Достапни линкови

Конфискација на дивоградби- признание за немоќта на институциите


Ни казни, ни жолти ленти, па ни решенија за уривање не спречуваат одредени инвеститори да се откажат од узурпирање на државниот имот и градење дивоградби, вели градоналникот на Горан Герасимовски кој бара измени на закон за конфискација на дивоградби. Архитектите велат дека овој предлог е популистички и ја покажува немоќта на институциите да ги спроведуваат веќе постоечките закони, па затоа навидум бараат нови решенија.

Градењето на диво не запира во речиси сите општини во државата, но уривањето на дивоградби по донесени решение речиси и не се спроведува. Тоа е повод за иницијативата на градоначалникот на скопската општина Центар Горан Герасимовски да се дозволи конфискација на нелегално изградени објекти. Тоа било веќе дозволено до 2009 година кога го укинува Уставниот суд.

Градоначалникот Герасимовски предложи до Заедница на единици на локална самоуправа ( ЗЕЛС) идејно решение за измена на законот за бесправно изградени објекти и законот за управување со конфискуван имот со цел олеснување на процедура и конфискација наместо уривање на веќе изградени објекти на узурпиран државен имот. Герасимовски во интервју за Радио Слободна Европа кое в целост ќе се емитува в недела признава дека имаат проблем да се справат со инвеститори кои градат на диво.

„Се соочуваме со проблем со одредени дивоградби кои што се градат на државно земјиште, во зелен појас, иако е постапено целосно од наша страна, како општина, поставени жолти ленти, пишани казни за отстранување и уривање на дивоизграден објект а се ни се потребни и огромни финансиски средства за негово отстранување“ вели Герасимовски.

Герасимовски, најавува дека иницијативата за конфискација место рушење на дивоградбите ќе ја презентира и пред ресорните министри за транспорт и врски и за правда Благој Бочварски и Кренар Лога.

Иницијативата е популизам

Во стручната јавност различно се толкува иницијативата. Архитектката и планер Даница Павловска- Циги вели дека самата тема дивоградби е сериозно комплексен проблем кој е незамисливо да се разреши само со механизам – конфискација без посериозен системски пристап. Затоа го смета за популистичко и безсполезно решение кое нема да донесе резултати.

„Ова е само момент на покажување на тотална немоќ на институциите, па дури и локалната власт која треба нај оперативно да се судри со проблемот на бесправната градба, очигледно не може да се справи со тоа, ова е некакво признание, како што беа и претходните закони за легализација, евиденција и не знам како се нарекуваа тие неколку закони кои ги донесоа на тема бесправна градба, кои беа само некаков преглед на она што се изградило бесправно, па да се впише во Катастар“, вели Павловска.

Според неа државата изгуби многу време по однос на прашањето за дивоградби, особено што по потпишувањето на Венецијанската конвенција и донесување на многу закони кои наместо да го намалат проблемот, само го подвлекоа узурпаторскиот однос кон јавниот простор.

Дополнително во кривичниот законик веќе постои член со кој се предвидени сериозни казни за инвеститори во судски постапки.

„Тој што гради или изведува градба или врши надзор над градба на сопствено или туѓо земјиште без одобрение за градење или спротивно на одобрението за градење издадено од надлежен орган, ќе се казни со затвор од три до осум години. Изградените недвижности се одземаат“ се вели во членот 244-а од Кривичниот законик.

Но, Герасимовски вели дека судските процедури се премногу бавни па затоа бара алтернативни решенија кои би биле прагматични за општината и граѓаните.

Проблемите со дивоградбите и нивната бројност се доказ за системските пропусти и не спроведување на веќе постоечки закони. Државниот завод за статистика води годишна евиденција само на нови дивоградби, па последниот податок се однесува на 2021 година во кој е посочено дека се изградени нови 738 дивоградби од кои една третина се објекти за домување, а другите на доградби на веќе постоечки куќи или гаражи, скали и слично.

Податок за вкупниот број на нелегални објекти во земјава од јавно достапните бази на податоци не може да се најде. Но, минатата година министерот за транспорт и врски Благој Бочварски во интервју за ТВ Алсат изјави дека за легализација во опшштините чекаат 140 илјади дивоградби. Оваа изјава ја даде тогаш во контекст на владината најава за нов закон за легализација.

Царуваат дивоградби и неказнивост

Антикорупционерката Билјана Ивановска смета дека во земјава царуваат дивоградби и дека на „испитот паднаа и урбанизмот, архитекти, урбанисти, планери“ кои според неа го задушија градот. Таа додава дека дополнително во земјава владее и неказнивост.

„Ние сме земја во којашто царуваат дивоградби, а тоа сè ни ја уништува животната средина. Во случајот конкретно за кај Холидеј ин, вие имате донесено Детален урбанистички план којшто не соодветствува со Генералниот урбанистички план, ги надминува параметрите, значи таму ќе имате, обично речено, пренаселеност“, изјави Ивановска во минатомесечното интервју за Радио Слободна Европа.

Герасимовски ја поднесува оваа иницијатива во период кога медиумите речиси секојдневно известуваат и алармираат за некоја нова дивоградба која што никнува на падините на Водно и во најатрактивните делови на градот, каде и покрај апелите да се сопре градежната инвазија, багерите и понатаму продолжуваат да копаат.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG