Девојче киднапирано, па убиено. Поранешен вицепремиер на американската „црна“ листа. Ќе има или не уставни измени? Дали ни треба техничка влада? Мафијашки престрелки во полн трговски центар во сред бел ден. Секој ден застарува по еден судски предмет против поранешни функционери. Ваквите наслови доминираат во медиумите. Тоа, пак, во голема мера ги отсликува најголемите проблемите со кои се соочуваат граѓаните.
Корупцијата проблем број еден
Корупцијата е проблем број еден и ја истисна невработеноста на листата како најголем проблем на граѓаните, покажува истражувањето за проценка на корупцијата, изработено од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).
Корупцијата во 2023 и во 2021, според граѓаните, е најголем општествен проблем. Претходно, пак, во 2019 и во 2018 на прво место била невработеноста. Невработеноста во изминатите години е намалена и сега изнесува 13 отсто, но стапката на невработени млади се уште е висока и изнесува 26 проценти и е највисока во регионот.
„За над 80 отсто од македонските граѓани постоењето морална криза во нашето општество, следено со неефикасноста на судскиот систем во борбата против корупцијата, желбата за брзо лично богатење на оние кои се на власт и недоволната заштита на лицата кои пријавуваат корупција, се водечки фактори за широкораспространетата корупција“, стои во истражувањето.
На половина милион граѓани им било побарано мито, а околу 380 илјади луѓе дале мито, вели претседателот на МЦМС Александар Кржаловски. Но многу малку случаи за корупција завршиле на суд. Во последната година има 98 пресуди за злоупотреба на службена должност и четири пресуди за примање мито.
„Најкорумпирани институции се владата, судството, па и Парламентот. Таму треба да почне да се води борбата против корупцијата“, вели Кржаловски.
Граѓаните како најкорумпирани професии ги посочиле – министрите, пратениците, судиите, лидерите на политичките партии и цариниците.
Дека земјава се рангира многу лошо во поглед на степенот на корупција присутна во јавниот сектор не е некоја новина, оценува народниот правобранител Насер Зибери.
„Корупцијата е една од причините која може да ги поткопува темелите на стабилноста и развојот на едно општество и затоа насочувањето на сите погледи на странските фактори, вклучувајќи ја тука ЕУ, но и САД, е насочена кон борба против корупцијата во јавниот сектор. Посебно загрижува податокот што граѓаните сметаат дека најкорумпирана структура е токму извршната власт односно министрите, пратениците, судиите итн“, вели правобранителот.
Истражувањето на МЦМС покажало дека луѓето се свесни за корупцијата. Освен радиционалниот начин на давање поткуп во пари, тие препознаваат и посложени форми на корупција како непотизам и клиентелизам. Но сепак, висок е процентот на испитаниците кои мислат дека давањето подарок на доктор не е корупција.
За околу 28 проценти од населението во земјата која брои 1,8 милиони жители корупцијата е прифатлив начин на однесување. Споредено со претходните години, има намалување, но сепак бројката од 540.653 луѓе за кои ова е прифатливо преставува значаен проблем во развојот на антикоруптивни политики.
Справувањето со корупцијата внимателно се следи и од домашните и од меѓународните претставници, а доаѓаат и сериозни забелешки.
Европската Комисија (ЕК) во извештајот за напредокот на земјата објавен пред еден месец изрази сериозна загриженост за распространета корупција, судството кое не напредува и за политичката поларицазија.
Државата нешто да преземе против корупцијата бара и американската амбасадорка Анџела Агелер. Соединетите Американски Држави(САД) неделава му забранија влез на поранешниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев, кој беше во владата на СДСМ, во период од 2017 до 2020. Санкции има и за неговото семејство. Тој е санкциониран оти бил вмешан во сериозна корупција.
Видете и ова: Стејт Департмент: Забрана за влез на Кочо Анѓушев во САДАгелер вели дека „ќе следуваат повеќе означување за корупција, но факт е дека нашите напори и нашите санкции не можат да ја поправат епидемијата на корупција во Северна Македонија“.
Пред три недели САД ја проширија „црната листа“ со Ратка Куноска-Камчева, која е мајка на бизнисменот Јордан (Орце) Камчев, како и рускиот бизнисмен со македонско државјанство Сергеј Самсоненко и неговата сопруга Ирина Самсоненко. Сите се поврзани со Камчев, кој е на оваа листа од 19 јули годинава. Под санкции американските власти ставија и пет фирми од земјава поврзани со Самсоненко и со Камчев.
Од властите, за санкционирањето на Анѓушев коментираше само вицепремиерката за добри политики на владеење Славица Грковска, која вели дека главната обврска е на домашните институции, а помошта од странство е добредојдена.
Што друго ги мачи граѓаните?
Во листата на првите пет проблеми следат и политичката нестабилност, сиромаштијата, криминалот и ниските приходи. За првпат годинава во топ петте се вбројува криминалот. Досега доминирале социјалните теми, како невработеност, сиромаштија, високи цени. Во 2023 се испреплетуваа и општествените проблеми.
Политичка нестабилност
На политичката сцена прашањата за изборите ги засенија уставните измени кои и се потребни на земјата да го продолжи интегративниот пат. По месеци меѓусебни препукувања, партиите во понеделникот се договорија за датум за избори. Договорот падна на денот кога јавноста очекуваше повеќе одговори за убиството на тинејџерката Вања Ѓорчевска, по која една недела се трагаше.
Криминал
Изминатите неколку денови сите очи на јавноста се свртени кон случајот со киднапирањето и убиството на 14-годишната Вања. Истите луѓе осомничени за нејзиниот случај се сомничат и за убиството на 74-годишниот Панче Жежовски. Осомничениот за убиствата е уапсен по меѓународна потерница во Турција и се чека негова екстрадиција.
Видете и ова: Уапсен Љупчо Палевски-осомничениот за грозоморното убиство на 14-годишната ВањаПретходно јавноста беше вознемирена од престрелките на јавни места, како инцидентите во трговскиот центар „Ист Гејт“ во кој двапати за еден месец беше стрелано кон Раде Трајчевски – Штекли“, поранешен затворени и осомничен за неколку криминални дела.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во интервју за РСЕ оцени дека Министерството за внатрешни работи бележи всиок процент на расчистени убиства, но дека се уште трага по убијците од „мафијашките банди“.
Во септември во земјата се забележани шест убиства, колку што имало за цела 2022. Според психолозите насилството го поттикнуваат гневот и стравот, но и општествените случувања имаат големо влијание.
„Особено во нашето општество каде сите овие години од независноста ние сме во некоја транзиција и овие големи проблеми на општеството во годините на транзиција доведуваат до тоа да не се гради чувството на безбедност во животот на луѓето – ниту лична ниту општествена“, вели психологот Мирјана Јовановска-Стојановска.
Годинава, како и во 2021, меѓуетничките проблеми и загадувањето се најдоа на последните две места.