Во Берлин потпишан нов акциски план за единствен пазар, дел од Планот за раст за Западен Балкан

Премиерите на Србија, Северна Македонија, Црна Гора, Косово и претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина и премиерот на Албанија на потпишувањето на Акциониот план, Берлин, 14 октомври 2024 година.

Премиерите на шесте земји од Западен Балкан на самитот на Берлинскиот процес на 14 октомври потпишаа нов акциски план за единствен регионален пазар, како составен дел од Планот за раст на Европската унија (ЕУ) за Западен Балкан.

Потпишан е и нов договор за мобилност, кој вклучува пристап до високо образование.

Најавувајќи го потпишувањето, домаќинот на самитот, германскиот премиер Олаф Шолц, рече, потпишаните документи „ќе им го олеснат животот на луѓето“.

Новиот акциски план за единствен регионален пазар за периодот од 2025 до 2028 година го потпишаа премиерите на Србија, Северна Македонија, Црна Гора, Косово и Албанија и претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина.

Лидерите на Западен Балкан и претставници на некои западни земји, по состанокот на Берлинскиот процес, Берлин, Германија, 14 октомври 2024 година

На 11 октомври земјите-членки на ЕУ веќе ги одобрија реформските агенди за петте земји од Западен Балкан, со цел тие да добијат право да добијат финансиски средства од Европскиот план за раст на регионот.

Единствено Босна и Херцеговина не доби зелено светло затоа што Сараево во септември испрати нецелосен документ во Брисел кој не ги исполнува критериумите на ЕК, па реформската агенда не се ни разгледуваше на ниво на земјите од ЕУ.

На состанокот на колеџот на Европската комисија (ЕК), кој ќе се одржи на 16 октомври, се очекува оваа институција и формално да ги усвои реформските агенди за петте земји од Западен Балкан.

За ЕУ пристапот на земјите од Западен Балкан е геополитички приоритет, истакна комесарот за проширување Оливер Вархеји на самитот во Берлин на 14 октомври.

„Работиме со сите наши инструменти за да го забрзаме процесот за да го постигнеме во блиска иднина“, напиша Вархеји на мрежата Х.

„Пораките од Берлин беа многу јасни: постигнато е многу за луѓето во регионот, но, дојде време интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ да стане реалност“, напиша Мирослав Лајчак на мрежата Х, кој е специјален пратеник на ЕУ за дијалогот меѓу Косово и Србија.

Шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, исто така на мрежата Х изјави дека на 10-годишнината од Берлинскиот процес треба „да се гледа напред кон иднината во која сите шест партнери од Западен Балкан се дел од нашата Унија“.

ЕУ нема примено нова членка откако Хрватска се приклучи во 2013 година. Сепак, претставниците на ЕУ рекоа дека војната во Украина и другите геополитички прашања ја нагласуваат важноста на стратешкото партнерство меѓу ЕУ и Балканот.

Шолц повика на нова динамика во односите меѓу Косово и Србија

Германскиот канцелар ги повика Косово и Србија поактивно да се вклучат во нормализацијата на меѓусебните односи, ветувајќи дека лично ќе соработуваат со двете земји.

Шолц ова го изјави на отворањето на самитот во Берлинскиот процес, на кој присуствуваа претставници на сите земји од Западен Балкан и земји партнери.

„Ни треба нова динамика... Денеска би им рекол на моите пријатели од Белград и Приштина: Ве молам, не дозволувајте минатото да ве спречи на патот кон мирна и просперитетна иднина. Убеден сум дека таа иднина е во ЕУ и има само еден начин да се дојде до тоа: целосно спроведување на постигнатите договори“, рече Шолц за време на воведниот говор.

„Ќе продолжам лично да работам со двете земји за да се осигурам дека тие ќе ја искористат оваа можност“, додаде тој.

Видете и ова: Европска (не)перспективност пред посетата на Урсула фон дер Лајен

Германскиот канцелар Олаф Шолц е домаќин на лидерите на шесте земји од Западен Балкан на самитот на Берлинскиот процес за воспоставување поблиски врски со Европската унија (ЕУ), што се одржува денеска (14 октомври) во Берлин.

Северна Македонија ја претставува претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски, заедно со министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и министерот за европски прашања Орхан Муртезани. Предвидени се и повеќе билатерални средби на премиерот Мицкоски.

На самитот присуствуваат и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претставници на девет земји од ЕУ и меѓународни организации.

Целта на средбите со лидерите на земјите од Западен Балкан како дел од Берлинскиот процес, кои се одржуваат секоја година од 2014 година, е постепено приближување на Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Северна Македонија кон Европската Унија. Од шесте земји, само Косово не е официјален кандидат за членство во ЕУ.

Шолц ја пофали и деблокадата на ЦЕФТА-договорот за слободна трговија, бидејќи тоа, како што рече, овозможува активирање на неколку други договори, како договорите за работни дозволи и патеките на е-трговија.

„Деблокадата на ЦЕФТА-договорот не е единствената одлука што ќе ја донесеме денеска. Ќе потпишеме и два документи што ќе им го олеснат секојдневниот живот на луѓето. Едниот од нив е новиот акциски план за заедничкиот регионален пазар, кој претставува основен документ за понатамошно продлабочување на економската интеграција. Ова ќе ја направи прекуграничната работа помалку комплицирана и значително ќе ве приближи до стандардите на ЕУ“, додаде Шолц.

Шолц најави и потпишување на два нови документи на самитот, кои, како што рече, ќе им го олеснат животот на луѓето.

Станува збор за акциски план за заеднички регионален пазар и нов договор за мобилност, кој вклучува пристап до високото образование, пренесува ДПА.

ЕК нема примено нова членка откако Хрватска се приклучи во 2013 година.

Сепак, претставниците на ЕУ рекоа дека војната во Украина и другите геополитички прашања ја нагласуваат важноста на стратешкото партнерство меѓу ЕУ и Балканот.

Видете и ова: Мицкоски задоволен, Филипче со критики за „закопана“ европска иднина

Шефот на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен изјави дека на 10-годишнината од Берлинскиот процес „добро е да се биде во Берлин со нашите партнери од Западен Балкан“.

„Да погледнеме наназад на нашите достигнувања, но особено да гледаме напред. Кон иднината во која сите шест партнери од Западен Балкан се дел од нашата Унија“, напиша фон дер Лајен на мрежата Х.

Самитот на Берлинскиот процес се одржува таму каде што како меѓувладина иницијатива пред десет години го покрена поранешната германска канцеларка Ангела Меркел.

Целта на процесот е да ги поврзе земјите од Западен Балкан и Европската Унија и да им помогне да градат меѓусебни односи врз основа на европските вредности.

Таа служи како платформа за соработка на високо ниво меѓу официјалните претставници на Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија, а фокусот е создавање на заеднички регионален пазар, со околу 18 милиони луѓе.

Целта е земјите од Западен Балкан да соработуваат во развојот на инфраструктурата, намалување на невработеноста, зголемување на конкурентноста на економијата, меѓусебно помирување, образование, екологија.

Како дел од Берлинскиот процес беа потпишани договори за меѓусебно признавање на лични карти, универзитетски дипломи и професионални квалификации.

Договорена е и соработка во областа на транспортот, енергетиката, екологијата, дигитализацијата и роамингот.

Самитот на Берлинскиот процес се одржува еднаш годишно, а последниот се одржа во ноември 2022 година во Берлин. Сите земји од Западен Балкан на самитот потпишаа идентични договори и се обврзаа да ги ратификуваат.