Достапни линкови

Власта ниту еден посто не го есапи здравјето на граѓаните


Аерозагадување во Скопје.
Аерозагадување во Скопје.

За власта заштитата на животната средина е меѓу најмалку приоритетните прашања според распределбата на парите во Буџетот за следната година. Еко-активистите укажуваат дека за Владата не се битни ниту анализите на Европската агенција дека во 2021 поради загаден воздух во Северна Макеоднија починале 5.600 луѓе.

Во земја која е меѓу најзагадените во Европа, само 0,8 проценти се предвидени за заштита на животната средина од вкупниот Буџет на државата, што е далеку од доволно за да се решат еколошките проблеми, велат еко – активистите, додека граѓанските организации објавија анализи со податоци на Европската агенција за животна средина (ЕЕА) кои покажуваат дека во 2021 година над 5.000 луѓе во Северна Македонија предвремено ги загубиле животите само од загадениот воздух.

„Тоа што државата од вкупниот Буџет алоцира само 0,8 отсто за животната средина, ја покажува непосветеноста кон решавањето на овие проблеми. Тоа покажува дека државата нема никаков интерес да го зачува и да го заштити животот и здравјето на граѓаните и дека таа се грижи само 0,8 отсто за здравјето и животот на граѓаните“, вели Аријанит Џафери од граѓанската организација „Еко-Герила“.

Предложениот Буџет за 2024 година е влезен во собраниска процедура, а во него областа заштитата на животната средина е на дното според издвоените средства во споредба со другите сектори.

Недоволно малку пари за следната година се издвоени за Министерството за животна средина, слично како и во Буџет за 2023 година, кога за борбата за заштита на животната средина беа предвидени 0,6 отсто, додека државата е соочена со бројни еколошки прашања, меѓу нив аерозагадувањето како континуирано најгорлив проблем за граѓаните во скоро сите градови во земјата.

Освен аерозагадувањето, меѓу проблемите кои треба да се решат се и историските индустриски депонии, односно 16-те еколошки жешки точки со милиони тони индустриски отпад, но и дивите депонии со кои никнуваат низ целата земја.

Како илустрација на големината на проблемот е сумата која ја доби Центарот за истражување и информирање за животнта средина „Еко-свест“, кој заедно со експерти во 2019-2020 година изработија Предлог-концепт за водење на стратегиска борба против загадувањето.

Нивните пресметки покажаа дека само против аерозагадувањето се потребни најмалку 300 милиони евра годишно. Тие наведоа дека оваа сума е добиена како еквивалент на проценетото влијание врз здравјето на населението и трошоците на здравствените услуги, како и поради загубените економски можности.

Иако парите од буџетот за Министерството за животна средина и просторно планирање не се единствените кои државата ги издвојува за еколошките прашања, бидејќи пари за оваа намена имаат и други институции и општините, граѓанските организации со години потенцираат дека вкупните средства се далеку од потребното за решавање на проблемите.

Растат смртните случаи поврзани со загадениот воздух

Граѓанската организација „О2 Иницијатива“ деновиве направи анализа на податоци на Европската агенција за животна средина (EEA) кои покажуваат дека дури 5.600 луѓе во 2021 година се прерано починати во Северна Македонија поради загадувањето со честичките ПМ2,5, азот диоксид и озон.

Голем скок на бројките на прерано починати имало само во изминатите три години: во 2020 имало 4.270 смртни случаи поврзани со загадениот воздух, во 2019 имало 3.610, а во 2018 прерано починале 3.180 луѓе, според податоците на EEA.

Радио Слободна Европа ги праша Министерството за животна средина и просторно планирање и Владата зошто заштита на животната средина не е приоритет кога станува збор за распределбата на парите во државната каса.

Во изминативе денови имаше неколкукратни надминувања на дозволените концентрации на загадување на воздухот во Скопје, Струмица, Кочани, Тетово, Кавадарци, Охрид, Прилеп, Гевгелија...

Арсовска - Скопје не е најзагаден во Македнија, ниту во светот

Медиумите известуваа дека главниот град е на листите најзагадени градови во светот, на што реагираше кабинетот на градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска. Оттаму издадоа соопштение во кое наведоа дека таквите информации се невистинити и дека се „сензационалистички лаги.“

„Особено поради фактот што светскиот мониторинг сервис „WAQI“ кој во реално време ги покажува податоците за нивото на загаденост во сите поголеми градови во светот, јасно покажува дека Скопје не е ниту најзагаден град во Македонија, а не пак во светот“, се вели во соопштението од Кабинетот на градоначалничката Арсовска.

Оттаму наведоа дека најзагадени градови во Македонија во последните 48 часа, пред 2 декември, биле Кочани, Струмица, Гевгелија, Кавадарци, Тетово и апелираа медиумите да не потпаѓаат на лажните вести.

Спорни мерења на аерозагадувањето

Мониторинг сервисите како „WAQI“ ги замаат податоците за аерозагадувањето од државните мониторинг станици, за кои Радио Слободна Европа во февруари оваа година објави истражување кое покажа дека официјалниот мониторинг систем за мерење на загаденоста често е со расипани мерни станици кои не даваат податоци за сите загадувачи, со што се отвора прашањето колку земјава може точно да ги процени нивоата на загаденост. Дојдовме до податоци кои велат дека државниот мониторинг систем работи со половина од потребниот кадар кој треба да ја мери загаденоста.

Воздухот има мирис и вкус, мерните станици потфрлаат
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:48 0:00

Политичарите - мајстори за релативизирање на проблемите

Според изјавите на политичарите кои ги слушаме години наназад, воздухот е загаден само кога тие се во опозиција.

Аријанит Џафери од „Еко-герила“ вели дека политичарите покажуваат најдобри резултати кога треба да ги релативизираат проблемите, без разлика дали станува збор за градоначалници или министри.

„За тоа се мајстори, да релативизираат цело време, но загадувањето не може да се релативизира на таков начин, бидејќи јас повеќе би му верувал на Гардијан, отколку на Арсовска или на министерката за животна средина Шукова. Но, мора да се спомне и дека Кривичниот законик во Член 218 предвидува казна затвор од четири до десет години за загадување на воздухот, почвата и водата во државата. Ние имаме просечно повеќе од 100 дена во годината со надминато загадување, а имаме нула денови затвор за загадување на животната средина. Тоа уште еднаш ја покажува посветеноста и заинтересираноста на властите, централната, локалната и судската власт за решавање на овие проблеми на граѓаните. Овие проблеми се решливи, но они толку сакаат и толку прават“, вели Џафери.

Британски Гардијан објави истражување кое покажа дека сите земји во Европа дишат токсичен воздух, а дека граѓаните на Македонија дишат најтоксичен.

Анализата на податоци собрани со помош на најсовремена методологија, вклучително детални сателитски снимки и мерења од повеќе од 1.400 копнени станици, открива страшна слика за валканиот воздух, при што 98 проценти од луѓето живеат во области со високо штетно загадување со ситни честички.

Речиси две третини од луѓето во Европа живеат во области каде што квалитетот на воздухот е двојно повеќе загаден од тоа што го препорачува Светската здравствена организација, се наведува во резултатите од анализата на британскиот дневен весник Гардијан, но според весникот токму најпогодена земја во Европа е Северна Македонија.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG