Социјалната мрежа „Фејсбук“ е еден од центрите во кој се развиени и се координираат мрежи кои ја засилуваат руската пропаганда, дезинформациите и манипулациите со информации во Северна Македонија. Во тој „центар“ забележано е масовно пренесување и присуство на претставници на Кремљ.
Ова го покажува студијата „Една година од руската агресија врз Украина“, изработена од граѓанската асоцијација МОСТ, а во која се анализираат руската пропаганда, влијание и дезинформации во Северна Македонија по почетокот на руската инвазија врз Украина, во периодот март 2022 година – февруари 2023 година.
Во оваа студија, која е прва ваква во земјава и во регионот, биле анализирани и идентификувани над 10.000 постови на фејсбук во овој контекст и утврдено е дека во функција на ширење на руската пропаганда во земјава се вклучени и „домашни актери“, кои го овозможуваат и засилуваат тоа, или ги пренесуваат пораките.
„Овие мрежи прокламираат екстремно десничарска и националистичка идеологија, со што придонесуваат за промовирање на националистичка, ксенофобична и нелиберална содржина која создава поделби. Ваквото координирано масовно ширење ги манипулира алгоритмите на социјалните медиуми и може да придонесе за ситуација во која наративите се искачуваат повисоко на општествената агенда, а во одредени случаи допираат дури и до меинстрим медиумите“, објасни Росана Алексоска, уредничка на студијата на МОСТ.
Постовите како оружје
За периодот март-август 2022 година, анализирани се вкупно 1.742 статии и 125 уникатни објави на Фејсбук, содржини што не се поврзани со статии. Статиите биле објавени од 155 портали и на Фејсбук, споделени со преку 4.190 објави на 454 уникатни фејсбук страници/групи, добивајќи на 430 илјади интеракции.
За периодот септември 2022-февруари 2023 година, анализирани се вкупно 2.705 статии и 217 уникатни објави на Фејсбук, содржини што не се поврзани со статии. Статиите беа објавени од 155 портали и на Фејсбук, споделени преку 6.352 објави на 508 уникатни фејсбук страници/групи, добивајќи над 303 илјади интеракции.
Објавите се постови или споделувања на содржини, статии, видеа или ставови од руски политичари, поддржувачи на политиката на Кремљ или антизападно ориентирани политичари, здруженија, организации...
„Во вториот период беше забележано зголемување на бројот на канали кои се користат за амплификација, од 454 на 508 фејсбук страници/групи/профили, што претставува зголемување за околу 12%. Ова е следено од зголемена амплификација за 51,5% или 6.352 објави на Фејсбук, споредено со 4.190 во првите шест месеци. Во вториот период е забележан пад на интеракциите на овие објави“, се наведува во студијата.
Според авторите на студијата, од ваквата ситуација можат да се извлечат два заклучока:
- Руската пропаганда и дезинформации го зголемија својот опсег, што придонесува за поголема изложеност на корисниците на онлајн медиумите и Фејсбук во Северна Македонија
- Поради долгиот период на изложување на корисниците на ваквите наративи, ним им здодеа од постојано коментирање и интеракција. како и дека наративите се веќе наметнати, па корисниците не се вклучуваат во интеракција (коментирање, споделување, лајкување)
„Ова води кон поентата дека вторите шест месеци беа карактеризирани со зголемен обем на руски дезинформации и пропаганда во онлајн просторот во Северна Македонија. Овој индикатор треба постојано да се следи, додека неговото понатамошно зголемување би претставувало поголемо ниво на закана за Северна Македонија“, се потенцира во студијата.
Најчести теми на фејсбук
Истражувањето издвојува и десетина теми кои најчесто се дел од наративот на постовите на фејсбук во овој контекст.
Меѓу најчестите наративи биле: Изјавите на чеченскиот лидер Кадиров, изјавите на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров за западот и православието, за последиците по земјите кои даваат воена помош за Украина, за тоа дека Русија била приморана на акција, дека Русија победува, дека ова не е војна на Украина и Русија туку на НАТО и Русија, нуклеарни закани, нуклерани лаборатории...
Покрај најчестите наративи, се идзвојуваат и десетина политичари чии изјави се оценети дека се во прилог на политиката на Кремљ. Покрај оние на водечките руски политичари, пренесувани или споделувани биле и статии, видеа и статуси на европски и регионални државници како српскиот претседател Александар Вучиќ и унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Домашни актери
Феноменот на координирана масовно ширење на вакви содржини на Фејсбук, се вели во студијата, има за цел да допре до најголем можен број на корисници за „да им наметне одредено убедување или перцепција преку постојано повторено изложување на одржините“. Тоа координирано масовно ширење има повеќе намени – ги зголемува интеракциите на публиката, дава кредибилитет на дезинформациите и пропагандата, ги изигрува алгоритмите на Фејсбук, со што се создава лажна перцепција дека одредена вест/статија/објава е релевантна и во тренд.
Во студијата биле детектирани најмалку 79 Фејсбук страници/групи кои биле вклучени во координирано масовно ширење/амплификација на содржините на Фејсбук.
Студијата ги именува сите 79 идентификувани профили на фејсбук, именувајќи ги како „анонимни фејсбук страници и групи“. Дел од нив се со имиња кои алудираат на патриотизам („Македонија во срцето“ или „Горди Македонци“), имиња со верски предзнак („Верувам во Исус Христос“, „Православна заедница“), имиња од забавен карактер („Насмеј се“, „Среќен живот“), па дури и со имиња на популарни македонски личности („Тоше Проески“).
Во анализата на МОСТ се наведени и директни линкови до објави на фејсбук од познати македонски јавни личности, медиуми и инфлуенсери кои студијата, во овој контекст на руско влијание, ги нарекува домашни актери.
Северна Македонија и Балканот високо на агендата на Кремљ
„Обемот, фреквенцијата и интензитетот на забележаните наративи покажуваат дека Северна Македонија и Балканот се високо на агендата на Кремљ“, вели Росана Алексоска, од граѓанската асоцијација МОСТ, една од авторите на студијата.
Таа потенцира дека студијата потврдува оти руските операции за влијание имаат за цел да поттикнат поделби во општеството, да ја поткопаат довербата во институциите и да предизвикаат вознемиреност кај граѓаните.
Руското влијание во Северна Македонија неодамна беше ставено и во контекст на процесот за уставни измени и внесувањето на Бугарите во Уставот, како дел од македонскиот евроинтеграциски процес.
„Токму за уставните измени, руските ботови и платени политичари и аналитичари шират лаги и хистерија дека со нив ќе се случи бугаризација и асимилација“, вели премиерот Димитар Ковачевски.
Државниот врв во неколку наврати досега посочуваше дека Москва финансира некои политички субјекти во Македонија и се меша во внатрешните работи на земјата.