Потпретседателот на Српската листа, Милан Радоичиќ, ја презеде одговорноста за нападот врз полицијата во селото Бањска, изјави на 29 септември неговиот адвокат Горан Петронијевиќ.
Петронијевиќ е претставник на Милан Радоичиќ и јавно објави дел од неговото писмо во кое тој признава вина.
„Јас, Милан Радоичиќ, поради многубројните шпекулации, ја известувам јавноста дека заедно со моите сонародници дојдов на северот на Косово во атарот на селото Бањска. Причината за нашето враќање е да го поттикнеме српскиот народ да пружи отпор на теророт на режимот на Курти и во давањето заштита на нашите луѓе кои секојдневно се изложени на тој терор“, се вели во писмото.
Во писмото, Радоичиќ нагласува дека тој лично го организирал нападот.
„Јас лично ги направив сите логистички подготовки за одбрана на нашиот народ од окупаторот, а овој мој чин нема никаква врска со мојот претходен политички ангажман“, стои во писмото.
Во писмото на Радоичиќ се наведива и дека тој „не известил никого од српските власти и локалните политички структури на северот на Косово“, ниту пак добил „некаква помош“ од некој од нив.
Радоичиќ посочува дека со нив имал различни ставови во однос на „претходните методи за отпор на теророт на Курти“.
Радоичиќ се повлекува од партијата
Во писмото на Радоичиќ стои и дека напаѓачите не се „никакви терористи“, туку „борци за слободата на сопствениот народ“.
Во писмото, Радоичиќ објаснува и дека убиството на косовскиот полицаец било „случајно“, по што започнал „жесток конфликт меѓу двете страни“.
Тој ја информираше јавноста дека се повлекува од функцијата потпретседател во партијата Српска листа, нагласувајќи дека неговата политичка инволвираност во оваа партија „нема никаква врска со неговото враќање на Косово“.
Радоичиќ извести и дека ќе одговори на поканата на властите на Република Србија. Неговиот адвокат пак негираше дека Радоичиќ е ранет во Бањска.
Прво обраќање на Радоичиќ по нападот во Бањска
Ова е првпат Радоичиќ јавно да излезе со реакција по нападот на вооружена група врз косовската полиција во селото Бањска во општина Звечан на север на Косово на 24 септември, кога беше убиен еден косовски полицаец.
По убиството на косовскиот полицаец, следуваше драма во текот на целиот ден во неделата, бидејќи вооружена група од околу 30 униформирани лица го окупираше манастирот во селото Бањска.
Во конфликтот меѓу полицијата, која ги опколи напаѓачите, и вооружената група на север на Косово, загинаа вкупно тројца напаѓачи, а шестмина од нив беа приведени.
По нападот, косовската страна веднаш го впери прстото кон српските власти, но претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ги негираше овие тврдења, истакнувајќи дека напаѓачите всушност се локални Срби од Косово, „кои не можеле повеќе да го трпат теророт на Курти“.
На 28 септември, Собранието на Косово усвои резолуција со која се осудува нападот на косовската полиција во Бањска и се наведува потребата од меѓународна истрага за улогата на Србија во тој напад, а денеска косовската полиција изврши и претреси на пет локации во три општини на северот на Косово, а во врска токму со нападот во селото Бањска во неделата.