„Тоа е најмалку што можам да направам како поединец - да го изразам мојот став против рудникот Рио Тинто и ископувањето на литиум“.
Вака Снежана Јуришиќ од Богатиќ, гратче во Мачва во западна Србија, ја започнува приказната за Радио Слободна Европа (РСЕ).
Таа во Богатиќ на 27 јули учествуваше на протест против рудникот за литиум на мултинационалната компанија Рио Тинто, кој според плановите би бил оддалечен околу 50 километри од нивната општина.
Додека државата со своите одлуки во последните недели го оживува проектот Рио Тинто во долината на реката Јадар, низ градовите низ Србија се организираат серија еколошки протести.
„Се плашам од отворањето на тој рудник, од начинот на кој ќе се експлоатира литиумот“, додава Снежана Јуришиќ.
Дел од стручната јавност и еколошките здруженија со години укажуваат дека ископувањето на литиум може да има негативни последици за животната средина.
Од друга страна, Рио Тинто, кој планира подземен рудник за литиум, фабрика за преработка и депонија за јаловина во Јадар, ја уверува јавноста дека проектот е безбеден.
Според последните најави на властите, предводени од Српската напредна странка, рудникот би се отворил во 2028 година доколку компанијата ги почитува еколошките прописи и ги добие потребните дозволи.
Не ја исклучуваат можноста граѓаните на референдум да го кажат зборот за ископот на литиум.
Каде се одржуваат протестите?
Од Ваљево, преку Крупање, Коцељева, Ариље, до Неготин, изминативе денови се собраа стотици граѓани за да ја пратат пораката дека „рудници нема да има“.
Покрај Аранѓеловац, Шабац и Краљево, оваа недела се планирани протести и во Љиг, Косјериќ и Младеновац.
Активистот Иван Бјелиќ за РСЕ изјави дека протестите биле „спонтани и самоорганизирани“.
„Тие одеднаш се разгореа“, вели тој.
Против проектот „Јадар“ се и опозициските политички партии, но, како што се нагласува, тие не се организатори на протестни собири.
Политичкиот аналитичар Цвијетин Миливојевиќ потсетува дека Владата на Србија ја прекина изградбата на рудникот на Рио Тинто на почетокот на 2022 година, под притисок на масовните еколошки протести.
Затоа на новите собири гледа шанса да се влијае на намерите на власта во однос на експлоатацијата на литиумот.
„Протестите се повеќе или помалку спонтани. Тие немаат меѓусебна координација. Јас тоа го гледам како автохтон пристап, односно дека нема ракопис на политичките партии“, оценува Миливојевиќ.
„Луѓето кои живеат на локации кои се потенцијални места за експлоатација имаат најмногу право да водат протести. Тие луѓе се поголема опасност за оваа власт отколку опозицијата“, додава Миливојевиќ.
Кои се мотивите за протестот?
Во Богатиќ, кој има околу 5500 жители, на протестот против рудникот се собраа околу 1000 луѓе.
Снежана Јуришиќ вели дека во нејзино место, колку што памети, немало поголем протест.
„Ги видов мојот поранешен професор по историја, моите пријатели, моите соученици. Едноставно, видов дека не сум сама и дека нè има повеќе. А сега ми е полесно, ми даде надеж“, додава таа.
Таа е убедена дека протестите имаат моќ да ја сменат намерата на владата да го отвори рудникот за литиум.
„Никогаш не сум била член на политичка партија, ниту имам мотив да соборам некого од власт, туку само да се стопира проектот и уште еднаш да преиспита сè“, објаснува таа.
Кои се организаторите на протестите?
Според Иван Бјелиќ, информациите за протестите се шират телефонски и преку социјалните мрежи.
„Сè оди по тоа што локалните жители прават плакати, дистрибуираат покани за протести на интернет“, вели тој.
Бјелиќ е меѓу активистите кои ги споделуваат овие објави на своите профили.
„Пред да ја споделиме поканата дека има протест во некој град, бараме проверка“, објаснува тој.
Бјелиќ посочува дека нема формални организатори на протести, но дека нивната реализација е помогната од членови на локални еколошки здруженија или групи граѓани.
„Она што луѓето ни го кажуваат е дека на протестите им се придружуваат луѓе од политички партии, но со име и презиме, не партија или движење. Ова е граѓанска реакција и така треба да остане“, категоричен е Бјелиќ.
Една од облиците на самоорганизирање, како што наведува, се и транспарентите против рудниците кои „цветаат“ низ целата земја - на пример, закачени на оградите на мостовите или патиштата.
„Србија е еколошка темпирана бомба и во секој град можете да слушнете најмалку два еколошки проблеми. Протестите за животната средина беснеат со години и луѓето сфатија дека не смееме да дозволиме ова (отворањето на рудникот за литиум) да помине“, смета Бјелиќ.
Протестите досега се одвиваа без инциденти.
Кога почнаа протестите?
Последниот бран собири против ископувањето на литиум започна во Лозница на 28 јуни. Недалеку од тој град е предвидена изградба на рудник на Рио Тинто.
Низ Лозница тој ден поминале неколку илјади граѓани, а до надлежните е испратено барање за забрана на истражување и ископ на литиум и бор на територијата на Србија.
Даден е рок од 40 дена за усвојување на барањето, односно до 10 август, кога организаторите најавија натамошни дејствија, како што е блокирање на пругите.
На ова реагираа владините претставници со порака дека нема да се дозволуваат блокади.
Овој протест го организираа здружението „Не го даваме Јадар“ и Здружението на еколошки организации на Србија.
Нивни активисти беа и во Белград пред Уставниот суд, кога таа судска институција го прогласи за неуставен указот на Владата на Србија за стопирање на проектот Рио Тинто.
Неколку дена подоцна, Владата на Србија донесе одлука со која повторно се отвора можноста за ископ на литиум.
Чекор понатаму беше направен на 19 јули, кога во Белград беше потпишан Меморандумот за критичните суровини со Европската Унија.
Каков е ставот на опозицијата?
Додека стотици граѓани се на локалните протести, пратениците од власта и опозицијата се во собраниската сала, каде од 23 јули трае седницата за 60 точки од дневниот ред.
Иако меѓу нив не е литиумот, тој е една од главните теми на дискусија.
Најголем дел од опозициските партии се против проектот „Јадар“.
Нивните барања се различни - тие се движат од повикување на вонредни избори, повикување на протести и „општ бунт“, свикување седница за литиум, до барање Собранието да расправа за иницијативата на народот за забрана на истражување и ископ на литиум и бор на територијата на целата земја.
Таа иницијатива со 38000 потписи на граѓани беше испратена до Собранието во мај 2022 година, но оттогаш не е ставена на дневен ред.
Политичкиот аналитичар Цвијетин Миливојевиќ смета дека опозицијата нема потенцијал да се обедини околу оваа тема.
„Опозицијата две години не успеа да ја натера власта да ја стави на дневен ред на Собранието народната иницијатива за литиум. Затоа таа е сè уште слаба, не може да го спроведе она што го бара законот и Уставот, па како понатаму да зборуваме за што било?“, оценува Миливојевиќ.
Дали е можен дијалог за литиумот?
Претседателката на парламентот, Ана Брнабиќ, ја повика опозицијата „да ја спушти топката“ во врска со прашањето за ископување литиум.
Таа на 26 јули најави формирање на собраниска комисија поврзана со проектот Јадар.
Истиот ден опозицијата и кажа дека нема да учествува во таа комисија, обвинувајќи ја владата дека „лобира за Рио Тинто“.
Миливојевиќ смета дека владиниот предлог за дијалог нема перспектива.
„Ако имате искрена желба да слушнете од сите страни, не само експерти и лаици кои се политички мотивирани, туку и граѓани, тогаш не би започнале брутална кампања во полза на експлоатација на литиум, по секоја цена. Не би ги нарекувале предавници и некои кои го мразат напредокот на Србија оние кои се против ова прашање“, додава тој.
Ќе има ли референдум?
Можноста за распишување референдум за ископ на литиум за крајот на следната година прв ја најави српскиот претседател Александар Вучиќ.
Тој на 26 јули од Париз рече дека најпрвин сака да добие анализа на домашни експерти во однос на заштитата на животната средина.
„Ако се направи добро, ако се оди според планот, нема проблем. Тие можат да изберат. Дали сакате да бидете во Лозница, дали сакате да бидете во западна Србија или сакате да бидете во цела Србија. И повторно ви велам, каде и што и да изберат, ние ќе ги победиме“, рече Вучиќ.
Вучиќ оцени дека граѓаните на тој референдум нема да избираат „меѓу копање и здравје“, туку меѓу „лажна грижа и економски напредок и просперитет“.
Тој ја обвини опозицијата за „негативна кампања“ и „ширење невистини“ за литиумот.
Миливојевиќ смета дека потенцијалниот референдум е најавен за крајот на следната година за да има доволно време да се влијае на ставот на јавното мислење во однос на ископувањето на литиум.
„Референдумот би дошол на крајот од патот, особено што би се спроведувал тој тип на политизација, по принципот - кој не е за Вучиќ, тој е против Србија, а потоа кој не е за литиум, тој е против Вучиќ“, објаснува тој.
Тој посочува дека по локалните избори на 2 јуни, на кои власта извојуваше убедлива победа, „не беа само пропаганда за Рио Тинто, туку и кампања за индоктринација од страна на власта“.
„Значи, сега го имаме државниот слоган „Литиумот нема алтернатива“. Граѓаните тешко дека ќе можат да одолеат на таа идеја, ако кампањата трае година или две без некое големо вклучување на граѓанските здруженија“, истакнува тој.
Зошто литиумот е важен за државите?
Литиумот, исто така наречен бело злато, се користи во батерии за полнење за мобилни телефони, лаптопи и електрични автомобили.
Европа се стреми да го зголеми капацитетот за производство на батерии, а развојот на домашните резерви на литиум треба да ја намали зависноста од Кина, која моментално контролира повеќе од 40 отсто од глобалното производство.
Меморандумот потпишан меѓу ЕУ и Србија го предвидува целиот производствен синџир - од ископ на литиум во Јадар до производство на батерии за електрични возила.
Според планот на Рио Тинто, „Јадар“ би произведувал околу 58 000 тони литиум годишно - доволно за 17 отсто од производството на електрични возила во Европа.
„Рио Тинто“ тврди дека проектот може да се развива безбедно со почитување на највисоките домашни и меѓународни стандарди и со минимално влијание врз животната средина.
„Компанијата може со сигурност да тврди дека животот во долината Јадар може да продолжи непречено заедно со подземното ископување и обработката на рудата“, изјавија од компанијата претходно за Радио Слободна Европа.
Во исто време, ископувањето на литиум ширум светот се соочува со отпор од еколошките организации и некои научници, кои предупредуваат дека штетите од уништувањето на животната средина се поголеми од економските придобивки.
И самата компанија „Рио Тинто“ во текот на својата долга историја се соочи со неколку обвинувања за уништување на животната средина или кршење на човековите права на светскиот пазар.
Еден од најпознатите примери е случајот во Папуа, Нова Гвинеја, кога населението започна бунт поради владиниот притисок да продолжи да работи во рудник за злато и бакар. Бунтот се претвори во граѓанска војна за независност на островот Бугенвил што се водеше од 1988 до 1997 година.