Руската амбасада во Скопје - Балкански рекордер на социјалните мрежи

Илустрација - Принтскрин од објави на Руската амбасада во Скопје на социјалните мрежи

Руската амбасада во Скопје за две години објавила двојно повеќе постови на социјалните мрежи од дипломатските претставништва на ЕУ, САД, Британија... Според истражувањето на Центарот за проучување на демократијата од Софија (CSD) тоа е дел од пропагандната стратегија и хибридната војна на Кремљ

Амбасадата на Русија во Скопје е рекордер меѓу дипломатските претставништва во Северна Македонија и на Западен Балкан според бројот на објави на социјалните мрежи и по бројот на интеракции на тие нивни објави. Само во 2021 и 2022 година, Руската амбасада има објавено двојно повеќе постови од дипломатските претставништва на Европската унија (ЕУ), САД, Велика Британија... и неколкукратно повеќе објави од македонското Министерство за надворешни работи (МНР).

Ова го покажува истражувањето на Центарот за проучување на демократијата од Софија (CSD), кој ги следел објавите на повеќе амбасади на Балканот во изминативе две години. Анализата покажува и дека Руската амбасада во Скопје има многу повеќе објави и од македонското МНР.

Видете и ова: Фејсбук како руски фронт во Северна Македонија

Македонскиот фејсбук простор во стратегијата на Кремљ

Оваа активност, според Горан Георгиев, истражувач во софискиот Центар за проучување на демократијата и експерт за меѓународни односи и геополитика, е дел од стратегијата на Кремљ за ширење на руското влијание и пропаганда.

„Профилите на руските амбасади на социјалните мрежи се канал и засилувач на руската пропаганда и целата палета на дезинформациски наративи кои доаѓаат од Кремљ, од кои повеќето се насочени против Западот и демократскиот начин на живот. Амбасадите вршат клучна информативна (но и оперативна) функција во информациската војна на Кремљ против слободниот свет. Вкупниот број на објави на руските дипломатски претставништва на социјалните мрежи е значително зголемен од почетокот на инвазијата врз Украина, а дезинформациите се поексплицитни и поагресивни од кога било. Има и докази за тоа“, изјави за Радио Слободна Европа (РСЕ), Георгиев.

Бројот на објави на Руската амбасада во Скопје на социјалните мрежи е повеќекратно повисок од бројот на социјални објави на македонското Министерство за надворешни работи, кое, според истражувањето, постира во просек по три објави неделно (вкупно 5 во март и вкупно 12 во февруари 2023). што е околу 40 отсто од вкупниот број на објави на Фејсбук страницата на македонската Влада, на која се постираат по околу 12 објави дневно во просек.

Од Македонското МНР, до објавување на текстот, не добивме коментар за ова истражување.

Коментар за ова истражување и за резултатите од него, побаравме и од Руската амбасада во Скопје, но не добивме одговор, со образложение дека се воздржуваат од коментар бидејќи „нивната нормална работа била оквалификувана како дезинформација“.

Руска амбасада во Скопје: Принудени сме да се воздржиме од коментирање

За коментар на ова анализа на Центарот за истражување на демократијата од Софија, официјално се обративме до Амбасадата на Руската федерација во Скопје.

„Со оглед на тоа што нашата нормална дипломатска работа ја карактеризирате
како дезинформација, принудени сме да се воздржиме од коментирање на Вашите
прашања“, стои во одговорот од Руската амбасада во Скопје на нашето барање за коментар на истражувањето на Софискиот центар.

Први на просторот на некогашна СФРЈ и први на Балканот

Податоците во истражувањето се добиени преку мониторинг со специјализирани софтвери за преземање на податоци од онлајн медиуми, профили на социјалните мрежи на политичари, јавни личности и дипломати и онлајн канали на комуникација на дипломатските претставништва од регионот на Балканот.

Според бројот на објавите на социјалната мрежа Фејсбук, дипломатските претставништва на ЕУ, Франција, Германија, Русија, Велика Британија и САД во Северна Македонија во 2021 и 2022 година објавиле околу 7.500 постови. Над 50 отсто од овие објави отпаѓаат на руските дипломатски претставништва во земјава.

Илустрација

Од сите земји од поранешна Југославија, руските дипломати во Северна Македонија најмногу постови имаат објавено во земјава, додека на Балканот, руските дипломатски претставништва повеќе имаат објавено само во Романија. Таму од вкупно 10.500 постови, 7.100 отпаѓаат на руските дипломатски претставништва, покажува истражувањето на софискиот центар.

Фејсбук објавите биле во фокусот на истражувањето, и како што велат, „ова е релевантно, бидејќи над 90 отсто од остварениот сообраќај на социјалните мрежи во Југоисточна Европа се одвива на Фејсбук“.

Колку се постира во 2023 година?

Како што покажуваат податоците прикажани во извештајот на софискиот Центар за проучување на демократијата, од сите руски амбасади во земјите од Западен Балкан, амбасадата на Русија во Северна Македонија објавила најмногу постови и добила најмногу интеракции (лајкови, коментари и споделувања) во двегодишниот период 2021 – 2022.

„Трендот на висока активност продолжува и во 2023 година, при што Руската амбасада во Скопје објави 717 објави на кои има речиси 50.000 интеракции од први јануари до денес“, изјави за РСЕ, Горан Георгиев, експерт за меѓународни односи и геополитика и истражувач во софискиот Центар за проучување на демократијата.

Објавите како дел од хибридна војна

Според бројот на интеракции на корисниците со постовите на дипломатските претставништва, како што се допаѓања (лајкови), коментари и споделувања, Фејсбук страницата на Руската амбасада во Северна Македонија е, исто така, на врвот на Балканот, според бројот на жители.

Во Бугарија има најмногу интеракции на корисниците на објавите на веб-страницата на руската амбасада, односно 2,3 милиони интеракции, потоа следува Грција со 770.000, Романија со 517.000 и Северна Македонија со 296.000. Кога овие податоци ќе се поделат со бројот на жители, излегува дека во Бугарија на секои три жители има по една интеракција, во Северна Македонија на секои седум жители, Грција на 14 и Романија на 35 жители има по една интеракција.

Инфографика - Постови на социјалните мрежи на амбасадите на Русија во земјите од Западен Балкан, јануари - август 2023 година

Сето ова, вели Георгиев, „може и треба да се гледа како ел од хибридната војна на Кремљ.

„Дискурсот на руските дипломатски служби, и онлајн и офлајн, целосно излегува надвор од воспоставените стандарди на меѓународната дипломатија и во пракса е алатка за влијание и мешање во внатрешните работи на земјата домаќин. Нормално, тоа се прави под раководство и со поддршка на централните власти во Русија, вклучително и тајните служби. Колку една земја е поранлива на руско влијание (социјално, економско, политичко итн.), толку повеќе локалниот руски амбасадор може да си дозволи и поширок пристап има до информативниот простор на земјата“, вели Георгиев за РСЕ.

Како да се направи разлика што е пропаганда, а што вистинска информација?

Социјалните мрежи, вели Георгиев, го револуционизираа начинот на кој се креира и консумира информациската содржина.

„Секој може да објавува текст, видео или аудио што потенцијално може да допре до огромна публика со релативно мал напор. Недостигот од ефективна регулација и умереност на содржината ги прави социјалните мрежи идеални платформи за манипулација и мешање со странски информации“, појаснува истражувачот.

Видете и ова: Кремљ во голем обем присутен во онлајн просторот во Северна Македонија

Според него, друг важен момент е дека хибридната улога на руските амбасади се зголемила по почетокот на инвазијата врз украина поради сериозното ограничување на официјалните медиуми контролирани од Кремљ како РТ, Спутник... Исто така, вели Георгиев, локалните медиуми во Европа вообичаено не сакаат да емитуваат интервјуа или друга содржина со „дипломати на земјата агресор“. Овие промени „ги принудија руските власти уште повеќе да прибегнуваат кон алтернативни медиуми и начини за влијание врз јавноста“.

МОСТ: „Фејсбук“ е еден од центрите во кој се развиени мрежи кои ја засилуваат руската пропаганда

И неодамнешното истражување на граѓанската асоцијација МОСТ, кое е прво вакво во Северна македонија и во регионот, покажува дека „Фејсбук“ е еден од центрите во кој се развиени и се координираат мрежи кои ја засилуваат руската пропаганда, дезинформациите и манипулациите со информации во Северна Македонија. Во тој „центар“ забележано е масовно пренесување и присуство на претставници на Кремљ.

В оваа студија на МОСТ, насловена „Една година од руската агресија врз Украина“, биле анализирани и идентификувани над 10.000 постови на Фејсбук во овој контекст и утврдено е дека во функција на ширење на руската пропаганда во земјава се вклучени и „домашни актери“, кои го овозможуваат и засилуваат тоа, или ги пренесуваат пораките.