Србија нема да испраќа војска на Косово по пораките на САД и ЕУ

Косовски полицајци патролираат, по инцидентот во селото Бањска, Косово, 27 септември 2023 година

САД и ЕУ се загрижени од трупање на српска војска на границата со Косово. Белата куќа и шефот на европската дипломатија Борел повикаа да се повлечат тие сили. Српскиот претседател Вучиќ вели дека Србија нема да испрати војници во Косово. Тензиите меѓу Србија и Косово се зголемија по последните настани во Бањска, каде беше убиен косовски полицаец.

По пораките од Соединетите Американски Држави (САД) и Европската унија (ЕУ) Србија да го повлече големото воено распоредување на границата со Косово, српскиот претседател Александар Вучиќ на 30 септември изјави дека нема намера да и нареди на армијата да ја премине границата со Косово.

Тој вели дека ќе ги повлече српските сили од тоа подрачје, нагласувајќи дека е лага оти Србија испраќа војска на границата.

Вучиќ вели дека предупредувањата на Вашингтон се непропорционални, бидејќи бројот на српските сили на теренот се намалува.

„Минатата година имавме 14.000 луѓе во близина на административната линија, денес имаме 7.500 и тоа ќе го намалиме на 4.000“, изјави Вучиќ за „Фајненшл тајмс“.

Претходно Белата куќа ја повика Србија да го повлече, како што рече, големото воено распоредување од нејзината граница со Косово, во услови на зголемени тензии по смртоносните судири оваа недела во косовското селото Бањска.

„Ја повикуваме Србија да ги повлече тие сили од границата“, им рече портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа Џон Кирби за новинарите на 29 септември, додавајќи дека зголемувањето на војската е „многу дестабилизирачки развој на настаните“.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен разговараше со српски официјални претставници, а советникот за национална безбедност Џејк Саливан разговараше со косовските власти, рече Кирби.

„Ние го следиме големото српско распоредување долж границата со Косово, што претставува невидено учество на српската артилерија, тенкови и пешадиски единици. Сметаме дека ова е многу дестабилизирачки развој. Ја повикуваме Србија да ги повлече своите сили од границата и да продолжи да ги намалува тензиите“, рече Кирби за време на конференциски повик.

Тој, исто така, рече дека ќе има зголемување на мировните сили познати како КФОР во северно Косово. Во моментов има околу 600 американски војници кои учествуваат во КФОР, рече тој.

Српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека разговарал по телефон со Блинкен и дека тие „се согласиле дека е потребна деескалација“ со помош на поголема улога на КФОР.

Возила на српската армија забележани на југот на Србија, 30 септември 2023 година.

Порака и од ЕУ

Загриженост за трупањето на српска војска на границата со Косово изрази и шефот на дипломатијата на Европската унија, Жозеп Борел.

„Со партнерите и сојузниците разговараме за актуелната ситуација на северот на Косово, која пред сè бара деескалација и стабилизација на безбедносната ситуација. За ова прашање сме во близок и редовен контакт со САД“, изјави Борел.

Тој вели дека трупањето на српската војска во близина на границата е многу загрижувачко и мора веднаш да се запре. На европскиот континент нема место за вооружување и трупање безбедносни сили. Силите треба да бидат веднаш повлечени“, рече тој.

Борел порача дека треба двете страни да се вратат на Дијалогот со поддршка на ЕУ, која е единствената платформа за нормализација на нивните односи.

Видете и ова: Вучиќ: Радоичиќ ќе мора да одговори на повикот на надлежните државни органи

Српската војска ги распореди своите сили долж границата со Косово по нападот врз косовската полиција на 24 септември во селото Бањска во Звечан. Косово ја обвини Србија за овој напад, а Белград негира поврзаност.

Милан Радоичиќ, поранешниот потпретседател на Српска листа, партија на етничките Срби во Косово, вчера призна дека ги организирал и учествувал во настаните што го предизвикаа најновиот судир со полицијата. Во најновите настани загинаа четири луѓе.

Во изјавата што ја прочита неговиот адвокат на 29 септември во Белград, Радоичиќ рече дека тој „лично ги направил сите логистички подготовки“, додавајќи дека српската влада немала сознанија за тоа што се случува.
Радоичиќ ги опиша своите постапки како начин да ги „охрабри Србите“ од регионот да се спротивстават на, како што рече, „теророт на режимот на [косовскиот премиер Албин] Курти“.

Признанието доаѓа неколку дена откако Косово го обвини Радоичиќ за организирање и учество во нападот во Бањска на 24 септември, во кој беа убиени тројца напаѓачи, заедно со еден косовски полицаец.

Приштина соопшти дека најмалку шестмина од осомничените напаѓачи, кои побегнале, се во Србија и побарале од Белград да им ги предаде на косовските власти.

Видете и ова: Свечља – Ќе бараме екстрадиција на Радоичиќ и не само тоа


Косовскиот министер за внатрешни работи Џелал Свечља во интервју за Радиот Слободна Европа (РСЕ) изјави дека Радоичиќ не дејствувал сам и рече дека бил „континуирано поддржува од Вучиќ“ и од владата на Србија. Тој тврдеше дека токму Вучиќ и неговите „екстремистички идеи поврзани со целиот регион“ биле вистинските виновници за нападот во Бањска.

Тој, исто така, рече дека Косово ќе продолжи да истражува во обид да ги идентификува сите вклучени во нападот и ќе побара од Србија да ги предаде сите учесници кои успеале да избегаат за да му се предадат на косовскиот правосуден систем.

Свечља додаде дека досегашната истрага покажала дека „над 80 терористи“ биле вклучени во нападот и потврди дека истрагата ја разгледува и евентуалната руска вмешаност.

Пронајдени се повеќе од 20 автомобили полни со муниција и други материјали, а во еден од нив имало руски материјали, како и два мотори за тежок терен произведени од Русија кои биле донирани на војската на Србија, изјави тој за РСЕ.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Косовската полиција покажа што запленила по нападот во Бањска

„Има и разузнавачки информации за вмешаност на елементи кои се директно поврзани со Русија“, рече тој.
Вучиќ, кој ги негираше тврдењата дека Србија била вмешана во судирите, велејќи дека вооружените лица биле локални косовски Срби „кои повеќе не сакаат да го трпат теророт“ на косовските албански власти, изјави за српската државна телевизија дека Радоичиќ ќе биде испрашуван од српските власти за предметот.

„Тој секако ќе одговори на поканата на надлежните органи на Србија, убеден сум дека ќе биде сослушан“, рече Вучиќ.

„Тој се смета себеси за борец за слобода, никогаш не се откажал од своите соборци и никогаш нема да се откаже, но има работи и прашања на кои ќе треба да одговори“, додаде тој.

Поранешниот потпретседател на Српска листа, Милан Радоичиќ, одговорил на поканата на државните органи на Србија за настанот во селото Бањска и како граѓанин дал изјава за околностите на трагичниот настан во Бањска на 24 септември годинава, соопшти на 30 септември српското Министерство за внатрешни работи.

За наведеното, како што се додава во соопштението, во форма на записник ќе биде известено Вишото јавно обвинителство Белград, кое ќе преземе натамошни процесни мерки и дејствија од негова надлежност.

Радоичиќ е градежен тајкун, како и висок функционер на главната политичка партија на етничките Срби во Косово, Српска листа, финансирана главно од Белград. Тој беше погоден со санкции од Соединетите Држави и Велика Британија во 2021 година, бидејќи наводно бил дел од организирана криминална група.

Нападот во Бањска дополнително ги зголеми тензиите во регионот во време кога Европската унија и САД се залагаат за договор со кој би се нормализирале односите меѓу Србија и Косово.

Од 2013 година Приштина и Белград водат дијалог за нормализација на односите, со посредство на Брисел.

Нормализацијата е клучна за напредокот на двете земји кон членството во Европската унија.