„Искрено да ви кажам јас не ја ни симнав маскава, многу малку во летниот период. Мора да се носи маска, загадено е“, ни раскажа повозрасна жителка на Скопје.
Сликата во градот утринава наликуваше како во времето на ковид пандемијата. Сè повеќе граѓани шетаат со заштитни маски на лицето - воздухот со чад и мирис на изгорено ги загрижува сите. Загадувањето е високо особено навечер.
Maрко Иванов ни раскажа како било кога ноќеска од Холандија слетал на аеродромот во Скопје.
„Во моментот кога се отворија вратите од авионот и кога излегов на самиот аеродром, се чувствуваше потешко дишење. И тоа дури во тој дел кој нели е надвор од градот. А кога ќе дојдете веќе во Центар, во Кисела Вода и во Аеродром се чувствува многу потешко дишење“, вели Иванов.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Граѓаните бараат властите да преземат мерки за загадувањето на воздухот. Мерните станици синоќа покажуваа загадување од 100 до над 400 микрограми на метар кубен ПМ честички. Не само во Скопје, туку и во Кавадарци, Тетово, Кочани, Струмица...
„Бројот на малигнитети е отприлика 10 отсто од сите заболувања, но сепак е во пораст. Загаденоста влијае и на бројот на астма, на опструктивни заболувања, хроничните незаразни заболувања“, вели за РСЕ Д-р Лилија Чолакова Дервишова - претседателка на Здружение на матични лекари
Таа препорачува населението да се потруди повеќе да се фокусира на здрав живот: Оние што можат повеќе да пешачат, да одат на планина и во село, а хронично болните кога е многу загадено да седат дома.
Во Кичево и Струмица на 19 и 20 декември е измерен просек од над 150 микрограми на кубен метар ПМ 10 честички, со што се надминува прагот на алармирање. Мерните станици во двата града измериле 179, односно 206 микрограми на кубен метар ПМ 10 честички, а во вторникот нивната концентрација била 152 и 185 микрограми.
Се препорачува работодавците да ги ослободат од работа бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар. Се препорачува и реорганизирање на работното време, а лицата кои работат на отворено да работат од 11:00 до 17:00 часот.
Меѓу мерктие се посочува Владата да ги задолжи сите органи на државна управа и единиците на локална самоуправа да ја намалат (до 50 отсто) употребата на службените возила, како и да обезбеди ограничување на работите на градежните објекти.
Можеби не е најзагаден град во светот и во цела држава, како што велат од Кабинетот на градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, но загадениот воздух во Скопје е сериозно опасен по здравјето, десетици пати повеќе од границите пропишани од Светската здравствена организација.
„Вредноста од 100 микрограми на метар кубен во текот на два последователни денови е надминат на мерните места во Скопје – Центар, Гази Баба, Ѓорче Петров, Тетово, Прилеп и Кавадарци“, покажуваат последните извештаи на сајтот на Квалитет на воздух на Министерството за животна средина и просторно планирање.
Според Светската здравствена организација, загадувањето е опасно по здравјето ако просеците на ПМ10 честичките надминуваат 45 микрограми на метар кубен во 24 часа, додека за честичките ПМ2,5 надминувањето во просек не треба да биде повеќе од 15 микрограми на метар кубен на ден.
Но, Северна Македонија се води по сопствен правилник кој вели дека властите треба да преземат мерки ако просекот на загадување биде 150 микрограми на метар кубен во два последователни денови. Така вели Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанции во амбиентниот воздух и прагови на алармирање.
Но, и покрај високото загадување, Кабинетот на градоначалничката Арсовска скоро секојдневно објавува соопштенија обвинувајќи ги медиумите за ширење на лажни вести со тоа што го посочувале Скопје како најзагаден град во светот, бидејќи според нив најзагадени градови изминативе денови биле Кавадарци, Тетово и Струмица.
„Светскиот мониторинг сервис „WAQI“ кој во реално време ги покажува податоците за нивото на загаденост во сите градови во светот, јасно покажува дека Скопје не е ниту најзагаден град во Македонија, а не пак во светот“, велат од Кабинетот на Арсовска.
И додека од Град Скопје велат дека се трудат да ја разберат потребата, како што велат, медиумите да пласираат „сензационалистички лаги за наводна загаденост на Скопје, во главниот град има најмалку 100 јавни институции кои трошат нафта и мазут, според податоците кои неодамна ги објави граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“.
Дел од овие објекти се на Град Скопје. Нафта за греење користат Противпожарната станица „Ѓорче Петров“, средните училишта „Сарај“, „Шаип Јусуф“ во Шуто Оризари, „Кочо Рацин“ во Ѓорче Петров“, „Браќа Миладиновци“ во Драчево.
Нафта троши и средното училиште „ЕМУЦ „8-ми Септември“ - Скопје кое троши 24.000 нафта годишно, но во моментов има распишано оглас за тендер за приклучување на централно парно греење, велат од Шанса за Центар.
Мазут користат автобазите на ЈСП во Автокоманда и Ѓорче Петров, а ЈП Водовод и канализација пелети“, велат за РСЕ од Шанса за Центар.
Освен јавните објекти, познатите фактори за аерозагадувањето се затоплувањето на домовите, сообраќајот, индустријата, урбанизацијата, депонии и палење на отпад, според повеќето домашни и меѓународни студии.
Граѓанската организација за заштита на животната средина „О2 Иницијатива“ реагираше дека „воздухот е токсичен“ но дека пратениците во Собранието не ги прифатиле амандмани на Буџетот за 2024 година „за конкретно намалување на аерозагадувањето.“
Меѓу амандманите поднесени од пратеници кои се дел од Зелената интерпартиска парламентарна група, биле замена на начинот на загревање на здравствените и образовни институции и јавни објекти кои користат мазут или нафта, но дека владејачкото мнозинство гласало против сите амандмани за заштита на животната средина, кои доколку се усвоеле сумата ќе била 0,15 од вкупните расходи во Буџетот.
„Инаку, оваа Влада се обврза дека до 2024 година ниту една државна институција нема да се грее со стари нееколошки системи за греење. Еве сме 2024 и ништо од тоа“, велат од „О2 Иницијатива.“
За власта заштитата на животната средина е меѓу најмалку приоритетните прашања ако се погледне распределбата на парите во Буџетот за следната година.
Еко-активистите укажуваат дека за Владата не се битни ниту анализите на Европската агенција за животна средина дека во 2021 поради загаден воздух во Северна Макеоднија починале 5.600 луѓе.