Реформската агенда на земјите од Западен Балкан „на маса“ во Брисел

Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија

Реформските агенди на земјите кои се вклучени во Планот за раст на Западен Балкан, ќе бидат главна тема на работниот ручек кој, претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, денеска, 19 септември, го организира во Брисел.

Според портпаролката на Европската комисија, Ана Писонеро, тоа ќе биде можност да се разгледаат односите со земјите од регионот и соработката во контекст на Планот за раст за Западен Балкан.

Писонеро вчера(18 септември) потврди дека Европската комисија работи на проценката на реформските агенди што сите земји, освен Босна и Херцеговина, навремено ги доставија до Европската комисија.

Усвојувањето на реформските агенди е предуслов за почеток на исплата на финансиската помош од ЕУ.

Во промовирањето на овој план беше вклучена лично Фон дер Лајен, а планот беше поддржан од Европскиот парламент и земјите членки на Советот на ЕУ.

Според извори во ЕУ, средбата на Фон дер Лајен со лидерите на земјите од Западен Балкан ќе биде добра можност да се види до каде стигнале овие земји со подготовките за реализација на целите на овој план.

Видете и ова: Можно одложување на Планот за раст за Западен Балкан поради неусогласеност во ЕУ

Мицкоски: Заврши политиката на виткање кичма и бакнување чевли

На работната посета во Брисел присуствува и македонскиот премиер Христијан Мицкоски, во придржба на министрите за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцински и за европски прашања Орхан Муртезани.

Дополнително, Мицкоски ќе има средби и со претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, со еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји и со првиот човек на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување (ГД НЕАР), Герт Јан Копман.

Мицкоски вчера најави дека главна тема на неговите средби во Брисел ќе биде Планот за раст на Западниот Балкан, истакнувајќи дека Владата подготвила фантастичен документ за реформската агенда, кој веќе е доставен до Брисел.

На новинарско прашање дали на разговорите во Брисел може да стане збор и за идејата за уставни измени со одложено дејство, Мицкоски одговори дека не би сакал да коментира, но оти позициите на Владата по ова прашање се јасни.

„Позицијата на ВМРО ДПМНЕ, позицијата на Владата е јасна. Мојата позиција е јасна. Доста беа порази, доста беа политики и дипломатија на свиткана кичма и на бакнување чевли. Сега имаме политика и дипломатија, која што се темели на двонасочна улица. Сакам да зборуваме за вредности, за почитување на човековите права и да знаеме дека ако го отпочнеме преговорите, како што ни беше ветувано во таа 2018 година, дека за три, четири, пет години максимум, ќе го завршиме тој пат и ќе бидеме членка на Европската Унија“, изјави Мицкоски на 18 септември.

Видете и ова: Муртезани очекува првите пари од Планот за раст на ЕК да стигнат во септември

Без реформи - нема пари

При презентацијата на овој план, на земјите од регионот јасно им беше кажано дека доколку не спроведат реформи по една или две години, таа сума ќе биде распределена на други земји.

Преку Планот за раст за Западен Балкан, ЕУ планира да додели околу 6 милијарди евра за земјите од овој регион во периодот од 2024 до 2027 година. Од оваа сума, две милијарди ќе бидат неповратни грантови од ЕУ, додека остатокот ќе биде во форма на поволни заеми.

Целта е да се помогне економскиот раст и со тоа да се забрза процесот на европска интеграција на овој регион. Со Планот за раст за Западен Балкан, ЕУ има намера двојно да ја зголеми економијата на земјите од регионот во следните десет години.

Корисници на овие средства се сите земји од регионот: Косово, Албанија, Северна Македонија, Црна Гора, БиХ и Србија.

Планот исто така има за цел да ја промовира регионалната соработка и развој на заеднички пазар во регионот, кој постепено би се интегрирал во заедничкиот пазар на ЕУ.

Планот не е алтернатива за проширување

Овој план, според претставниците на ЕУ, во никој случај не е наменет за да биде алтернатива за проширувањето на ЕУ, туку да го олесни членството на овие земји во ЕУ.

ЕУ потсетува дека за да се искористат финансиските средства од Планот за раст, земјите од регионот мора да исполнат неколку услови, од кои главните се однесуваат на владеење на правото и обезбедување на процедури за финансиска контрола според европските стандарди.

Како специфичен услов за Косово и Србија се споменува и напредок кон нормализација на односите - што подразбира нивно конструктивно вклучување во спроведувањето на сите договори постигнати во дијалогот со посредство на ЕУ.

Доколку нема напредок во нормализацијата на односите, според дипломатите во ЕУ, земјите кои ќе бидат идентификувани како неконструктивни може да имаат последици преку блокирање на исплатите од Планот за раст.

Видете и ова: Многу пари, но и многу услови во европскиот план за Западен Балкан

Косово во моментов е под неколку казнени мерки од ЕУ - поради тензиите во северниот дел со мнозинство српско население и тие вклучуваат суспензија на исплатите од претпристапните инструменти на ЕУ (ИПА).

Планот за раст за Западен Балкан е посебен и не е вклучен во ИПА фондовите. Како пакет од 6 милијарди евра се смета за најамбициозен план за овој регион.

Покрај македонската делегација која ја предводи премиерот Мицкоски, на работниот ручек ќе присуствуваат премиерот на Албанија Еди Рама, претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина Борјана Кришто, премиерот на Црна Гора Милојко Спајиќ, премиерот на Косово Албин Курти и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

БиХ е единствената земја без реформска агенда

Секоја земја мораше да подготви реформска агенда, врз основа на прелиминарните препораки на телата на ЕУ.

Пет земји во регионот веќе го направија тоа, додека Босна и Херцеговина (БиХ) е единствената што сè уште не го сторила тоа од внатрешно-политички причини.

Косово, во меѓувреме, беше меѓу првите земји што го доставија својот план до Европската комисија. Очекувањата во ЕУ беа дека во средината на септември Европската комисија ќе ги одобри овие агенди на земјите од регионот. Се очекуваше тоа да се случи пред средбата на 19 септември, но процесот беше одложен за октомври.

Како неофицијална причина се наведува фактот што Босна и Херцеговина сè уште не го доставила својот план. А со оглед на тоа дека во оваа земја наскоро ќе има локални избори, се очекува тоа да го направат дури во октомври.

Според тоа, овие одложувања може да влијаат на неостварувањето на целта на унгарското претседателство со ЕУ, а тоа е првите исплати на најнапредните земји да бидат извршени пред крајот на оваа година.

Пресметката на финансиската сума што ќе и се додели на секоја земја се врши врз основа на бруто домашниот производ (БДП), бројот на жители и некои други критериуми.