Монструми, малоумни, луѓе што не можат да се наречат луѓе, се термините што ги употребуваше министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски на вонредната прес-конференцијата доцна вечерва на 5 декември, на која потврди дека во Турција е уапсен Љупчо Палевски - Палчо, осомничен за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес.
„Тоа што сакам лично да го споделам со вас, најпрво како човек, како родител и како граѓанин на Северна Македонија и како министер за внатрешни работи е известувањето од колегите од пријателска Турција дека креаторот, планерот, главниот координатор и директниот извршител на овие кривични дела е фатен и лишен од слобода на нивна територија. Тоа беше и последната алка од овој грозоморен чин која ни недостасуваше за да кажеме дека сме завршиле се што е од наша надлежност, целосно да ги разобличиме овие монструми - сторители од ова свирепо двојно убиство кое длабоко не потресе сите, од најмал до најстар“, рече Спасовски.
Тој кажа дека Палевски прво бил однесен со возило во Србија, потоа со друго возило во Бугарија, преку чија територија стигнал во Турција. Турската полиција го уапсила во градот Баликесир, додека се движел пеш покрај автопат. Почната е постапката да му се определи екстрадициски притвор.
„Длабоко во себе верував и посакував фаќањето на злосторникот да оди брзо. Сега веќе можам да кажам дека нашето заврши, а постапката за определување екстрадициски притвор продолжува додека лицето не биде спроведено во нашата држава, а потоа изведено и пред лицето на правдата“, рече Спасовски.
Обдукцијата на телото на Вања е завршена, а извештајот треба да стигне во Обвинителството. Точниот наод на обдукцијата ќе покаже од што починала Вања, но Спасовски рече дека во прашање е прострелна рана.
МВР денеска на територијата на Скопје пронашала два пиштола. Треба допрва да се испита дали со нив се извршени двете убиства.
На прашање дали е најден мобилниот телефон на Вања, Спасовски кратко одговори „да“.
Кривични пријави за пет лица
МВР поднесе кривична пријава, на сто страници, против пет лица осомничени за вмешаност во случајот, кажа Спасовски. За четворица осомничени е определен 30-дневен притвор.
Со пријавата, едно лице се товари за грабнување и за убиство, тројца за за грабнување и соизвршителство при убиство и едно лице за помагање при грабнување.
Претходно, на таткото на Вања му беше определен 48-часовен притвор. Тој е осомничен дека споделувал информации со останатите осомничени за излегувањето на Вања од дома. Од ОЈО Скопје велат дека во основа, тој ги негирал дејствата.
Во соопштение од Јавното обвинителство е наведен редоследот на случувањата поврзани со двете убиства.
„На 22 ноември, четворица од осомничените, по претходен договор и заедно, извршиле грабнување на лице од неговиот дом во Велес со намера да го присилат да го даде неговиот автомобил Цитроен за тие да го искористат за грабнување на малолетно лице во Скопје. Откако влегле во неговиот дом, физички го нападнале, го врзале и со автомобил го однеле во близина на селото Рудник, каде со учество на дејствие на извршување и со друг особен придонес кон извршување на делото, од користољубие и на свиреп начин го лишиле од живот со истрел од огнено оружје од еден од осомничените“, соопштија од Обвинителството.
Од таму додаваат дека на 27 ноември четворицата осомничени, помогнати од петтиот, извршиле грабнување на малолетно лице со намера да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп на детето. Притоа го искористиле и одземениот автомобил. Подоцна на свиреп начин и со умисла ја лишиле од живот жртвата, а со претходно купен бензин го запалиле автомобилот Цитроен.
Претходно вечерва беше уапсен 46-годишен скопјанец, кој како што соопшти обвинителството, со џип „ланд ровер“ го превезувал Палевски преку Бугарија до Турција, со што му помогнал да побегне од државата. Определен му е 48-часовен притвор.
Тоа е различно лице од адвокатот што го однел Палевски до Србија, каде го оставил во хотел. Адвокатот беше приведен на граница, на влез во Северна Македонија.
Политиката да не ја злоупотребува трагедијата
Спасовски апелираше случајот да не се злоупотребува во политички цели.
„Ако некој смета дека може да се добиваат политички поени на мртви души, тоа е многу погрешно. Најстрого ќе бидат санкционирани сите кои пробуваат да пренесуваат страв и несигурност кај граѓаните“, рече министерот откако денеска се појавија информации за обид за наводно киднапирање ученичка пред училиште во општина Карбинци.
„Мирот, стабилноста, сигурноста никој не може да ја загрозува. Вакво криминално гнездо, како што е направено мора да се разбие до крај. И такви политички партии, со не знам какви провиниенции ова го прават, како таа што е формирана, таа мора да биде дерегистрирана“, рече Спасовски.
Палески е основач на партијата „Десна“. Според објавите на партијата, тој остро се спротивставува на евроатланските интеграции на земјава, а промовира дел од идеите за зближување со Русија. Го промовира и БРИКС, заедницата која се смета дека е под покровителство на Русија и Кина.
Министерот вели дека МВР е подготвено колку и време да е потребно да се расчистат „вакви криминални дувла и гнезда, кои преку правење на политики и политиканства, коалиции и договори итн., преку влијанија секакви од надвор сакале да направат дестабилизација“, рече министерот.
Прашан за какво влијае од странство мисли и за каква дестабилизација, тој одговори со прашања:
„Не знаеме какви ставови застапуваа лицето и таа партија? Не знаеме кои беа тие и што правеа во изминатиот период? Не знаевме за неговите емисии во кои директно се спротивставуваа на напредокот на државата, на НАТО, европскиот пат? На тие мислам“, рече Спасовски.
Љупчо Палевски е првоосомничен за грабнувањето и убиствата на Ѓорчевска и Жежовски. За него беше распишана таканаречена црвена меѓународна потерница.
Случајот започна на 22 ноември кога во Велес исчезна Панче Жежовски, за своите сограѓани познат фризер. Тој не кревал на телефонските повици од неговата ќерка па таа за исчезнат го пријавила во СВР Велес на 24 ноември, а информацијата следниот ден ја објавила и на социјалните мрежи каде што уште пишува дека е исчезнат заедно со неговиот автомобил Цитроен. Според Министерот Оливер Спасовски потрагата по овој човек веднаш е започната.
Само неколку денови подоцна, на 27 ноември на шеесетина километри подалеку од Велес, во центарот на Скопје е пријавено второ исчезнување. Утрото во 8.35 часот мајката на малолетничката Вања Ѓорчевска во полиција пријавила дека нејзината ќерка излегла во 7.20 од домот во Дебар Маало, но не стигнала на училиште. Некаде околу пладне на социјалните мрежи го објавува ликот на девојчето, и моли за помош. Во 11 часот во полициска станица пријавил и таткото на Вања.
Потоа полицијата и Обвинителството, според изјавите на приведените, ги поврзаа двете убиства и наведоа „користољубие“ како мотив.
Случајот на исчезнатата Вања одекна далеку на Балканот, а во Северна Македонија предизвика шок и вознемиреност.