Русите почнаа да гласаат на првиот ден од тридневните претседателски избори на кои се очекува да победи претседателот Владимир Путин, и да го продолжи неговото владеење за уште шест години. На сите сериозни противници им беше забрането да се кандидираат против него во услови на бруталното задушување на неистомислениците и независните медиуми.
Отворено е првото избирачко место на далечниот исток на Русија. Како што одминува денот, гласачите ќе го дадат својот глас на речиси 100 000 избирачки места низ 11 временски зони во земјата, како и во регионите на Украина кои Москва незаконски ги анектираше.
Украина и западните влади ја осудија Русија за одржувањето на избори во тие украински региони, нарекувајќи го нелегално.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Околу 10 часот по московско време, Централната изборна комисија на Русија извести дека 2,89 отсто од 110-те милиони граѓани со право на глас веќе го дале својот глас.
Во таа бројка се вклучени и оние што гласале предвреме, рече Ела Памфилова, претседател на Изборната комисија.
Некои луѓе пријавија проблеми кога се обидоа да гласаат преку Интернет, додека официјалните лица рекоа дека оние кои сакаат да гласаат на овој начин „само треба да почекаат малку или да се вратат за да гласаат подоцна“.
Исто така, имаше извештаи дека вработените во јавниот сектор биле поканети на предвремено гласање во петокот, директива за која Станислав Андрејчук, копретседател на движењето за правата на гласачите Голос, рече дека има за цел работниците да гласаат „под будните очи на нивните шефови“.
Гласањето на овие избори, кое не се очекува да биде слободно и фер, е прво откако Путин ја започна својата целосна инвазија на соседна Украина во февруари 2022 година.
Путин (71), кој беше претседател или премиер речиси 25 години, се кандидира против тројца политичари, лидерот на Либерално-демократската партија Леонид Слуцки, заменик-претседателот на Државната дума Владислав Даванков од партијата Нови луѓе и пратеникот на Државната дума Николај Харитонов од Комунистичката партија, чии политички позиции малку се разликуваат од позициите на Путин.
Борис Надеждин, 60-годишен антивоен политичар, беше одбиен да учествува на изборите од Руската Централна изборна комисија (ЦИК) поради, како што наведоа, неважечки потписи за поддршка на неговата аликација биде регистриран како кандидат. Тој се жалеше, но одлуката на ЦИК беше потврдена од Врховниот суд на Русија.
Резултатите се очекува да бидат објавени на 18 март.
Исходот, со непријателите на Путин во затвор, во егзил или мртви, не е доведен во прашање. Во истражувањето спроведено од VTSIOM News на почетокот на март, 75 отсто од граѓаните кои имаа намера да гласаат изјавија дека ќе го дадат својот глас за Путин, поранешен офицер за надворешно разузнавање на КГБ.
Безмилосното задушување на независните медиуми и групите за човекови права започна пред да започне инвазијата на Украина во февруари 2022 година, но оттогаш таа е засилена.
Речиси точно еден месец пред отворањето на гласачките места, најгласниот критичар на Путин, опозицискиот политичар Алексеј Навални, почина во изолиран затвор на Арктикот под сомнителни околности додека отслужуваше казни за политички мотивирани случаи.
Видете и ова: Навални погребан во Москва - илјадници луѓе се збогуваа со критичарот на КремљМногу набљудувачи велат дека Путин ги отфрлил дури и најслабите предизвикувачи за да обезбеди голема маргина на победа што може да ја посочи како доказ дека Русите ја поддржуваат војната во Украина и неговото справување со неа.
Повеќето велат дека не очекуваат изборите да бидат слободни и фер, бидејќи е многу ограничена можноста за независен мониторинг. Надеждин рече дека ќе регрутира набљудувачи, но не е јасно дали ќе биде успешен со оглед на тоа што само регистрираните кандидати или советодавните тела поддржани од државата можат да назначат набљудувачи на избирачките места.
„Кој во светот мисли дека тоа ќе бидат вистински избори?“, рече Мајкл Мекфол, поранешен амбасадор на САД во Москва, во интервју за Current Time, сервисот на руски јазик на Радио Слободна Европа.
Мекфол, говорејќи на руски, додаде дека е убеден дека администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден и другите демократии во светот ќе кажат дека изборите не понудиле фер избор, но се сомнева дека ќе одбијат да го признаат Путин како легитимен претседател на Русија.
„Верувам дека тоа е вистинската акција што треба да се преземе, но очекувам дека претседателот Бајден нема да каже дека Путин не е руски претседател. И сите други лидери нема да го сторат тоа бидејќи сакаат да останат во некаков контакт со Путин“, рече тој.
Видете и ова: Игра со броеви: Детали од документот на Кремљ за менаџирање на претстојните претседателски избориПред неговата смрт, Навални се надеваше дека ќе го искористи гласањето за да го покаже незадоволството на јавноста и од војната и од владеењето на Путин со железна тупаница. Тој ги повика гласачите да го дадат својот глас во 12 часот, нарекувајќи ја акцијата „Пладне против Путин“.
Виралните фотографии од долгите редови што се формираат во овој момент би укажале на големината на опозицијата и би го поткопале убедливиот резултат што се очекува да го измисли Кремљ. Стратегијата беше поддржана од Навални не многу пред неговата смрт, а неговата вдовица Јулија Навалнаја деновиве ја промовираше.
„Треба да го искористиме денот на изборите за да покажеме дека постоиме и дека нè има многу. Ние сме вистински, живи луѓе и сме против Путин. Што да правиме понатаму зависи од вас. Можете да гласате за кој било кандидат освен Путин. Може да си го уништите гласачкото ливче“, порача Навалнаја.
Колку добро ќе функционира оваа стратегија останува нејасно. Највисоката канцеларија за спроведување на законот во Москва ги предупреди гласачите во руската престолнина на 14 март да не ги слушаат повиците да учествуваат во акцијата, велејќи дека учесниците можат да се соочат со законска казна.