Протечени записи откриваат детали за руско влијание во кампања насочена кон Украина и ЕУ

илустрација

Низата протечени записи од руската кампања за дезинформации открива како Москва се обидела да ги дискредитира Украина и западните влади кои ја поддржуваат, а истовремено и да ја зголеми поддршката за екстремно десничарските политички партии во Европската Унија (ЕУ).

Документите добиени од конзорциум европски медиуми и споделени со Шеми (Schemes), истражувачка единица на украинскиот сервис на РСЕ, ги истакнуваат внатрешните операции на таканаречената Агенцијата за социјален дизајн. Се работи за компанија со седиште во Москва за која Соединетите Држави велат дека ја водела пропагандната кампања по налог на Кремљ.

Кампањата вклучуваше разновидна мешавина од мемиња, фалсификувани видеа и владини документи и мрежа на веб-страници кои имитираат легитимни вести низ Европа и исто така шират лажни приказни чија цел е да ја поткопаат западната поддршка за Украина по целосната инвазија на Русија во февруари 2022 година.

Во записите се наведува дека едно меме кое го оцрнува украинскиот претседател Володимир Зеленски, споделено на платформата X од неговиот сопственик-милијардер, Илон Маск, со 86 000 повторни споделувања било всушност креација на Агенцијата за социјален дизајн.

Видете и ова: Медиумите на Кремљ го минимизираат упадот на Украина во Курск

Протечените записи, од кои некои беа објавени овој месец како дел од обвинението на САД, најпрвин беа добиени од германските медиуми Sueddeutsche Zeitung, NDR и WDR, кои потоа ги споделија документите со Шеми и неколку други новинарски организации. Тие беа обелоденети од анонимен извор кој им кажа на новинарите дека Агенцијата за социјален дизајн била хакирана.

Агенцијата за социјален дизајн ја води Илја Гамбашиџе, кој беше опфатен со санкциите од САД заедно со компанијата и нејзините соработници во март токму поради „операцијата на влијание“ на компанијата, наречена Doppelganger.

Гамбашиџе не одговори на барањата за коментар до моментот на објавување на овој текст.

Американските власти, кои заплениле 32 интернет домени поврзани со Doppelganger претходно овој месец, рекоа дека напорите биле надгледувани од Сергеј Кириенко, висок функционер во Кремљ и доверлив човек на претседателот Владимир Путин.

Во видео презентацијата вклучена меѓу обелоденетите записи, Гамбашиџе и се обраќа на камерата облечен во качулка со лепенки на кои пишува „руски идеолошки трупи“ и „командант на специјалните сили“.

Според видео презентацијата, тимот на Гамбашиџе има произведено 39899 содржини од јануари до април оваа година, вклучувајќи повеќе од 30.000 „објави“, повеќе од 4600 видеа и видео мемиња и околу 1500 статии.

Тие вклучуваат лажна приказна направена да изгледа како да е објавена од германскиот весник Билд во која се тврди дека украински бегалци во Германија, додека се обидувале да запалат руско знаме, го запалиле домот на Германците кои им дале засолниште.

Операцијата за влијание, открива Шеми, исто така произвела фалсификувани документи на украинската влада, вклучително и фалсификувана наредба, наводно, издадена од највисокиот воен командант на земјата, генерал полковник Олександар Сирски, што го изедначува предавањето на украинскиот воен персонал со предавство.

Наведената цел на фалсификувањето, според објавените записи, била „да се дискредитира воено-политичкото раководство на Украина и да се деморализираат вооружените сили“.

Операцијата за влијание, исто така, беше насочена кон политичкиот пејзаж на Европа, вклучително и изборите за Европскиот парламент во јуни, со цел да им се помогне на десничарските сили кои ќе промовираат проруски наративи, покажуваат објавените записи.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

„Бомбардирање“ со лажни вести од Русија

Еден документ сугерира „спроведување сложена контра-кампања против либералните глобалисти, нивната платформа и истакнати претставници“, вклучувајќи ја и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, со примарен фокус на Германија, Франција, Шпанија, Италија и Полска.

Планот вклучувал напори да се насликаат „либералите и глобалистите“ како манипулатори кои предизвикуваат страв, вклучително и можен руски напад врз ЕУ, да се прикаже поддршката за правата на ЛГБТ како штетна за менталното здравје на децата, потоа да го поттикне незадоволството поради високата инфлација и невработеноста и да ги обвини „глобалистите на ЕУ“ дека се обидуваат да ја трансформираат Европа во „тоталитарен воен камп како Украина“.

Записите, исто така, ја покажуваат операцијата на влијание во обид да ги зголеми изборните богатства на германската екстремно десничарска партија Алтернатива за Германија (АдФ) и француската десничарска партија Национален собир.

Една од наведените цели била да се направат повеќе од половина од германските граѓани „неподготвени да ја жртвуваат својата благосостојба за да ја поразат Русија“ и да го промовираат наративот дека САД ја користат Германија во економска и хибридна војна против Русија.

Според еден од протечените документи, операцијата за влијание, исто така, ги „бомбардира“ украинските државни институции и медиуми со коментари преку онлајн-бот мрежа која произвела речиси 34 милиони коментари во периодот од јануари до април.