Ако не реагираме сега, рускиот претседател Владимир Путин ќе успее да ги направи следните години катастрофални и за другите земји, порача украинскиот претседател Володимир Зеленски на 17 февруари од панелот на конференцијата за безбедност во Минхен.
Зеленски изјави дека украинскиот отпор кон руската агресија со поддршка на сојузниците на Киев го запре уништувањето на светскиот поредок заснован на правила и дека „2024 година мора да биде момент за негова целосна обнова“.
Тој на панелот на конференцијата за безбедност во Минхен рече дека во моментов не постои некој за кого војната која е во тек во Европа не претставува закана.
„Ако не реагираме сега, Путин ќе успее да ги направи следните години катастрофални и за другите земји. Разузнавачката заедница е свесна за ова. Украина веќе ги разби митовите со кои Русија се обиде да ја замагли реалноста и во која, за жал, светот веруваше“, рече Зеленски во обраќањето на конференцијата.
Украинскиот претседател рече дека недостигот на пристап на неговата земја до оружје го зајакнува рускиот претседател Владимир Путин.
„За жал, држењето на Украина во вештачки дефицит на вооружување, особено во отсуство на артилерија и способности со долг дострел, му овозможува на Путин да се прилагоди на моменталниот интензитет на војната“, рече Зеленски.
Тој го спомена градот Авдијивка од каде денеска се повлекоа украинските војници и рече дека одлуката е донесена за „да се спасат животите на Украинците“.
„Не прашувајте ја Украина кога ќе заврши војната. Запрашајте се зошто Путин сè уште е во состојба да ја продолжи?“, рече Зеленски.
Говорот на Зеленски на безбедносниот форум, доаѓа сам по еден ден откако ги потпиша клучните безбедносни договори со Франција и Германија, додека побројните и поразени украински сили се повлекоа од источниот град Авдијивка наспроти неколкумесечниот руски напад.
Украинскиот лидер рече дека договорите потпишани со Германија и Франција ќе им дадат „импулс на Соединетите Држави“ да го одобрат критичниот пакет за помош од 61 милијарда долари што го задржаа републиканците во Претставничкиот дом кои бараат да се насочат кон справување со безбедноста долж границата меѓу САД и Мексико.
Средба Зеленски - Харис
Според најавите, Зеленски ќе се сретне со американската потпретседателка Камала Харис, во период кога се обидува да ги удвои напорите да собере поголема воена, политичка и економска поддршка за Украина за да ја спречи неиспровоцираната руска инвазија која трае веќе две години.
Демократката Харис на 16 февруари предупреди дека неуспехот на Домот предводен од републиканците да одобри понатамошна помош за Украина би претставувал „подарок“ за рускиот претседател Владимир Путин.
„Јасно ставивте до знаење дека Европа ќе застане со Украина и јас ќе ви кажам јасно, претседателот Џо Бајден и јас стоиме со Украина“, им посочи Камила на европските сојузници на Украина на безбедносниот состанок .
Украина, која е во голема мера зависна од економската и воената помош од нејзините западни сојузници, а особено од Соединетите Држави, се соочува со недостиг на муниција и воена опрема бидејќи американските пратеници се расправаат околу пакетот воена и економска помош за Украина.
Видете и ова: Дали смртта на Навални може да донесе промени во Русија?На 60-тата Минхенска безбедносна конференција, учествуваат околу 50 светски лидери.
Едноминутно молчење за Навални
Министрите за надворешни работи на Г7 на состанокот во Минхен на маргините на безбедносната конференција одржаа едноминутно молчење, во знак на почит кон починатиот руски опозициционер Алексеј Навални на 17-ти февруари.
„За неговите идеи и неговата борба за слобода и против корупцијата во Русија, Навални всушност беше доведен до смрт“, рече италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани.
„Русија мора да ја расветли неговата смрт и да престане со неприфатливата репресија на политичкото несогласување“, додаде тој.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека смртта на Навални покажува дека е невозможно Путин да се гледа како легитимен лидер.
„Путин убива кого сака, било да е тоа опозициски лидер или некој што му изгледа како цел“, рече Зеленски.
Кремљ, за кој Навални рече дека стои зад нападот со отров кој за малку ќе го убиеше во 2020 година, налутено негираше дека играл каква било улога во смртта на Навални и ја отфрли „апсолутно бесната“ реакција на западните лидери.
Внатре во Русија, луѓето продолжија да тагуваат за смртта на антикорупцискиот крстоносец и покрај тоа што официјалните медиуми обрнуваат малку внимание на неговата смрт и напорите да се отстранат сите почит кон него.
Домаќинот пак на безбедосната конференција во Минхен, германскиот канцелар Олаф Шулц во својот говоро упати директна порака до Израел да го почитува меѓународното хуманитарно право, во поглед на планираната копнена офанзива против преполниот град Рафа во јужниот дел на Појасот Газа.
“Почитувањето на меѓународното право и правилата е нешто што не е само нешто што го правиме затоа што потпишавме некои договори на глобално ниво. Тоа е нешто што излегува од нашата перспектива на човечкиот вид и како сакаме да бидеме и како сакаме да се гледаме себеси“, изјави Шолц на Минхенската безбедносна конференција.
Тој го повтори германското барање Израел да се придвижи кон решение со две држави, кое ќе вклучи признавање на независна палестинска држава што постои мирно заедно со Израел.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху категорично ја отфрли таа можност.
Палестинското екстремистичко движење Хамас, кое Европската Унија, САД и Израел го сметаат за терористичка организација, исто така не поддржува решение за две држави.
Односите меѓу Израел и соседните земји како и случувањата со пренатрупаниот град наиде на силни меѓународни критики.
Инаку на оваа конференција учествуваат и македонските претставници, претседателот Стево Пендаровски, претседателот на техничката влада Талат Џафери и министерот за надворешни работи Бујар Османи. Како што јави ДПА, главните теми на агендата на безбедносната конференција се тековните конфликти во Украина и во Појасот Газа.
Руските и иранските власти не се поканети на овогодишната Минхенска безбедносна конференција.