Функционерите си ги намалија коефициентите, но не и платите

Салата каде се одржуваат владините седници

Владата во пресрет на избори ги намали коефициентите за платите на директорите, но тие нема да им се намалат, туку благо ќе пораснат. Највисок коефициент има директорот на АНБ, по него следи координаторот за реализацијата на програмата на владата. На тоа место е поранешниот шеф на кабинет на доскорешниот премиер Димитар Ковачевски, Мартин Попов, со плата од над 2000 евра.

Владата им ги намали коефициентите за пресметка на плата на 157 функционери, покажува одлуката објавена во Службен весник. Станува збор за функционери што таа ги именува. Со одлуката се намалуваат коефициентите на генералниот секретар на владата, владиниот портпарол, националните координатори и нивните заменици, директорите на управите, на инспекторатите, на бироата, државните комисии, агенциите, заводите, фондовите, директорите на затвори...

Коефициентите за функционерите што ги именува Владата се намалуваат за 12,8 проценти, одговорија од оваа институција на прашање на Радио Слободна Европа.

Според Одлуката, објавена во Службен весник, коефициентите за функционерите што ги назначува Владата сега се движат од 1,91 до 3,48

Сепак, и покрај намалување на коефициентите за пресметка на плата, функционерите нема да останат со куси ракави. Нивните плати нема да се намалат или благо ќе се зголемат и покрај намалувањето на коефициентите, затоа што просечната бруто плата е покачена за 15 отсто. Просечната бруто плата во 2022 година била 47.637, а во 2023 година достигнала 54.916 денари.

Видете и ова: Кампања пред кампања - полни усти (не)реални ветувања

Кој од директорите има највисока плата?

Најнискиот коефициент од 1.91 е за замениците директори на одредени агенции, а највисок од 3,48 има директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ). Зад него со 3.40 е националниот координатор за следење на реализација на програма на Влада и претседателот и членовите на инспекцискиот совет. Коефициент над 3 имаат и генералниот секретар на Владата, директорот на технолошко -развојните зони, заменик -директорот на АНБ, директорот на Агенција за странски инвестиции и неговиот заменик.

Пресметка на нето платата на директорот на Агенцијата за национална безбедност

Директорот на Агенцијата за национална безбедност, Зарко Милошовски, според пресметките на РСЕ, има нето плата од околу 2300 евра.

Просечната бруто плата за минатата година се множи со новиот намален коефициент 3,48. На тоа се додава по половина процент за секоја година работен стаж. Во случајот, тој има 27 години стаж, од што добива 13, 5 проценти плус на основната плата.

  • 54.916 по 3,48 = 191.107 денари
  • За стаж од 27 години дополнителни 25.799 денари
  • Бруто: 216.906 денари
  • Нето: 141.509 денари или 2.300 евра


Досега, за пресметката на неговата плата коефицентот беше 4, како и просечнаа плата за 2022 година кога таа беше 47.637. Заедно со стажот, тоа значи дека неговата нето плата досега 141.098 денари или 2.294 евра. Тоа значи дека и покрај намалениот коефициент, Милошовски ќе зема речиси иста плата.

Поранешниот шеф на кабинет на доскорешниот премиер Димитар Ковачевски, Мартин Попов, од крајот на јануари е назначен за Национален координатор за следење на реализацијата на програмата на владата. Тоа е едно од најдобро платените позиции назначени од владата со коефициент, кој со намалувањето, изнесува 3,4. Тоа значи дека Попов, кој има околу 10 години стаж во Северна Македонија, добива плата од речиси 128 илјади денари, односно 2100 евра.

Директорот на Агенцијата за странски инвестиции има коефициент на плата 3,13. Актуелниот директор Зулфи Адили има 20 години стаж, што значи добива уште 10 отсто зголемување од стаж. Тоа значи дека неговата бруто плата е над 189 илјади денари, односно секој први на сметки му легнуваат над 123 илјади денари, односно 2000 евра. Иста толкава плата добива и директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Јован Деспотовски. Платата може да варира за некоја илјадарка денари нагоре или надолу во зависност од стажот.

Видете и ова: Советот на јавни обвинители пред Уставен ќе се жали за коефициентот за плати

Но ниту со законот, ниту со одлуката на Влада не се опфатени директорските места на институции, како АЕК, М-Нав, Агенција за државни патишта, ЕСМ, МЕПСО, ПИОМ и редица други во кои директорите зимаат по неколку илјади евра плата. Ковачевски досега неколкупати негодуваше дека не може тие да имаат повисоки плати од претседателот на државата, премиерот и претседателот на Собрание. Станува збор, пред се, за побогати компании, кои имаат и други извор на финансирање, освен буџетот, па иако Владата ги назначува директорите, платите им се според други договори или ги одредува Управен одбор.

Толку од транспарентноста

Владата на својата интернет страница ги објавува платите на премиерот и министрите. Но, на страницата не ги објавија податоците за зголемените плати за 78 отсто од лани. По заминувањето на Димитар Ковачевски од кормилото на Владата, на веб страницата се вратени податоците од времето кога институцијата ја предводеше неговиот претходник Зоран Заев.

Податоци за директорските плати нема, освен објавите по владините седници кога некој е назначен за директор и дека му е одреден коефициент за плата.

Ограничувањето на растот на платите на директорите што ги назначува Владата, уследи откако при крајот на февруари во Собранието беа изгласани измени на шест закони со кои се намалуваат коефициентите на платите на избраните и именуваните лица. Со законите се опфатени 1060 избрани и именувани лица како што се претседателот, пратениците, министрите, судиите, јавните обвинители, членовите на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители.

Тогаш остана да се најде начин како да се ограничи растот на платите на функционерите што ги назначува Владата.

Видете и ова: Партиската диплома најсилен адут за директорување

За функционерите полн џеб, за работниците трошки

Платите на функционерите се пресметуваат така што основицата, во случајот просечната бруто плата за минатата година се множи по одреден коефициент во зависност од функцијата.

Избраните и именувани функционери од април минатата година земаат плати повисоки за 78 отсто, што предизвика незадоволство и протести кај разни групи работници и кај пензионерите. Работниците бараа и нивните плати да пораснат за онолку за колку што пораснале функционерските, но тоа не се случи. Вработените во јавниот сектор лани добија за 10 отсто повисоки плати.

Властите велеа дека ќе најдат начин да ги намалат нивните плати, но сè остана само на ветување. Годинава, според закон функционерските плати требаше да пораснат за уште околу 15 отсто, со оглед на растот на просечната плата. За да спречи ново покачување на платите, Собранието на крајот на февруари годинава, на предлог на владејачкиот СДСМ, донесе измени на шест закони со кои им ги намали коефициентите на избраните и именуваните функционери. Но со тоа само се стопираше новото покачување, а ланското од 78 отсто остана нечепнато. Властите десет месеци бараа начин како да ги зауздаат функционерските плати, а решението падна во рацете на техничката Влада, непосредно пред одржување на претседателските и парламентарните избори.

Техничкиот премиер Талат Џафери, по одлуката за платите за функционерите што ги именува Владата изјави дека ја следи логиката на законите коишто се донесени во Собранието.

„Впрочем, седум години сум го водел Собранието. И законите коишто се носат таму се обврска да се спроведуваат“, рече Џафери, додавајќи дека не треба да се остави простор поради формални работи да не може да се исплати плата на вработените.

Видете и ова: Цените европски, а платите балкански, освен за функционерите


Додека функционерите земаат плати од неколку илјади евра, работничките плати се од неколку стотини. Просечната нето-месечна плата на вработените за јануари 2024 година изнесува 39.542 денари (околу 643 евра).

Потрошувачката кошничка стигна до 960 евра

Кога се во прашање обичните работници, пак, за нив од март треба да се зголеми минималната плата, која ќе изнесува околу 22.500 денари (околу 365 евра). Но одлуката за повисока минимална плата не е внесена во Службен весник, велат од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) пресметал дека на едно четиричлено семејство за скромно да го протурка месецот му требаат 960 евра. Само за еден месец синдикалната кошница станала потешка за 1500 денари (25 евра), оти повеќе не важи владината мерка со која беа ограничени цените на основните прехранбени продукти.

Со растечката инфлација потрошувачката кошничка за три години се зголемила за над 75 проценти, бидејќи во март 2021 изнесувала 549 евра, споредено со 960 евра во март годинава.

Ваквиот сооднос, како што реагираа од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), нема позитивен ефект врз стандардот на граѓаните поради што синдикатите повикаа на протест на 1 мај.

На функционер со околу 2000 евра плата, половина од платата ќе му оди за синдикална кошница, а половина ќе му остане. На еден работник со просечна плата ќе му треба уште речиси една за да го помине месецот. Тој што работи за минимална плата, со платата ќе може да протурка 10 дена од месецот.