Бидна конститутивната седница на новиот состав на Парламентот. Нов спикер стана Африм Гаши. За него гласаа 76 пратеници, што го навестува и новото значително мнозинство во Собранието.
Во првото обраќање, Гаши истакна: „Иако сум заедно со ВРЕДИ, ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ и ќе бидам дел од владиното мнозинство, јас како претседател на Собранието ќе дадам се од себе ниту еден пратеник да не се чувствува незастапен или не дај боже дискриминиран. Како претседател на Собранието ќе се погрижам нашето општество уште повеќе да напредува во делот на почитување на слободата на изразување“, изјави Гаши.
Претходно, пратениците од ДУИ и нивните коалициони партнери ја напуштија седницата, а пратениците од СДСМ беа неми посматрачи.
Изборот на Африм Гаши не го подржаа и пратениците од Левица, односно, во свој стил, остро критикуваа и толку.
Горе долу, се е договорено и околу новата коалициона влада и распределбата на министерските места, конкретните имиња на новите министри веројатно ќе бидат познати идната недела, кога се очекува и лидерот на ВМРО – ДПМНЕ да го добие мандатот за состав на владата.
Видете и ова: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ најголеми трошаџии за реклами во изборната кампања
Во меѓувреме, сега веќе опозициската СДСМ тргнува со утврдување на одговорноста за катастрофалниот пораз на изборите и кон сопствена консолидација. Во фокусот е и избор на нов лидер на партијата. Изборите со непосредно гласање од партиските членови се закажани за 30 јуни.
Радио Слободна Европа (РСЕ) разговараше со дел од најчесто споменуваните имиња за иден лидер. Засега, барем јавно, ретко кој потврдува дека дефинитивно ќе влезе во трката.
Единствениот кој отворено зборува дека прави концепт, е актуелниот директор на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Јован Деспотовски. Кандидатура најави и Славјанка Петровска. Покрај нив, во конкуренција може да влезат и актуелните пратеници и поранешни министри Венко Филипче и досегашниот партиски потпретседател и актуелен директор на Царинската управа Стефан Богоев…
Поранешниот лидер на СДСМ и екс премиер, Владо Бучковски, оценува дека за консолидација на партијата ќе биде потребна најмалку една година.
СДСМ, вели тој, е во исклучително комплицирана состојба и „катастрофалниот пораз не се санира преку ноќ“.
Здравството крахира
Една од првите задачи со кои ќе мора да се занимава новата власт, веројатно е здравството во државата, односно состојбите во неколку државни клиники, пред се, во хирургија.
Се оперираат само итните пациенти, другите операции се одложуваат, засилени се хируршките тимови, собите за пациенти се полни, а по некој празен кревет се чува за „не дај Боже“.
Ваква е ситуацијата на Универзитетската клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ во Скопје откако минатиот викенд беа затворени операционите сали на Хируршки клиники во најголемиот клинички центар „Мајка Тереза“ поради непријатен мирис од вентилацискиот систем.
Слична е ситуацијата и во ГОБ „8 септември“ во Скопје.
Хирурзи за Радио Слободна Европа (РСЕ) велат дека неизвесноста за пациентите и за лекарите продолжува затоа што нема рок до кога вака ќе се функционира бидејќи уште не се знае што ја предизвикува миризбата поради која се затворени повеќе сали на Хируршките клиники.
„Ова нè затекна повеќе од ковидот. Се слушаме со колегите хирурзи, си препраќаме пациенти, секој да биде згрижен. Екипите се засилени, дежураме во смени, засега успеваме да се справиме, но како ќе биде ако ова потрае? Можеби треба да се размисли да се побара помош и од приватните болници“, вели хирург од болницата „Св. Наум Охридски“ за РСЕ.
По една деценија, Шуто Оризари доби гинеколог, но, до кога?
Во најголемата ромска општина во Скопје со години немаше гинеколошка ординација. Сега има, но малку пациентки ја посетуваат. Некои имаат здравствено осигурување, но не избрале матичен гинеколог. Други, пак, немаат здравствено осигурување. Трети, не се ни заинтересирани да посетуваат гинеколог. Ординацијата на д-р Крстевски е трета во последните седум години. Двете претходни затворија.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Управниот одбор и директорката на Академијата за судии и обвинители пред разрешување?
Иницијативата за одговорност за директорката и Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО), што ја покрена Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), почна да пристигнува до телата надлежни за избор на раководството на оваа институција. Мандатот на актуелните членови истекува во ноември, но, со оваа иницијатива може да им заврши и неколку месеци порано.
Видете и ова: Смени или поделби во Академијата за судии и обвинители?ДКСК смета дека со тоа што Академијата, во текот на изборниот процес, ја продолжила постапката за тестирање за прием на слушатели за идни судии и обвинители ги прекршила Законот за спречување корупција и судир на интереси и Изборниот законик. Пред да дојде до испраќање на иницијативата за одговорност, спорот се водеше и пред Управниот и Вишиот управен суд кои одлучија во полза на антикорупционерите.
Рокот за институциите да ја разгледаат и постапат по иницијативата, како што посочува ДКСК, е 60 дена.
Инаку, ВМРО-ДПМНЕ, како партија која е извесно дека ќе ја предводи новата македонска влада, во својата програма ветува дека ќе прави „целосна ревизија на приемот на кандидати во Академијата за судии и јавни обвинители“, како и реформа, со која, од една ќе прави две академии. Посебно за судии, посебно за јавни обвинители.
Зошто гасоводите станаа предмет на интерес во Обвинителство?
Единствениот гасовод низ кој тече гас во Северна Македонија е од Бугарија и е долг 98 километри. Изграден е во 90-тите години. Три нови гасоводи се делумно изградени и сеуште нефункционални, а сите други се само на хартија. Бавната гасификација е главно поради непочитување на рокови, нерешени имотно правни односи и недоволно средства за експропријација, утврдиле државните ревизори.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Во која насока се движи бугарскиот претседател Румен Радев?
Тој не бара Русија да ја напушти Украина, но очекува Киев да го положи оружјето. Тој е генерал на НАТО, но најде начин да не биде во Софија на неодамнешниот состанок на НАТО таму. Тој вели дека локалните политичари ја ставаат Бугарија на ризик со тоа што и даваат оружје на Украина, но сега веќе мисли и дека опасноста доаѓа од Западот. Кон каде „оди“ Румен Радев? – пишува бугарскиот сервис на РСЕ.
Целиот текст можете да го прочитате ТУКА.
Доколку сте заинтересирани за добивање на њузлетерот на вашиот мејл, секој петок, пријавете се ТУКА. Можете и да им го препорачате на пријателите. За сите сугести и забелешки можете да ме контактирате на мејл Nakevl@rferl.org