас Цивилис“ и други.

Видете и ова: Реформи или ново офајдување на урбаната мафија?

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ поддржаа дивоградби во 2021

Но, и покрај сегашното наводно противење, владејачкото мнозинство и дел пратеници на ВМРО-ДПМНЕ веќе еднаш, во мај 2021 година ги донесоа измените на законот кој предвидуваше легализација на сите дивоградби изградени до 31.12. 2021 година.

Законот на Министерството за транспорт и врски тогаш не го потпиша претседателот на државата Стево Пендаровски бидејќи го оцени како противуставен. Тие измени предвидуваа легализација на нелегални објекти, вклучително во национални паркови и заштитени подрачја, како и можност да се спасат од судски постапки обвинети за бесправно градење.

Откако Пендаровски не го потпиша, истиот овој закон бил коригиран во Министерството за транспорти и врски и повторно доставен во Собранието.

Од Министерството за транспорт и врски ни одговорија дека законот бил повторно испратен во Собранието „со прифатливи предлози од страна на граѓанските здруженија, инспекторатите и државните институции“, иако една од граѓанските организации, „Фронт 21/42“ која редовно ја следи ситуацијата со дивоградбите вели дека не учествувале било какови консултации и во изготвување на било какви нови корекции на законот.

Процедурата за овој закон застанала откако пратеничката на ДОМ Маја Морачанин побарала да биде организирана надзорна расправа за овој закон, а оваа иницијатива ја прифатиле сите пратеници, како што ни одговори претседателот на собраниската Комисија за транспорт и врски Владо Мисајловски.

Видете и ова: Предлог-законот за дивоградби повлечен, ќе се прави нов

Кој треба да иницира надзорна расправа?

Според Мисајловски, за да почне процедурата за надзорна расправа, Морачанин треба официјално а поднесе таква иницијатива, што досега не е направено.

Но, Морачанин вели дека иницијативата за надзорна расправа е формална работа за која таа не е задолжена. Таа потврдува дека тогаш предложила симнување на точката од дневен ред на седницата на Комисијата за транспорт, врски и екологија и дека сите партии се согласиле да се организира надзорната расправа, но посочува дека таа не е задолжена да ја организира надзорната расправа.

„Тоа треба да го направи надлежната Комисија за транспорт врски и екологија“, вели Морачанин.

Ако кај партиите има волја, законот формално може повторно да биде ставен на дневен ред и пратениците да гласаат за негово усвојување, со што би се отворила дебата за законот да стигне и до пленарна седница.

Но, Морачанин вели дека постапката за законот била сопрена во рана фаза и дека има впечаток оти ниту една политичка партија не инсистира законот да биде донесен.

Видете и ова: Дивоградбите од „Скопје 2014“ нема да се легализираат

Што предвидува законот на Реџепи?

Проценките во предложениот текст на законот на пратеникот Реџепи се дека околу 50 илјади дивоградби се изградени на цела територија на Северна Македонија и легализација на сите дивоградби изградени до 31 декември 2022 година, доколку пратениците гласаат за законот.

Со законот ќе се легализираат станбени згради, хотели, викенд куќи, базени, ресторани, трговски и рекреативни центри, индустриски, стопански и деловни објекти, но и хидроцентрали, други објекти за производство на електрична енергија.

Исто така има опасност да се легализираат депонии за опасен и неопасен отпад, рудници и автокампови, алармираат граѓански организации во допис до пратениците и претседателот на Собранието Џафери.

„На овој начин се дозволува да се легализираат објекти во заштитени подрачја, вклучително во границите на УНЕСКО светското природно и културно наследство во Охридскиот регион, во заштитен крајбрежен појас на природни и вештачки езера и речни корита, во прва и втора санитарно заштитна зона на извори на вода за пиење, во подрачја на заштитено недвижно културно наследство (поединечни добра, целини и археолошки локалитети)“, велат граѓанските организации кои го потпишаа барањето.

Предлог- законот стимулира дивоградби

Според податоците на Државниот завод за статистика кои се наведени во предлог текстот на законот на Реџепи, само во 2022 година биле регистрирани 662 бесправно изградени објекти, од кои 111 се станбени згради и деловни згради и куќи за одмор.

Нелегално биле градени и доградби, надградби, гаражи, тераси, натстрешници и времени објекти. Најголем број од бесправно изградените објекти се во приватна сопственост, односно над 96 проценти.

Искра Стојковска од организацијата „Фронт 21/42“ која е меѓу невладините кои бараат повлекување на законот, за Радио Слободна Европа вели дека предложениот закон на Реџепи практично стимулира дивоградби дефинирани како кривично дело во Кривичниот законик, во услови кога не само граѓансите организации, туку и Европската унија и САД „недвосмислено и многу гласно алармираат за проблемот со (не)владеењето на правото во државата, вели таа.

„Во однос на Светското природно и културно наследство во Охридскиот регион, предложениот закон е целосно спротивен на препораките на УНЕСКО од 2017 и 2020 година, како и на препораките на Бернската Конвенција за негативните влијанија врз Емералд подрачјата, Охридското Езеро и Галичица и препораката од 2021 година усвоена за случајот со Националниот парк Маврово“, вели Стојковска.

Видете и ова: Далеку од „одлучно постапување“ со дивоградбите во Охрид и Струга

Со овој закон на Реџепи се упаѓа во судскиот систем и се запираат веќе покренати управни, судски (кривични) и граѓански постапки, велат граѓанските организации во дописот.

„Овој закон не е во согласност со Уставот. Со овој закон се руши секаков правен поредок во државата, се рушат еклатантно две темелни вредности на уставниот поредок на РСМ: владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата“, велат граѓанските организации.

Илјадници дивоградби само во Охридскиот регион

Проблемот со дивоградбите во земјава е присутен со години, а реакциите на граѓанските организации се особено беа дека државата ќе легализира десетици илјади дивоградби во заштитени подрачја како Охридскиот регион.

Радио Слободна Европа веќе пишуваше дека само до крајот на 2019 година до Општина Охрид биле доставени скоро 16 илјади барања за легализација на бесправно изградени објекти. До општината се поднесени над 2.300 барања за легализација на илегални градби во НП Галичица, бројка која според активисти за заштита на животната средина е минимален број на нелегални објекти.

Видете и ова: Кој е надлежен за над 2.300 дивоградби во Националниот парк Галичица?

Претходната власт на Никола Груевски пред 12 години донесе закон за легализација на дивоградбите изградени до 2011 година за едно евро за метар квадратен.

Со сегашниот закон на пратеникот Реџепи предвидува висината на надоместокот за бесправен објект до 80 метри квадратни да биде за 50 проценти, а за делот од површината над 80 метри квадратни надоместокот да биде зголемен за 100 проценти и да се множи со површината на бесправниот објект која е утврдена со геодетскиот елаборат за утврдување на фактичката состојба на бесправен објект.

Измените на Законот кој власта и дел од опозицијата во Собранието го поддржаа во мај 2021, исто така предвидуваше легализацијата да чини поскапо.