Вести
Независниот синдикат на полицијата бара усогласување на платите со новото покачување на минималната плата
Гранскиот независен синдикат на полицијата (НСП) од Владата и нејзиниот Економско-социјален совет (ЕСС) бара платите на полицијата да бидат усогласени со новото зголемување на минималната плата во државата.
Претседателот на НСП, Гоце Делчев, на прес-конференција ги повика министрите во ЕСС, кој секој март се состанува со синдикатите и работодавците за покачување на минималната плата, да ја имаат предвид и полицијата зашто според документите што се подготвуваат, рече, за нив не е предвидено покачување на платите.
„Апелираме до сите членови во ЕСС да се земе предвид, да се изнајде решение со секое покачување на минималната плата да се направи покачување и на платата во полицијата. Бидејќи и ние сме исто како и сите останати службеници во државата без разлика што сме третирани со посебни закони. Покачувањето на минималната плата треба да се вкомпонира и за полицијата, тука ги вклучувам и шумската, судската и затворската полиција. Но, најголем проблем е огромниот број во полицијата кои се директно засегнати од немањето покачување на платата врз основа на покачување на минималната плата“, рече Делчев.
Од 20.184 денари со новото зголемување, истакна Делчев, минималната плата ќе изнесува 22.500 денари.
„Разликата од тие околу 2.430 денари е основа која НСП ги бара да биде порамнување врз основа на покачување на минималната плата“, додаде претседателот на синдикатот.
Тој истакна и дека тие ова барање години наназад го доставуваат до МВР, но дека „ова Министерство не е тоа што го прави покачувањето и е незначителен фактор“.
„Покачувањето го бараме од Владата односно од Економско-социјалниот совет кое е тело што расправа, разгледува и донесува одлука на ниво на држава за сите плати“, додаде Делчев.
види ги сите денешни вести
Мицкоски: Не би шпекулирал каде е Груби, но не е чист како солза
Премиерот Христијан Мицкоски не сакаше да шпекулира каде се наоѓа поранешниот прв вицепремиер Артан Груби од ДУИ по кого е распишана меѓународна потерница како еден од осомничените во истрага за Државна лотарија.
„Различни се информациите, не би шпекулирал дали е во Албанија или Косово. Факт е дека не бил чист како солза бидејќи ако бил, немало потреба да биде бегалец од правдата - ќе дојде тука и ќе ја брани својата невиност“, рече Мицкоски пред новинарите во Гевгелија на 22 декември, каде присуствуваше на поставување камен темелник за изградба на трговски центар.
Изјавата на Мицкоски доаѓа откако вчера актуелниот прв вицепремиер во неговата влада и министер за животна средина Изет Меџити, во интервју за албанската телевизија „Ора њуз“ кажа дека неговите информации се оти Груби повеќе не е во Косово туку во Албанија.
На 15 декември, кога во јавноста излегоа информации дека Груби наводно избегал во Косово, тој се огласи преку Фејсбук велејќи дека дента патувал за приватна посета и веднаш штом ги заврши обврските „ќе се врати дома кај семејството“.
Веќе следниот ден, Јавното обвинителство соопшти дека отворило истрага за набавката на ВЛТ апарати во Државна лотарија.
Груби и поранешниот директор на Лотарија, Перпарим Бајрами, се осомничени како соизвршители на делото проневера во службата, додека уште четири други лица како членови на комисијата за јавни набавки се гонат за злоупотреба на службената положба и овластувања.
И Груби и Бајрами се недостапни за органите на прогонот, а на 18 декември за нив беше распишана меѓународна потерница. На двајцата, ден претходно, судот им одреди и мерки притвор од по 30 дена.
Истрагата за Груби следуваше откако претходно на 9 декември тој, заедно со неговото семејство и судијата Енвер Беџети завршија на црната листа на САД поради „вмешаност во значителна корупција преку примање мито за поткопување на судските процеси поврзани со кривичната пресуда на Сашо Мијалков, поранешен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање“, кој исто така од претходно е под американски санкции.
Груби тогаш се огласи дека е „чист како солза“ и рече дека ќе се повлече од јавниот живот за да не биде ничиј политички товар.
Случајот со Груби е тема и во секојдневните прозивки меѓу политичките партии.
Најголемата опозициска партија СДСМ ја обвинува Владата и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски дека се виновни за бегството на Груби.
„Косовската граница е решето, отворена за бегање на криминалци и терористи. Тошковски поим нема каде се наоѓа Груби и после сите скандали треба да се поднесе оставка“, реагираа социјалдемократите преку партиско соопштение на 22 декември.
Мицкоски, пак, во денешната изјава за медиумите одговори дека пораките што ги испраќаат и СДСМ и ДУИ „не се во насока на одлучна борба против криминалот и корупцијата“ и ги обвини дека како владејачка коалиција претходно функционирале како заштитници „не само на политичките, туку на вистинските криминалци“.
УХМР најавува студен бран со врнежи од дожд и снег
Студен бран од утре (23 декември) во Северна Македонија најавува Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Според прогнозите, времето утре ќе биде облачно и студено со врнежи од дожд и снег.
Врнежите ќе бидат пообилни во западните и крајните источни делови (над 25 л/м2) на земјава, каде на планините ќе се зголеми постојната снежната покривка. Помала снежна покривка, пак, ќе се формира и во некои од пониските места.
Се очекува и засилен ветер кој во текот на ноќта ќе дува и со брзина од над 60 километри на час.
До четврток, според УХМР, ќе се задржи променливо облачно, студено и ветровито време со локални врнежи претежно од снег, особено во среда.
Денеска (22 декември), пак, утринските температури беа најниски на Попова Шапка – минус седум. Таму има и најголема снежна покривна од 32 сантиметри. Слично утрово било и во Маврови Анови со минус седум степени и снег од 29 сантиметри.
Под нулата температурата била и во Крушево, Битола, Крива Паланка, Охрид, Прилеп, Берово, Скопје, Струмица, Кавадарци, Виница и Тетово. Највисока утринска температура била измерена во Гевгелија од три степени Целзиусови.
„Водовод“: Водата во Скопје е безбедна за пиење
Водата од градскиот водовод во Скопје е безбедна за пиење, соопшти надлежното јавно претпријатие откако вчера (21 декември) се изврши сериозен зафат за санација на водоводната мрежа во главниот град.
„Сакаме да ја информираме јавноста дека од добиените резултати сите примероци физичко-хемиски и микробиолошки одговараат на Правилникот за барање за безбедност и квалитет на водата за пиење, со што констатиравме дека водата од водоснабдителниот систем на град Скопје е санитарно исправна и истата може од страна на граѓаните непречено да се користи“, соопштија од Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје.
Испитувањата на водата биле извршени денеска (22 декември) од страна на секторот Санитарна контрола во рамки на јавното претпријатие.
Мониторингот, велат, опфатил девет клучни места од кои биле земени примероци: Автокоманда, Сингелиќ, Маџари, Ново Лисиче, Центар, Драчево, Пржино, Ѓорче Петров и Карпош.
„Покрај теренските мерења на рутинските параметри, тестирање беше изведено со стандардни методи и јонска хроматографија за физичко-хемиската анализа, како и со полимераза верижна реакција метода за микробиолошката анализа“, додаваат од ЈП „Водовод и канализација“.
На 21 декември околу 2 часот беше затворен еден од двата главни вентили на скопскиот водовод со што најголемиот дел од Скопје остана без вода за пиење.
Најавениот зафат и прекинот на водата, предизвика зголемена потрошувачка на вода во маркетите, дел од угостителите најавија дека нема да работат, додека од болниците во главниот град посочија дека се подготвени да ги изведуваат итните операции.
По повеќечасовниот прекин, во попладневните и вечерните часови – зависно од населбата, жителите на Скопје повторно добија вода од градскиот водовод.
Маск потврди дека Старлинк е активен во Косово
Американскиот милијардер Илон Маск објави дека неговата приватна сателитска интернет мрежа Старлинк е оперативна на територијата на Косово.
Маск, сопственикот на американската вселенска компанија Спејс Икс, вечерта на 21 декември на социјалната мрежа Икс напиша: „Интернетот со голема брзина, со мала латентност, на Старлинк сега е достапен и во Косово!“
Косовскиот премиер Албин Курти на 22 декември рече дека доаѓањето на Старлинк е важен чекор во подобрувањето на дигиталната инфраструктура на земјата.
„Старлинк се покажа како неверојатно важен во овозможувањето критични комуникации за време на природни катастрофи или други национални итни случаи“, напиша тој на Фејсбук.
Во октомври, Регулаторната управа за електронски и поштенски комуникации (АРКЕП) на Косово објави дека ја овластила американската компанија Старлинк да обезбеди пристап до Интернет до која било локација во Косово.
Што овозможува Старлинк?
Со Старлинк, Косово ќе има непрекинат интернет, на цела територијата, дури и во итни ситуации.
Старлинк има околу 6.000 сателити, лоцирани на околу 500 километри над Земјата, во ниската орбита на Земјата.
Тоа значи дека тие се околу 65 пати поблиску до Земјата од традиционалните стационарни сателити и за разлика од нив, сателитите Старлинк постојано се движат и обезбедуваат доцнењето на комуникацијата да биде 10 пати пократко.
Членот на одборот на АРКЕП, Резарта Дураку Ризај, во ноември за Радио Слободна Европа изјави дека лиценцата за работа за Старлинк е важен чекор во подобрувањето на дигиталната инфраструктура во Косово.
„Овластувањето на Старлинк има најголемо влијание врз зголемувањето на националната безбедност, особено во време на конфликт. Ова се должи на фактот дека најголемиот дел од инфраструктурата на Старлинк се наоѓа во вселената и е имуна на можна штета во време на војна или природни катастрофи на Земјата“, рече Дураку-Ризај.
Таа смета дека оваа предност може да ја искористат компаниите и државните институции, особено безбедносните, кои управуваат со критичната инфраструктура.
Како функционира?
Секој може да нарача услуги на веб-страницата Старлинк, барајќи ја најблиската адреса.
По нарачката, Старлинк на клиентот му испраќа приемник, кој се поврзува со сателитите во вселената.
Резарта Дураку Ризај објасни дека приемникот на корисникот е мал, пренослив и може да се користи на различни локации, како што се планини, тежок терен и други места каде што нема добар пристап до интернет.
Цените се одредуваат врз основа на локалната куповна моќ на секоја земја.
„Надоместокот се состои од две компоненти: првично купување на хардверот, терминал со придружните уреди што се купуваат еднаш и месечна претплата што ќе зависи од плановите за услуги“, рече таа.
Брзината на Интернет што ја нуди Старлинк е од 120 до 250 мегабити во секунда (mbps), во зависност од тоа дали се работи за поединец или деловен пакет.
Операторите во Косово во моментов обезбедуваат побрз интернет. На домаќинствата им се нуди интернет до 500 mbps како дел од пакет комбиниран со телевизиски услуги, по цени до 35 евра.
Ризај признава дека Старлинк не се натпреварува со локалните оператори во однос на брзината, но тоа е добар резервен план во случај на дефект на копнената линија.
Старлинк го привлече вниманието на светската јавност во февруари 2022 година, кога Русија започна војна во Украина, а како резултат на тоа, интернет-врските на Украинците беа прекинати.
Одлуката на Маск да овозможи интернет во Украина се сметаше за витална за многу украински воени операции, но и за обновување на енергетската и комуникациската инфраструктура.
Израел го обвини папата за двојни стандарди
Израел го обвини папата Франциск за двојни стандарди, откако тој во неговото божиќно обраќање до ватиканските кардинали ги осуди израелските воздушни напади врз Газа, јавија израелските медиуми на 22 декември.
Во своето обраќање на 21 декември се чинеше дека папата алудира на израелските воздушни напади извршени претходниот ден, а во кои официјални лица соопштија дека биле убиени најмалку 25 Палестинци во Газа.
„Вчера беа бомбардирани деца. Тоа е суровост. Тоа не е војна. Сакав да го кажам тоа затоа што допира до срцето“, рече поглаварот на Римокатоличката црква.
Израелското Министерство за надворешни работи ги осуди изјавите, велејќи дека е „особено разочарувачки што тие немаат врска со вистинскиот и фактички контекст на борбата против џихадистичкиот тероризам – војна со повеќе фронтови што е наметната од 7 октомври минатата година“.
„Доста е со двојни стандарди и издвојување на еврејската држава и нејзиниот народ“, се додава во соопштението на Министерството.
Алудирајќи на обвинението на папата за суровост, израелското Министерство реагира дека тој „избрал да ја игнорира“, суровоста на терористите „кои се кријат зад децата додека се обидуваат да убијат израелски деца“, како и „суровоста да се држат 100 заложници 442 дена, вклучувајќи бебиња и деца“.
Папата, водач на 1,4 милијарди припадници на Римокатоличката црква, во последниот период дава изјави во кои ја критикува израелската офанзива врз Газа насочена против палестинската милитантна организација Хамас, која САД и Европската унија ја сметаат за терористичка.
Војната во Газа започна на 7 октомври 2023 година со напад на Хамас врз Израел во кој загинаа 1.207 луѓе. Тогаш Хамас киднапираше и 251 лице. Сега во Газа има вкупно 97 заложници, од кои 34 израелската армија ги прогласи за мртви.
Во одмаздничката офанзива, пак, која ја започна Израел загинаа повеќе од 44.000 Палестинци во Газа, според локалните здравствени власти кои тврдат и дека жените и децата сочинуваат повеќе од половина од загинатите. Израел соопшти дека убил над 17.000 милитанти без да обезбеди докази.
Во извештајот насловен „Газа: Живот во стапица на смртта“, кој беше објавен на 19 декември, меѓународната организација „Лекари без граници“ го обвини Израел за етничко чистење во Појасот Газа.
Генералниот секретар на организацијата, Кристофер Локјер, изјави дека „забележани се јасни знаци на етничко чистење бидејќи Палестинците беа насилно раселени, бомбардирани и заробени“, пренесува Агенцијата Франс прес.
Одреден притвор за напаѓачот од Магдебург
Мажот обвинет дека уби четири жени и деветгодишно момче кога со автомобил влета на божиќниот пазар во германскиот град Магдебург, доби притвор. Покрај загинатите, во нападот беа повредени и повеќе од 200 луѓе.
По нападот на 20 декември, 50-годишникот вчера беше изведен пред судија. Тој нападот го изврши со црн автомобил БМВ, што го изнајмил.
Полицијата во Магдебург соопшти дека истрагата продолжува и апелираше очевидците да испратат фотографии или видеа од инцидентот.
Осомничениот во локалните медиуми беше именуван како Талеб ал-Абдулмохсен, 50-годишен саудиски државјанин кој пристигнал во Германија во 2006 година и работел како лекар.
Утрото на 22 декември, полицијата во Магдебург потврди дека во инцидентот загинале и четири жени – на возраст од 45, 52, 67 и 75 години.
„Судијата одреди мерка притвор за пет убиства, повеќекратни убиства во обид и опасни телесни повреди“, се наведува во соопштението на полицијата.
Градските власти соопштија дека околу 100 полицајци, медицински лица и пожарникари, како и 50 лица од спасувачките тимови реагирале на местото на нападот во петокот.
Меѓу медицинскиот персонал имало и двајца лекари од Северна Македонија.
„Горди со д-р Златко Станковски и д-р Владимир Митевски. Златко е од Прилеп, а Владимир од Радовиш. Тие работат како специјалисти за интерна медицина и интензивна нега во болницата во Магдебург. Го дадоа својот придонес во спасувањето и лекувањето на погодените од трагедијата во Магдебург“, објави амбасадата на Северна Македонија во Германија.
Вчера вечерта (21 декември) во катедралата во Магдебург се одржа комеморација за жртвите од нападот. На неа присуствуваа семејствата на жртвите, персоналот од тимовите за итни случаи и претставници на федералната влада, вклучително и германскиот канцелар Олаф Шолц.
Претходно, Рајнер Хаселоф, премиер на покраината Саксонија-Анхалт, рече дека прелиминарната истрага покажала дека наводниот напаѓач дејствувал сам.
Обвинителот Хорст Валтер Нопенс на 21 декември посочи дека истрагата е во тек, но оти еден потенцијален мотив за нападот „може да биде незадоволството од начинот на кој бегалците од Саудиска Арабија се третираат во Германија“.
Осомничениот е психијатар кој живеел во Бернбург, околу 40 километри јужно од Магдебург. По потекло од Саудиска Арабија, Ал-Абдулмохсен пристигна во Германија во 2006 година и добил статус на бегалец во 2016 година.
Тој водел веб-страница која има за цел да им помогне на другите поранешни муслимани да избегаат од прогонот во нивните татковини.
Осомничениот напаѓач нема познати врски со исламистичкиот екстремизам. Објавите на неговите профили на социјалните мрежи сугерираат дека тој бил критички настроен кон исламот.
Извор близок до саудиската влада за Би-би-си изјави дека Саудиска Арабија испратила четири официјални известувања познати како „вербални белешки“ до германските власти, предупредувајќи ги на, како што велат, „многу екстремните ставови“ на Ал-Абдулмохсен. Изворот, кој побара да остане анонимен, рече дека овие известувања биле игнорирани.
Зеленски се сретна со директорот на ЦИА
Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави дека се сретнал со директорот на американската ЦИА, Вилијам Барнс, во Украина.
Соединетите Држави се најважниот финансиски и воен поддржувач на Киев во речиси тригодишната инвазија од Москва, а исто така Вашингтон наводно споделува и разузнавачки информации со Украина со цел да ја поддржи нејзината одбрана.
Зеленски во објавата од вчера (21 декември) вели дека се сретнал со директорот на ЦИА Бернс во неколку наврати за време на војната, но тоа не беше јавно објавено.
„Барнс ја посети Украина за последен пат како директор на ЦИА“, рече Зеленски во објавата на Телеграм.
Тој и јас, додаде украинскиот претседател, имавме многу средби за време на оваа војна и благодарен сум за неговата помош.
„Вообичаено, таквите состаноци не се објавуваат јавно, а сите наши состаноци – во Украина, во други европски земји, во Америка и други делови од светот – се одржаа без официјални информации“, рече Зеленски.
Барнс ќе се повлече од моќната функција шеф на ЦИА, бидејќи новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ќе донесе свој кандидат.
Последната потврдена средба меѓу Зеленски и Барнс беше во средината на 2023, за што американски официјални лица во јули истата година објавија дека директорот на ЦИА тајно патувал во Украина.
Вчера, Зеленски објави и фотографија на која се ракува со Барнс пред државниот грб на Украина. Тој не кажа кога се одржала средбата, но рече дека тоа ќе биде нивната последна пред Барнс да ја напушти функцијата.
Средбата се одржува во критичен момент од војната, еден месец пред инаугурацијата на Трамп.
Републиканецот вети дека ќе ја заврши војната за неколку часа, предизвикувајќи стравувања дека Киев може да биде принуден да прифати мир под услови поволни за Москва.
Орбан: Поголем буџет за НАТО ќе ја осакати унгарската економија
Унгарскиот десничарски премиер Виктор Орбан изјави дека неодамнешниот предлог на новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, земјите-членки на НАТО да ги зголемат трошоците за одбрана ќе ја осакати унгарската економија.
Според неодамнешните извештаи во британските медиуми „Фајненшл тајмс“ и „Телеграф“, тимот на Трамп ги информирал европските претставници дека новоизбраниот претседател очекува сојузниците на САД во НАТО да ги зголемат трошоците за одбрана на 5 отсто од националниот бруто домашен производ (БДП).
Говорејќи на брифинг со новинарите на 21 декември, Орбан рече дека Унгарија веќе се „испотила“ за да ја достигне сегашната цел од 2 проценти и ако сега „треба да се зголемат тие 2 проценти, тоа ќе ја застрела унгарската економија директно во гради“.
„Ние повеќе би сакале да не трошиме ни 2 отсто од БДП на оружје … Но, светот оди во спротивна насока“, рече тој.
Орбан, кој е обвинет дома и во странство за назадување на демократијата, исто така рече дека не разговарал за ова со Трамп, додавајќи дека ако зголемувањето е неизбежно, тогаш тоа треба да биде постепено. Унгарија планираше да потроши 2,1 отсто од БДП во 2024 година за одбрана.
Орбан е еден од главните сојузници на Трамп во Европа и на 9 декември тој се сретна со новоизбраниот претседател во неговата резиденција на Флорида. Додека трае војната во Украина, Орбан одржува пријателски врски и со рускиот претседател Владимир Путин, а ја критикуваше помошта од ЕУ за Украина и ги попречуваше санкциите на блокот против Москва.
За време на неговиот прв мандат како претседател помеѓу 2016 и 2020 година, Трамп редовно ги повикуваше членките на НАТО да го исполнат потребното ниво на одвојување 2 проценти од домашниот БДП за одбраната, цели кои повеќето од земјите ги исполнија.
Раководството на НАТО во минатото изјави дека придонесот на земјите-членки ќе треба да биде поголем, особено ако се земе предвид конфликтот во Украина. Пред да замине од функцијата, поранешниот генерален секретар Јенс Столтенберг рече дека членките на Алијансата „ќе мора да бидат подготвени да ја платат цената за мирот“ и оцени дека сегашните 2 проценти „повеќе не се доволни за да се сочува безбедноста“.
И неговиот наследник, актуелниот генерален секретар на НАТО, Марк Руте, на самитот на Европската политичка заедница во Будимпешта во ноември рече дека земјите-членки ќе треба да платат повеќе.
„Ќе ги надмине тие 2 проценти многу повеќе. Јас сум сосема јасен за тоа“, рече Руте.
САД придонесуваат со околу 16 отсто во заедничкиот буџет на НАТО и го имаат најголемиот удел заедно со Германија.
Соединетите држави, исто така, ќе потрошат околу 967 милијарди долари за одбраната во 2024 година, што е околу две третини од она што сите останати членки на НАТО ќе го потрошат заедно.
Куртулмуш: Турција играше улога во промената во Сирија
Односите со Северна Македонија, настаните во Сирија, како и војната во Украина, беа дел од темите за кои денеска (21 декември) во Скопје зборуваше претседателот на Големото национално собрание на Република Турција, Нуман Куртулмуш.
„Турција играше улога во насока на реализирањето на промената која се случи во Сирија по 61 годишен режим“, рече Куртулмуш на заедничка прес-конференција со претседателот на македонското Собрание, Африм Гаши.
Сирискиот лидер Башар ал Асад беше соборен од власт откако бунтовничката алијанса предводена од исламистичката група Хајат Тахрир ал Шам (ХТС) започна молскавична офанзива на 27 ноември од своето упориште во северозападна Сирија, брзо заземајќи ги големите градови кои беа под контрола на Владата и заземајќи го главниот град на 8 декември.
Покрај за Сирија, Куртулмуш се осврна и на војната во Украина која започна во февруари 2022 година велејќи дека посакува да се најде решение кое е прифатливо и за двете страни.
„Уште од самиот почеток на конфликтот игравме значајна улога во аспект на посредништво за час поскоро решавање на овој воен конфликт. Дури во Истанбул страните веќе беа договорени, нацрт текстот веќе беше парафиран, но поради фактот дека одредени земји не сакаа да заврши војната, не беше потпишан мировниот договор. Ќе настојуваме да дејствуваме со иста мировна перспектива, за наоѓање решение за овој проблем“, изјави Куртулмуш.
Претседателот на турскиот парламент изрази и жалење што во вчерашниот рускиот напад врз Киев беше оштетена зградата во која се наоѓа и амбасадата на Северна Македонија.
За потсетување, вчера (20 декември) Украина неколку часа беше под општа тревога за воздушен напад откако Русија започна ракетни и напади со дронови врз главниот град Киев и неколку други региони низ земјата. Предупредувања низ цела земја има и денеска.
За односите меѓу Северна Македонија и Турција, пак, и Куртулмуш и Гаши ги истакнаа досегашните добри и традиционални врски и ја нагласија потребата од понатамошна соработка.
„Турските туристи се меѓу најбројните од странските туристи кои ја посетуваат земјата, а секако Турција преку своите институции реализираше огромен број на проекти во сите краеви на земјата и со тоа придонесува во севкупниот развој на Северна Македонија. Ние имаме историски и културни белези во сите балкански земји и поаѓајќи од ова, цениме да ја зајакнеме соработката и односите со сите земји од регионот“, рече Куртулмуш.
Претседателот на македонското Собранието порача дека меѓусебна поддршка на двете земји е од суштинско значење за зајакнување на заедничка позиција на меѓународната сцена. Гаши рече дека на средбата разговарале и за заедничките предизвици за реализирање на стратешката цел за членство во ЕУ.
Воените судови во Пакистан осудија 25 лица за немирите во 2023 година
Пакистанските воени судови осудија 25 лица за учество во нападите врз воени објекти во мај 2023 година.
Од секторот за односи со јавност на пакистанските вооружени сили, во соопштение денеска (21 декември) наведоа дека 25 обвинети добиле казни во опсег од две до 10 години.
На 9 мај 2023 година, по апсењето на поранешниот пакистански премиер Имран Кан во случај за измама, приврзаниците на неговата партија – Пакистан Техрик-е Инсаф (ПТИ), нападнаа и оштетија воени инсталации, џамии и владини згради во градовите низ Пакистан.
Во немирите загинаа неколку луѓе, а десетици беа повредени.
Во своето соопштение, пакистанските вооружени сили ги опишаа казните како „важна пресвртница во правораздавањето“.
Се додава дека 9 мај 2023 година бил тажен ден за земјата и официјално ќе се одбележува секоја година.
Како одговор на пресудите, ПТИ на социјалната мрежа Икс обвини дека воените судови ги прекршиле уставните и човековите права на обвинетите.
Партијата на Кан соопшти дека судскиот процес не е транспарентен и оти околу 80 луѓе се во воен притвор поради немирите, а нивните основни права се повредени.
Поддржувачите на затворениот поранешен премиер, кој е обвинет за поттикнување напади против вооружените сили, изразија загриженост бидејќи воените, а не цивилните судови судат некои од случаите. Тие организираа повеќемесечни протести барајќи ослободување на Кан.
Партијата ПТИ тврди дека нејзините членови и поддржувачи не нападнале воени или владини згради на 9 мај 2023 година.
Минатата година пакистанскиот Врховен суд пресуди дека на цивилите треба да им се суди во цивилни, а не во воени судови. Сепак, на 13 декември, Врховниот суд ја суспендираше одлуката и им дозволи на воените судови да разгледуваат и цивилни случаи.
На другите обвинети за насилството им се суди пред антитерористичките судови.
ПТИ редовно води кампањи против корупцијата и непотизмот во Пакистан, но е обвинета за популизам и авторитарни тенденции насочени околу нејзиниот лидер Кан.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете