На 24 септември вооружени групи во ова село, во северниот дел на Косово, ги нападнаа косовските полициски сили при што беше убиен наредникот Африм Буњаку.
Пет дена по нападот, одговорноста за организацијата на нападот ја презеде Милан Радоичиќ, поранешниот потпретседател на Српската листа, најголемата партија на Србите на Косово.
Свечља наведува дека Радоичиќ не дејствувал сам, туку, како што рече, со поддршка на претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Тој вели дека досегашните истраги покажале дека во нападот на Бањска учествувале „над 80 терористи“.
Свечља зборува и за сомнежот за вмешаност на Русија, како и за безбедносните ризици кои продолжуваат да му се закануваат на Косово.
РСЕ: Господине министре, Милан Радоичиќ на 29 септември призна дека го организирал нападот на Бањска. Како ја коментирате оваа негова постапка и дали мислите дека дејствувал сам при подготвувањето на нападот, како што рече?
Свечља: Тоа апсолутно не е точно. Милан Радоичиќ го призна фактот, бидејќи е докажано неговото учество во овој терористички напад. Но, сите факти говорат дека Милан Радоичиќ не дејствувал сам, не работел сам. Него континуирано го поддржува Александар Вучиќ, Владата на Србија и сите инструменти што ги има земјата.
Добро знаеме дека тој беше исклучително близок со Александар Вучиќ, кој беше министер за пропаганда за време на владата на Милошевиќ. Иако е претседател на Србија, сепак е понатаму тој е министер за пропаганда.
Нивната намера е да го минимизираат притисокот врз Србија, сакајќи да го лоцираат виновникот. Виновникот е познат, тоа е Александар Вучиќ и неговите екстремистички идеи во однос на целиот регион, не само на Косово.
Невозможно е за поединец да собере толкава количина и видови оружје кои беа запленети на 24 септември во Бањска, дури и ако е исклучително моќен, како што е Милан Радоичиќ. Има воено оружје, има оружје произведено во 2021, 2022 година, што покажува дека тоа не се остатоци од војната во 1998/99 година, па дури и порано на Балканот, туку оружје што пристигнало директно од српските магацини. Од војската. Тоа го докажавме со презентирање на документите што ги запленивме, каде се врши прием-примопредавање на ова вооружување.
Исто така, ова не е изолиран случај, бидејќи претходно најдовме слично оружје, од слична производствена серија, во Звечан, на 23 јуни, потоа повторно на 7 август и на 5 септември, во Звечан и во Северна Митровица. Значи, тоа беше добро организиран, детален план, кој пропадна благодарение на решителноста, подготвеноста за жртвување и професионалноста на косовската полиција. Но, планот беше многу поголем. Вучиќ е вклучен. Вклучена е и Владата на Србија. Очигледно и самата Русија е вмешана во ова сценарио.
РСЕ: Кои ќе бидат следните чекори на Косово, по изјавата на Радоичиќ?
Свечља: Ќе продолжиме детално да го истражуваме нападот, да ги идентификуваме сите терористи кои учествувале во него, да ја истражиме целата хиерархија на двете организации кои веќе ги прогласивме за терористички - Северната бригада и Цивилната заштита, но и да документираме директните врски со Владата на Србија.
Истовремено, ќе побараме од Србија, секако преку нашите партнери, сите ранети кои успеале да побегнат од Косово, како и оние кои побегнале неповредени, да бидат предадени на косовската правда, имајќи предвид дека само така реално можеме да доведеме до нормализирање на ситуацијата на Косово.
Ќе бараме и еднаш засекогаш да се прекинат сите упади или агресии од Србија, вклучително и повлекување на војската од околината на нашата граница.
Мислиме дека има ризици. Ние сме на штрек. Се подготвуваме да се соочиме и успешно да одговориме на секој предизвик, со оглед на тоа што веќе имаме исклучително лоши искуства, било со Србија или со нејзиниот претседател Александар Вучиќ.
РСЕ: Ќе побарате ли екстрадиција на Радоичиќ и вклучување на меѓународната заедница со оглед на тоа што Косово и Србија немаат договор за екстрадиција?
Свечља: Да, дефинитивно. Радоичиќ и не само тој, сите кои учествуваа во планирањето и реализацијата на оваа терористичка акција.
РСЕ: Врз основа на информациите што можете да ги споделите со нас, колку луѓе се вклучени во истрагите што ги водите?
Свечља: Отпрвин се мислеше дека има некаде помеѓу 30 и 40 терористи. Сега можеме да кажеме дека бројката е поголема, што го докажува уште поголемиот успех на косовската полиција.
Косовската полиција беше побројна и помалку вооружена од оваа терористичка група, но по загубата на животот на наредникот Африм Буњаку, по завршувањето на оваа заседа, успеа успешно да се бори во текот на целиот ден, за што добиваме честитки од сите нашите сојузници, и ја поразивме оваа терористичка група. Но, бројката е огромна. Сега можеме да кажеме дека е над 80.
РСЕ: По нападот во Бањска, дали имавте контакт со српската полиција или со безбедносно -информативната Агенцијата?
Свечља: Не, немавме никаков контакт. Сметаме дека тие се директно вклучени. Еден од убиените е поранешниот телохранител на Александар Вулин, кој е началник на Агенцијата за разузнавање во Србија, кој исто така е на црната листа на САД и Велика Британија. Значи, ние сме во една парадоксална ситуација, кога всушност имате работа со личности кои не се само криминалци, туку и санкционирани од демократскиот свет.
РСЕ: Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека ќе го истражи убиството на косовскиот полицаец Африм Буњаку. Кој е вашиот коментар?
Свечља: Како ќе го истражи убиството кога објави тридневна жалост за смртта на терористите при нивниот напад на суверена држава? Значи, оваа терористичка група го уби дежурниот полицаец, од заседа. ...Африм Буњаку... тој не беше дел од битката, тој беше убиен во заседа, во првиот момент кога пристигна нашата полициска патрола да ја испита барикадата што ја поставија овие терористи... а тој, политички штитејќи ги овие, прогласи ден на жалост.
Тоа не е апсење на терористи, кои се вратија во Србија. Затоа не верувам во циничното однесување на претседателот на Србија кога вели дека ќе истражува смрт на полицаец. Тој се обидува да го ублажи овој притисок што може или треба да му дојде од демократскиот свет.
РСЕ: Претходно спомнавте дека истражувате можна руска вмешаност. Какви докази собравте досега?
Свечља: Да, во едно од возилата... од 24 теренски возила што беа запленети во ова село, натоварени со муниција и материјали. Во едно од овие возила најдовме руски материјали, како и два мотори на четири тркала од руско производство за тежок терен, кои беа донирани на војската на Србија. Има и разузнавачки информации за вмешаност на елементи директно поврзани со Русија.
РСЕ: Дали го знаете идентитетот на Русите за кои постои сомневање дека се вмешани?
Свечља: Континуирано работиме на идентификација на сите овие терористи. Факт е дека некои од нив не комуницирале со останатите членови на групата и не ги симнале маските ниту еден момент. Затоа сме многу сомнителни кон овие луѓе. Но, верувам дека тие многу брзо ќе бидат идентификувани од нашите специјализирани единици на косовската полиција, како и косовската разузнавачка служба, во соработка со нашите сојузници.
РСЕ: Дали се сомневате дека се платеници или истрагата е во тек?
Свечља: Да ви кажам право, не верувам многу во платеници, во смисла дека се платени. Ова е политички проект на Србија и Русија и тие ги користат нивните доверливи структури. Со други зборови, сведоци сме дека во Ниш има руски хуманитарен разузнавачки центар, за кој општо е познато дека е разузнавачки центар преку кој се шпионира целиот регион и каде што исто така се вршат разни вежби, било за разузнавачките служби или за операции на терен, а веруваме дека овој центар е вклучен во нападот.
РСЕ: Претходно го споменавте ризикот од нови ескалации. Што правите за да ги намалите ваквите закани?
Свачља: Да, дефинитивно има сигнали за собирање на воени сили, но и на разни групи околу границата на Косово. Континуирано соработуваме и се координираме со (мисијата на ЕУ за владеење на правото на Косово) ЕУЛЕКС и (мисијата на НАТО во Косово) КФОР, како втор и трет одговорен за безбедноста на Косово.
Исто така, се консолидираме како полиција на Косово, така што секоја агресивна акција против Република Косово, од било кој размер, ќе добие соодветен одговор.
РСЕ: Како ја коментирате одлуката на НАТО да го зголеми присуството на силите на КФОР на Косово?
Свечља: Добредојдено е. Имаме постојани контакти со лидери, претставници на НАТО. Побаравме и заеднички патроли на граничната линија меѓу Косово и Србија. Добро знаете дека имаме многу долга гранична линија што ги дели овие две земји. Исто така, теренот е доста тежок, треба да имаме специјална опрема за да го набљудуваме секое движење околу границата. И мислам дека ова е добра вест.
РСЕ: Што би им порачале на граѓаните на северно Косово?
Свечља: Граѓаните на северот на Косово продолжуваат да добиваат позитивни пораки од Владата на Косово. Тоа значи дека тие се рамноправни граѓани во сопствената држава, Република Косово. Институциите на Косово се таму да им служат и да ги заштитат. Тоа се докажа на 24 септември, кога имавме многу интензивна борба со терористите, но во ниту еден момент ниту еден од нашите цивили не беше загрозен или повреден.
Дури и, немаме поплаки од овие граѓани за однесувањето на нашите полицајци. Да напоменам уште еден факт: УНДП направи проценка на довербата на граѓаните кон косовската полиција во таа област, всушност направи повеќе од една, во време кога имавме полиција од поранешни паралелни структури интегрирани во косовската полиција, значи пред нивната оставка, пред оставката на 547 полицајци.
Довербата во косовската полиција во таа област била 15 отсто, што е различно од остатокот од Косово. Сега е направено уште едно истражување, исто така на УНДП, а довербата е зголемена на 33,8 отсто.
Тоа значи дека довербата на граѓаните во тие северни општини кон косовската полиција е повеќе од двојно зголемена. Убеден сум дека овој кредибилитет ќе расте, бидејќи соработката со граѓаните таму континуирано се зголемува.