Звук на чекан и градежни машини ја сече летната тишина во речиси испразнетиот главен град во ек на годишни одмори. И покрај владините препораки за превенција од топлотниот бран за работниците на отворено да не се изложуваат на високи температури на пладне, во центарот на Скопје, градежници на скелиња извршуваат работни задачи. Овие звуци доаѓаат од зад тарабите на незавршените објекти од контроверзниот проект на поранешениот премиер Никола Груевски, познат како „Скопје 2014“.
Десетици згради по пребегнувањето на Груевски во Унгарија и смената на власта во 2017 година останаа недовршени и неупотребени.
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека ова прашање како скопјанец многу го засега и оти бара начин за голем дел од тие објекти да се завршат. Но, пари за нив годинава во ребалансот на буџетот не се предвидени.
„Не се предвидени од проста причина што се уште анализираме да видиме каков е правниот статус. Бидејќи дел од тие објекти се приватни инвестиции. Сега, не можеме ние како држава и тие приватни објекти да ги санираме. Но, секако со инвеститорите би сакале да разговараме, да работиме, тоа да се заврши. Да видиме што можеме да помогнеме.Откако ќе ја завршиме таа анализа, бидете сигурни дека веќе во буџетот за следната година, тоа што е работа на државата ќе биде завршено“, изјави денеска Мицкоски.
Мицкоски на прашањето на Радио Слободна Европа дали во довршувањето на објектите и натаму ќе доминира барокниот стил, кусо одговори дека е љубител на модерната архитектура.
„Јас за вкусовите не сакам да дискутирам. Можеби некој има одреден правец во уметноста којшто му се допаѓа, некој има друг правец во уметноста којшто му се допаѓа. Можеби тоа што мене не ми се допаѓа, на некој друг му се допаѓа. Но, јас сум љубител на модерниот стил и би сакал сите тие згради и објекти коишто вие ги споменавте да бидат час поскоро завршени, само за да не го грдат лицето на главниот град, бидејќи се заборавени до сега. Дали ќе го напуштиме, тоа треба да кажат стручните лица, архитектите. Ќе повторам, доколку е тоа возможно, јас сум љубител на модерниот стил“, изјави Мицкоски.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Груевски кој беше промотор на барокниот стил на Скопје 2014 доби политички азил во Унгарија по обвинувањата за корупција, а партијата ВМРО- ДПМНЕ на чие чело беше тој, по мајските парламентарни избори се врати на власт по седум години во опозиција.
Овој проект на таканаречена архитектурна антиквизација на центарот на главниот град на Северна Македонија предизвика многу критики од домашната стручна јавност. Спомениците од античкиот период наидоа и на критики од Грција поради спорот со името „Македонија“ кој беше решен со Преспанскиот договор во 2018 по што Република Македонија го смени името во Северна Македонија и во 2020 стана членка на НАТО.
Во меѓувреме, седум години додека власта беше во „рацете“ на СДСМ и ДУИ, проектот „Скопје 2014“ падна во заборав. Десетина згради „зјаат “ недовршени и празни, или поради предвидениот барокен изглед или поради проблеми во проектната изведба на зградата поради која не добиле дозвола за технички прием.
Се уредува црквата „Св. Констатин и Елена“
Првите градежни удари, летово се слушнаа од камбанаријата на црквата „Св. Констатин и Елена“, која се наоѓа во центарот на градот, на улица Македонија. Градежна машинерија е веќе сместена во дворот на црквата и се работи на расчистување на просторот.
„Македонската Православна Црква Охридска Архиепископија на ден 29.7.2024 година до Општина Центар - Градежен Инспекторат, достави Известување во кое не известуваат дека согласно предвидениот план и динамика за работа на Скопската православна епархија за 2024 година, отпочнати се градежни работи за доуредување на внатрешноста, партерот и камбанаријата при храмот ,,Св. Константин и Елена"“, се вели во одговорот од општина Центар.
Од Македонската православна црква не добивме одговори зошто после толку години, токму сега започнуваат со довршување на оваа црква.
Изградбата на црквата пред една деценија ја брануваше јавноста поради битката на тогашната централна власт на ВМРО ДПМНЕ со локалната власт во општина Центар предводена од опозицискиот градноначалник Андреј Жерновски, која не дозволуваше измена на Деталниот урбанистички план.
Во јуни 2013 година стотина демонстранти ја држеа под опсада бараката на Општина Центар каде советниците требаше да дискутираат за промена на Детален урбанистички план. Демонстраните се претставуваа дека се дел од граѓанска иницијатива Веритас и дека протестираат по шпекулациите во јавноста дека со новиот ДУП ќе се урива црквата „Свети Констатин и Елена“.
Две години подоцна, тогаш опозициската СДСМ на прес-конференција објави „бомба“ во која како што се слуша од незаконски прислушуваните телефонски разговори, мотивот за протестот бил промената на ДУП-от со кој ќе се блокираат изградби на други објекти во интерес на припадници на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.
Изградбата на црквата започна во 2012 година. Најавите беа дека за три години ќе биде изградена. Но и по 12 години црквата не е завршена. Лимените тараби околу градбата на црквата, се уште стојат и одземаат речиси третина од улицата „Македонија“ во нејзиниот централен дел.
На градилиштето сè уште стои табла на која пишува дека инвеститор на црквата е фондацијата „Св. Цар Константин“ и оти градежните работи ги изведува скопската компанија АД „Бетон“, Скопје. Оваа компанија е во процес на ликвидација.
Колку чинеше досегашната изградба остана „света тајна“, која претставниците на МПЦ никогаш не ја споделија со јавноста. Но Министерството за правда во 2018 по слободен пристап до информации, ги објави списоците на донаторите за изградбата на црквата. Парите за изградба на црквата тогаш биле собрани на три донаторски конференции. Присуствуваа луѓе од бизнис елитата, банкари, политичари и свештеници од врвот на МПЦ. Преку овие донаторски конференции се собраа околу 2 милиони евра, покажа истражувањето на Истражувачката репортерска лабараторија.
Со полна пареа се работи на хотелот и на Офицерскиот дом
Хотелот и Офицерскиот дом во центарот на Скопје се градат 13 години, а почна да ги гради грчкиот бизнисмен Димитрис Кондоминас во 2011 година.
Тогашната влада на Никола Груевски преку Министерството за транспорт и врски каде министер беше Миле Јанакиески му го продаде ова атрактивно земјиште со површина од 6.300 метри квадратни по цена од 100 евра по квадрат односно за 630.000 евра. Инвеститорот според договорот има обврска во склоп на хотелот да изгради и резиденцијален дел за градоначалникот на Скопје каде ќе има и матична служба, со фасада на некогашниот Офицерски дом.
Но, откако Кондоминас во 2015 беше уапсен во Грција поради затајување данок, проектот го презеде рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко кој ја купи фирмата на грчкиот бизнисмен за 600.000 евра и продолжи под истите услови да го гради објектот.
И сега како инвеститор се води Самсоненко преку неговата фирма СИС Инвест Груп. Според таблата поставена на градилиштето првото одобрение за градба го добиле во 2012 година, а со последни измени на проект последното одобрение за градба го добиле во 2022 година.
Изградбата на овие два објекта неколку години беше во застој, за веќе од минатата година да почне со делување на терен. Градежни работници се забележуваат и во двата објекта како со полна пареа работат.
Од Општина Центар неодамна појаснија дека се работи за два хотела со компатибилни класи на намена во којшто има мали комерцијални единици и деловни простории.
„Поконкретно, за објектот таканаречен поранешен Офицерски дом станува збор за хотел, намена Б5 –хотел, и намена В4- државни институции ( канцеларија на градоначалник на Град Скопје и матична служба) со компатибилна класна намена мали комерцијални единици“, изјавија од Општина Центар.
Фирмата на Самсоненко, Сис Инвест Груп, по неколку обиди за стечај, во 2020 година преживува и продолжува со работа. Во последниве две години бележи раст на приходите, но не и добивка, покажуваат податоците од дата базата на „Бизнис мрежа“. Според нив, Самсоненко покрај Сис Инвест Груп поседува и десетина други фирми меѓу кои и Сис Хоспитал која се јавува во случајот со парцелата во општина Карпош во близина на поранешната Воена болница, каде се планира изградба на нова приватна болница на 11 илјади метри квадратни, што предизвика протести поради тоа што се наоѓа во близина на заштитен објект како културно наследство.
Од трите галии на Скопје 2014, едната работи како хотел
Бродовите во коритото на реката Вардар во центарот на Скопје ќе ги има до 2035 година. Тогаш истекува последниот договор кој Град Скопје, кога градоначалник беше Коце Трајановски, го склучи на 20 години, додека на другите две им истекува во 2026 односно 2027 година. Поранешниот градоначалник од сега опозициската СДСМ, Петре Шилегов ветуваше дека галии во Вардар нема да има. Тој почна да ја урива едната од трите галии пролетта 2021, меѓутоа поголем дел од објектот остана бетониран во водите на Вардар.
Сега во долниот простор, цел човек може да влезе низ дупката што гледа кон кејот. На подот што се распаѓа од влага расфрлани се празни пива, пластични шишиња, разни отпадоци и догорчиња. Горниот дел од палубата стана засолниште за бездомници.
По куса прошетка низ кејот на реката Вардар се забележува дека само едната од трите галии е ставена во функција. На гостите им нуди италијанска храна и соба за преспивање.
Народна банка допрва ќе распишува тендер за довршување на новата зграда
Во новата зграда на Народната банка со месеци нема градежни работи. Објектот, како дел од Скопје 2014 се наоѓа во центарот на градот до зградата на Министерството за надворешни работи и се уште е недовршен, а за него досега се потрошени речиси 15 милиони евра.
Од Народната банка на прашањата на Радио Слободна Европа одговорија дека по раскинувањето на договорот за градба кој беше склучен 2016 година, ги презела сите чекори за заштита на имотот на банката, како и за утврдување на можностите за завршување на градбата во блиска иднина.
„Во моментот се врши неопходно прилагодување на проектната документација, која е дел од спроведена постапка за јавна набавка на проектантски услуги, по што ќе следи постапка за јавна набавка на нов изведувач на градежни работи, кој треба да ја доврши градбата на објектот“, се вели во одговорот на Народна Банка.
Новата зграда на Народна банка беше дел од проектот „Скопје 2014“. Според договорот склучен тогаш со градежната фирма „Бетон“, изградбата требаше да чини 23 милиони евра. Досега, како што објаснуваат од Народна банка, изведени се над 60 отсто од градежните работи предвидени со основниот договор, односно на „Бетон“ му се исплатени 15 милиони евра.
Трите факулети предвидени со Скопје 2014 се уште чекаат завршување на зградите
Милиони од државната каса се потрошија за згради, ама студентите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), Драмски и Физичка култура, нови простории не добија. Точно една деценија помина од почетокот на изградбата на објекти за факултетите ФИНКИ и ФФК. Министерот за образование Јетон Шаќири три години тврдеше се размислува како да се промени планираниот барокен изглед на недоврешените објекти, додека студентите учеа на други факултети.
И новото раководство на Министерството за образование ветува дека изградбата на ФИНКИ и ФФК ќе продолжи.
„Наскоро ќе се направи увид во досега реализираните активности, проценка на настанатите штети поради негрижата кон објектите во изминатите неколку години и утврдување на фактичката состојба во која тие се наоѓаат. Согласно овие информации, ќе се проектираат и буџетските средства за следната, односно следните календарски години и ќе се спроведе постапка за избор на нова градежна компанија која ќе ја доврши изградбата“, се вели во одговорот на Министерството за образование за РСЕ.
Видете и ова: Студентите во тесно, барокните згради чекаат нов изгледСтудентите во 2015 година протестираа против идејата новите простории да имаат барокен изглед, затоа што, како што велат од тогашната студенска организација „Студентски пленум“, таквите зданија нема да се вклопат во универзитетскиот кампус.
Град Скопје не е надлежен за барокот на улица Македонија
Улица Македонија требаше да добие барокен изглед, но тоа се спроведе само во половина од улицата. Сега таму има згради без фасади и без поставена надворешна изолација.
Преслекувањето во барокен изглед на фасадите на главната улица во центарот на Скопје започна во време на градоначалникот Коце Трајановски. До 2016 година за таа цел беа потрошени 10 милиони евра. Но, ниту наследниците на Трајановски, Шилегов, и актуелната градоначалничка Данела Арсовска не го решија овој проблем.
„Во однос на фасадите кои беа опфатени со Проект ,,Скопје 2014’’, ве известуваме дека сите Договори се реализирани и роковите за времетраење на договорите се истечени, а средствата се одвоени од Буџет на Владата. Град Скопје нема надлежност за санација на фасадите“, се вели во одговорот на Град Скопје на прашањата на Радио Слободна Европа.
Владата на екс премиерот Никола Груевски потроши над 600 милиони евра државни пари за контроверзниот проект Скопје 2014, а беа предвидени 80 милиони евра. Сега премиерот Христијан Мицкоски најавува завршување на проектот во буџетската 2025 година.