Блокади на железницата во Белград по протестите против ископување литиум

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Демонстранти блокираа железнички станици во Белград

Протести и контрапротести во Белград поради најавата за отворање на рудници за ископ на литиум. Демонстрантите против отворањето на рудник, по протестниот марш ги блокираа двете железнички станици во Белград.

Организаторите на протестот против ископувањето литиум во Белград ги повикаа демонстрантите на мирен марш до мостот Газела со цел блокада на двете железнички станици во главниот град.

Еколошкиот активист од здружението „Не го даваме Јадар“ Златко Кокановиќ, откако колоната со демонстранти пристигна до мостот ги повика да се поделат во две колони и за да ги блокираат железничката станица Прокоп и Нови Београд.

„Нема враќање назад, ние ја браниме Србија“, рече Кокановиќ и ја повика толпата мирно да ги држи блокадите.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Илјадници демонстранти ја блокираа белградската железница

На терен немало униформирана полиција, а блокадите се одвиваат без инциденти, јавија репортерите на Радио Слободна Европа.

Илјадници граѓани се собраа на 10 август на покана на Алијансата на еколошките организации на Србија, откако владата не го исполни нивното барање да донесе закон во рок од 40 дена со кој се забранува ископ на литиум и отворање рудници во долината на реката Јадар во западно од земјата.

„ Рудници нема да има“, беше пораката на протестот против ископ на литиум што се одржува на 10 август во центарот на Белград.


На протестот се обрати актерката Јелена Ступљанин која рече дека вистински патриотизам е борбата за чист воздух, вода и земја.

„Заглавени сме во сообразноста што ја имаат големите градови. Купуваме овошје и зеленчук во продавница. Но, не смееме да заборавиме дека некој таму ги обработува нивните ниви за да има храна. Овие луѓе во суштина живеат од природата“, рече Ступљанин.

Насобраните демонстранти носат транспаренти на кои се испишани пораките „Стоп Рио Тинто, нема да копаш“, „Не за рударството, експлоатацијата, иселувањето“, „Рио Тинто марш од Србија!“

Видете и ова: Приведени четворица во Белград осомничени за планирање немири

Овој е последен во низата од 50-те собири на граѓани што започнаа на крајот на јуни во Србија, по повод најавата за отворање рудници за литиум во долината на реката Јадар на западот од земјата.

Српското министертво за внатрешни работи најави кривични пријави за демонстранти

Српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ на 10 август објави дека по протестот во центарот на Белград „дошло до сериозно нарушување на јавниот ред и мир и прекршување на законите“ и најави дека против сите сторители ќе бидат поднесени кривични и прекршочни пријави.

„Самиот собир беше мирен и полицијата процени дека има меѓу 24 и 27 илјади луѓе, но по собирот организаторите постапиле спротивно на се што напишале во извештајот на јавниот собир, го нарушиле јавниот ред и мир и блокирале меѓународниот сообраќај, со што се загрозува безбедноста на граѓаните“, се наведува во соопштението на српското МВР.

Хронологија на одлуката за отворање на рудникот

Уставниот суд на 11 јули ја поништи одлуката на Владата на Србија со која во 2022 година беше стопиран проектот „Јадар“ на австралиската компанија „Рио Тинто“.

Српската власт ги опишува протестите како обид за рушење на власта

Со реакција за протестите се јавија бројни државни функционери, кои се согласија со српскиот претседател, Александар Вучиќ, во оценката дека главната цел на протестите е „рушење на власта“ на улица.

Вучиќ постојано зборуваше позитивно за проектот „Јадар“ и изјави дека рудникот за литиум на компанијата „Рио Тинто“ во Јадар треба да почне со работа во 2026 година, „доколку се обезбедат гаранции дека нема да има закана за животната средина и здравјето на луѓето“.

Од друга страна, еколошки активисти и дел од стручната јавност укажаа на несогледливи последици по животната средина.

Контрапротест во Белград со руски знамиња

Во непосредна близина на местото каде што се одржува еколошкиот протест, на контра митинг се собраа и членовите на малку познатата организација „Достојни за Србија“.

Неколку десетици претставници на таа организација веат српски и руски знамиња.

Тие поставија шатори неколку дена порано, за како што велат, да спречат „измама како она што се случи на 5 октомври“, алудирајќи на револуцијата во 2000 година кога беше соборен автократскиот режим на Слободан Милошевиќ.

„Не протестираме, тука сме да го информираме народот затоа што се подготвува измама“, изјави за новинарот на РСЕ Љиљана Маркиќевиќ од ова здружение.

Видете и ова: „Одеднаш се разгореа“: Протести низ Србија против ископ на литиум

Во базата на податоци на Агенцијата за деловни регистри стои дека здружението „Достојни за Србија“ е основано во 2017 година.

Меѓу целите наведени во Статутот на Асоцијацијата се пристапување кон Евроазиската унија, зајакнување на економската и воената соработка со Русија и Кина и откажување на Бриселскиот договор потпишан во 2013 година од претставници на Србија и Косово.

Во мај 2023 година, поддржувачите на ова мало здружение ги попречуваа антирежимските демонстрации „Србија против насилството“, упаднаа во зградата на Радио и телевизија на Србија и ја попречуваа работата на новинарите од неколку редакции.

Проектот стопиран, а потоа оживеан

Литиумот се користи за производство на батерии за мобилни телефони, компјутери, електрични автомобили. Сепак, еколошките организации предупредуваат на несогледливи последици за животната средина.

Компанијата „Рио Тинто“ имаше намера да отвори рудник за литиум во долината на реката Јадар во западна Србија. Таму во 2004 година оваа компанија ја откри рудата „јадарит“ - комбинација од литиум и бор, а резервите на овој метал на светскиот пазар во Србија се проценуваат на над 158 милиони тони.

Меѓутоа, Владата на Србија, на чело со тогашната премиерка Ана Брнабиќ, го стопираше тој проект пред повеќе од две години по масовните протести и ги откажа лиценците на австралискиот рударски гигант „Рио Тинто“.

Меѓутоа, во 2024 година српските власти го вратија овој проект на јавниот простор. Прво, српскиот претседател Александар Вучиќ за Фајненшл тајмс во јуни изјави дека новите гаранции од компанијата и Европската Унија одговориле за загриженоста околу еколошките стандарди и дека рудникот би можел да биде отворен во 2028 година.

Актуелната претседателка на српскиот парламент,Ана Брнабиќ, тогаш изјави дека би било „ненормално“ доколку Србија се откаже од ископувањето на литиум и дека земјата има строги и високи стандарди за заштита на животната средина.

Сепак, дел од експертите од земјава и странство укажуваат дека во процесот на експлоатација на литиумот неминовно има и еколошки последици, пред се загадување на речниот слив и почвата.

Во март 2022 година, Српската академија на науките и уметностите (САНУ) презентираше збирка дела за проектот Јадар, во која, меѓу другото, беа посочени штетноста, негативните ефекти и можните последици доколку тој се реализира.