Достапни линкови

Економијата и Планот за раст за Западен Балкан во фокусот на лидерскиот состанок во Скопје


Премиерот Димитар Ковачевски на почетокот на лидерскиот состанок во Скопје
Премиерот Димитар Ковачевски на почетокот на лидерскиот состанок во Скопје

Земји од Западен Балкан најавија соработка и реформи за да ги искористат парите што се предвидени со Планот за раст на Европската комисија. Лидерите од регионот, на почетокот на состанокот, зборуваа за економиите и регионалната соработка, но не и за политичките прашања.

Заложбите за економскиот напредок и Планот за раст на Западен Балкан, го одбележаа почетокот на состанокот на лидерите од регионот кој започна утрово на 22 јануари во Скопје.

Учесниците при доаѓањето на средбата, пред новинарите не ги споменаа политичките прашања од регионот туку се фокусираа на најавите за реформи кои се потребни за да се оствари Планот за раст.

Состанок ЕУ - Балкан: Фокус врз економијата
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:53 0:00

На состанокот, чиј домаќин е премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски пристигнаа претседателот на Србија Александар Вучиќ, како и премиерите на Албанија, Косово и Црна Гора – Еди Рама, Албин Курти и Милојко Спајиќ. Присутни се и помошник-државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Џејмс О’Брајан, и генералниот директор за соседство и преговори за проширување во ЕК, Герт Јан Копман.

Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, кој е домаќин на средбата, оцени дека Планот за раст, кој Европската комисија (ЕК) официјално го претстави на 8 ноември 2023 година, претставува конкретна акција на ЕУ во делот на зголемување на регионалната соработка меѓу државите, но и вклучување на заедничкиот европски пазар. Разговорите, рече тој, започнале уште вчера со заедничка вечера на лидерите од регионот.

„Веќе разговараме и за конкретни активности. Вклучување во СЕПА, односно укинување на голем број нетарифни бариери, воведување на зелени линии меѓу државите, се со цел, зголемување на трговијата, намалување на трговските бариери, зголемување на конкурентноста на економиите на земјите од Западен Балкан и нивно побрзо вклучување во заедничкиот европски пазар пред формалното вклучување во ЕУ“, рече Ковачевски.

Тој најави и усвојување на заедничка Декларација која ќе претставува „заложба за спроведување на активностите“.

Вучиќ: Првпат разговараме само за економија

Состаноците во Скопје како важни за напредокот и развојот на целиот регион ги оцени и српскиот претседател Александар Вучиќ.

„Ова е првпат да разговараме само и исклучиво за економија, а не и за големи политички прашања за кои постојат значајни разлики меѓу нас и мислам дека е тоа добар предуслов за напредок на целиот регион и луѓето да ги почувствуваат благодетите и придобивките од тоа што го работиме“, рече Вучиќ.

Меѓу конкретните придобивки кои тој очекува да се добијат се заеднички пазар, но и зелени линии за камионите од регионот на границите во ЕУ за да се намалат трошоците и да се зајакне економијата.

Србија, рече Вучиќ, во Белград веќе го претставила својот план за развој и тој, според него, се вклопува со ЕУ и затоа најави дека ќе дадат се од себе за да добијат пристап до она што го предвидува Планот за раст.

Конференција ЕУ - Западен Балкан, Скопје, 22 јануари 2024
Конференција ЕУ - Западен Балкан, Скопје, 22 јануари 2024

Без да зборува за политичките прашања и односите со Белград, пред новинарите се обрати и косовскиот премиер Албин Курти.

Тој кажа дека Косово денеска ќе предложи листа реформи, а во наредните денови ќе излезе и со листа конкретни проекти. Она што тој го посочи како главни реформи на кои ќе се фокусира неговата земја се тие на јавната администрација и менаџирањето на јавните финансии, а во однос на проектите ги спомена дигитализацијата, инвестициите во приватниот сектор и развивањето на инфраструктурата.

Тој рече дека државите од регионот треба да се заложат за повеќе реформи со цел да привлечат средства од Европската унија.

„Кај нас треба да се преземат реформи за вредностите на ЕУ, а поддршката од ЕУ мора да биде и финансиска. Планот за раст значи шест милијарди евра за нашиот регион, а висината на добиените средства зависи од добрата работа што ја работиме и успешните перформанси што ги покажуваме“, рече премиерот Курти.

Засега, нема официјална потврда дека лидерите на Косово и Србија ќе имаат одвоена средба на која ќе разговараат за меѓусебните прашања.

Рама: Да ја оставиме политиката во историјата

Премиерот на Албанија, Еди Рама, посочи дека Планот за раст е добра можност што не треба да се пропушти.

„Она што е суштинско за сите балкански земји да ја оставиме политиката во историјата и да го направиме што треба за да ја дефинираме иднината на нашите земји таква каква што треба да биде во следните месеци“, рече Рама додавајќи дека она што ќе се направи следните месеци ќе дефинира како ќе изгледаат државите од Западен Балкан на крајот на оваа декада.

Црногорскиот премиер Милојко Спајиќ, пак, истакна дека му е мило што неговата земја е дел од овој концепт бидејќи станува збор за важен проект кој се надева дека ќе почне што поскоро. Тој оцени дека ова е важен сигнал и за земјите од Западен Балкан, но и за инвеститорите што сакаат да инвестираат тука.
Од Босна и Херцеговина, пак, преку видеообраќање на настанот во Скопје ќе се обрати Борјана Кришто, претседавач со Советот на министри. Поради состаноци на високо ниво во Сараево таа не можела да допатува во Северна Македонија.

За O’Брајан, Планот за раст не е само обичен план

Помошник-државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Џејмс О’Брајан ја искажа американската поддршка за регионот и порача дека Планот за раст на ЕУ не е како кој било друг план.

„Тој не значи направете ги реформите, па ќе ве оценуваме, тој вели дека ако направете некои реформи тогаш вашите компании и луѓето ќе добијат придобивките од ЕУ многу брзо. А тоа е можноста да се движат каде сакаат, да работат каде сакаат, да инвестираат каде сакаат, ова е суштината на внатрешно интегрираниот пазар“, рече О’Брајан.

Џејмс О Брајан, помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија
Џејмс О Брајан, помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија

Генералниот директор за соседство и преговори за проширување во ЕК, Герт Јан Копман, пак, го повтори она што веќе Европската комисија го кажа при презентацијата на Планот за раст – тој може да ги смени работите во регионот и да ги дуплира економиите во следната декада.

„Охрабрувачки е како земјите го прифатија овој план и веќе работат на реформите и ќе помогнат да се спроведе овој План. Овој План е голем поттик за економскиот развој. И многу сме охрабрени што го гледаме ентузијазмот кај сите земји во врска со овој План“, рече Копман.

Што содржи Планот за раст на Западен Балкан?

Европската комисија го презентираше на 8 ноември 2023 година заедно со извештаите за напредокот на земјите. Тој се однесува на периодот од 2024 до 2027 година, а содржи шест милијарди евра за шесте земји од Западен Балкан – две како неповратни средства, а четири милијарди како поволни заеми. Меѓу целите на планот е создавање единствен регионален пазар и пристап до пазарот на ЕУ, удвојување на економиите и намалување на социоекономскиот јаз помеѓу државите од регионот и членките на Унијата.

За да ги добијат парите предвидени со Планот, земјите од регионот треба да се исполнат услови. Од регионот се бараат конкретни социо-економски реформи, но и фундаментални реформи како владеење на правото, демократијата, почитувањето на основните човекови права и слободи. Тука се и макрофинансиската стабилност, здравото управување со јавните финансии, транспарентноста и надзорот на буџетите…

За Србија и Косово, како што беше наведено кога се објави Планот, има и посебен предуслов – конструктивно да учествуваат во дијалогот за нормализација на меѓусебните односи со цел да ги спроведат обврските од досега постигнатите договори и анекси.

Амбициозниот план, како што наведе ЕК кога го објави во ноември лани, предвидува првите исплати да се случат првата половина од 2024, меѓутоа земјите треба да подготват реформски агенди кои ќе бидат одобрени и од Брисел, а врз основа на нив ќе може и да се оцени напредокот.

Лидерите од регионот, како и О’Брајан и Копман во Северна Македонија пристигнаа вчера, 21 јануари, каде имаа неформална средба и вечера во винарија во Скопје.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG