Достапни линкови

Повеќе од 100 уапсени ширум Русија додека му оддaвале почит на Навални


На 16 февруари, во Санкт Петербург, полицијата приведе маж кој положи цвеќе за Алексеј Навални на Споменикот на жртвите на политичката репресија
На 16 февруари, во Санкт Петербург, полицијата приведе маж кој положи цвеќе за Алексеј Навални на Споменикот на жртвите на политичката репресија

Ноќта на 17 февруари, групи неидентификувани лица под надзор на полицијата отстраниле цвеќиња и други предмети оставени во знак на почит кон опозицискиот политичар Алексеј Навални, покажуваат видеата на социјалните мрежи.

„Повеќе од 100 луѓе се уапсени ширум Русија поради положување цвеќе во спомен на Навални на различни места“, соопшти мониторинг групата ОВД-Инфо.

Во меѓувреме, полицијата го блокираше пристапот до споменикот во сибирскиот град Новосибирск рано на 17 февруари, каде што беа уапсени неколку луѓе кои се собраа да му оддадат комеморација на Навални. Апсењата се извршени во друг сибирски град Сургут, објави ОВД-Инфо.

Во Уљановск луѓето во цивилна облека веднаш ги извадле цвеќињата од споменикот и ги фотографирале оние кои донесле букети. И луѓето од Омск и Казан пишуваат дека спомениците во градот се оградени.

ОВД-Инфо објави дека 56 лица се приведени во различни области на Санкт Петербург, каде полицијата го растера собирот. Меѓу приведените има и фотограф на Новаја Газета и дописник на РусЊуз.

Уште 15 се уапсени во Нижни Новгород, а 11 се приведени во Москва, објави ОВД-Инфо на својата веб-страница, каде има вкупен број кој ги вклучува имињата на приведените.

Уште седум градови - Таганрог, Брјанск, Краснодар, Твер, Ростов-на-Дон, Мурманск и Белгород, пријавија едноцифрени притвори, објави ОВД-Инфо.

Во Москва полицијата дежураше на камениот споменик на жртвите на политичката репресија на плоштадот Лубјанка. Според Комерсант, најмалку 1000 луѓе дошле до споменикот да положат цвеќе и да му оддадат почит на Навални. Спонтани собири имало и во близина на куќата во московскиот кварт Марино каде живеел Навални пред неговото апсење, како и во Улјановск, Новосибирск и Киров, јавува агенцијата Астра.

Луѓето во Томск, Казан, Ижевск, Псков и Перм исто така излегоа да ја одбележат смртта на Навални. Во Минск најмалку едно лице е уапсено и приведено додека се обидувало да положи цвеќе на споменикот на Навални пред руската амбасада.

Рускиот опозициски политичар Алексеј Навални почина во затвор, јави вчера руската државна новинска агенција ИТАР-ТАСС.

Агенцијата информира дека одделот на Руската Федерална служба за управување со казнениот систем (ФСИН) ја пријавил смртта на Навални во казнена колонија во Јамало-Ненецкиот автономен округ, во западен Сибир.

„На 6 февруари 2024 година, во поправната колонија бр. 3, осуденикот Навални А.А. се чувствувал лошо по прошетката, речиси веднаш изгубил свест. Веднаш пристигнале медицински работници од установата и била повикана екипа на Итна медицинска помош“, се наведува во соопштението од затворската служба.

Оттаму додаваат дека "се преземени сите неопходни мерки за реанимација, но не дале позитивни резултати. Лекарите од итната помош констатирале смрт на осудениот. Се утврдуваат причините за смртта".

Според рускиот сервис на Радио Слободна Европа, неговиот адвокат Леонид Соловјов одбил да коментира. Тој појаснил дека бил со затвореникот во средата, пред два дена и дека тогаш со Навални се било во ред.

На 6 февруари, Навални беше ставен во самица од непознати причини, извести тогаш неговата портпаролка Кира Јармиш. Тоа беше 26-ти пат рускиот опозиционер да биде сместен во самица откако беше затворен пред повеќе од три години.

Навални за малку ќе умреше од труење со нервен агенс во 2020 година, за што тој ги обвинува руските безбедносни оперативци кои, како што вели, дејствувале по наредба на Путин.

Тој беше приведен на 17 јануари 2021 година на аеродромот во Москва по неговото пристигнување од Германија, каде што се лекуваше за тој напад.

Потоа беше осуден на две и пол години затвор за прекршување на претходното условно ослободување додека се опоравуваше во странство. Кремљ негираше дека на каков било начин е вмешан во труењето на Навални.

XS
SM
MD
LG