Птичјиот грип што беше регистиран изминатиот викенд во Зоолошката градина во Скопје се појави во Северна Македонија и пред две години кога од оваа болест угинаа неколку фазани и пауни во фарма во виничкото село Градец. Овој вирус кој може да предизвика големи загуби во живинарската индустрија и сериозни последици врз увозот и извозот на живина.
Така беше се до саботата на 20 октомври, кога по драматични објави на социјалните мрежи, Агенцијата за храна и ветеринарство потврди птичји грип кај угината гуска во Зоолошката градина во Скопје(ЗОО).
Видете и ова: Скопската Зоолошка градина ќе остане затворена 21 ден, АХВ потврди птичји грипЛуѓе не се заразија ни во првиот случај, не треба да стравуваат ни сега. Истото се однесува и на посетителите во Зоолошката градина, укажуваат епидемиолозите.
„За да се пренесе птичји грип треба да има близок контакт со заболено или мртво животно или да има близок контакт со некој секрет, измет или слично од овие заболени или мртви животни. Тоа значи дека ризикот е мал доколку посетителите немале близок контакт“, изјави Марија Андоновска, директорка на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Епидемиологот Драган Кочински вели дека речиси сите случаи на инфекција со вирусот A(H5N1) кај луѓето се поврзани со близок контакт со заразени живи или мртви птици или контаминирани средини.
„Иако можеби имало некои случаи кои не биле откриени, се чини дека вирусот не заразува лесно луѓе и, или не се шири од човек на човек, врз основа на сегашното знаење и разбирање на оваа болест. Забележани се мали групи со иста изложеност пред почетокот на болеста, но сепак не е идентификуван одржлив пренос од човек на човек“, објаснува Кочински.
Преносот од човек на човек е многу редок.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Досега не е докажан случај на пренос на овој високопатоген сој од живина на луѓе, иако повеќе години циркулира меѓу птиците во земјите од Европската унија (ЕУ), вели и епидемиологот Драган Даниловски.
„Како може човек да се зарази? Само ако дојде во контакт со секрети и екскрети, крв и месо на заразена птица, ако допре површина контаминирана со вирусот, а потоа ги допре очите, носот или устата. Вирусот може да биде вдишан и преку капки или прашина во воздухот. Од ова е јасно дека под ризик се само луѓе кои професионално работат со живина, напиша Даниловски на својот профил на Фејсбук.
Вработени во ЗОО две недели под здравствен надзор
Според Институтот за јавно здравје(ИЈЗ), ризикот од инфекција е низок до умерен за оние кои професионално или на друг начин се изложени на заразени животни или заразена средина.
Затоа, дел од вработените во Зоолошката градина се тестираат, а дел се ставени под здравствен надзор, кој не подразбира карантин и изолација, туку медицинско следење во тек на две недели - дали ќе пројават симптом кој понатаму треба да се испитува.
Протоколите налагаат и да се заловат птиците во околината и да се дезинфицира просторот.
Видете и ова: Под здравствен надзор четворица вработени во скопската Зоолошка градинаОд Институтот за јавно здравје велат дека епидемиолошка анкета е направена кај 15 вработени во Зоолошката градина. На четири лица им се издадени решенија за здравствен надзор.
Уште еден вработен треба да се тестира денеска, 21 октомври, откако пројавил симптоми на покачена температура и дијареа. Препораките од страна на епидемиолозите и микробиолозите се дека тестирањето треба да се спроведе по пет дена од појава на први симптоми.
Дел од симптомите кои укажуваат на вирусот се покачена температура, треска и кашлица.
Вирус и политика
„Секташка политика“, „нов измислен проблем за да се обезбеди алиби за затворање на ЗОО Скопје“, „целта е да се наштети на угледот“, беа зборовите со кои Зоолошката градина на официјалниот фејсбук профил објави за заловувањето на птиците што го направи Агенцијата за храна и ветеринарство(АХВ) откако вирусот беше потврден.
Од таму најавија дека ќе поднесат кривични пријави против директорот на АХВ, инспекторите „и лицата кои со оружје упаднаа во ЗОО Скопје“.
Видете и ова: Се проверува дали има оштетени реагенси во ИЈЗ, ОЈО покрена истрагаОд АХВ, пак, соопштија дека иако ЗОО Скопје детектирала угинато животно на 14 октомври, не постапила по законската процедура, секој сомнеж на заразна болест задолжително да го пријават до надлежниот официјален ветеринар.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ обвини дека вината за состојбите во ЗОО е кај градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.
„Скопската Зоолошка ја претвори во еден хорор филм, каде за помалку од три години направи помор и починаа повеќе од 40 егзотични животни, тоа е установа која ја пратат само инциденти“, изјави Стефан Кирков, советник од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје.
Видете и ова: Зоолошката стара 100 години, но бавно се модернизираЛДП бара целосна пломба на Зоолошката градина и оставка од Арсовска.
„Здравјето на посетителите, децата и вработените е сериозно загрозено поради сомнеж за појава на птичји грип, дојде до итна евакуација на истите, но не смее да се заборават и животните кои секојдневно полека умираат во тоа мачилиште“, соопштија од градската организација на ЛДП.
За три години мандат, Арсовска смени тројца директори на скопската ЗОО. Додека актуелниот директор Зоран Попов уште е на функција, Град Скопје распиша конкурс за нов директор што траеше до август.
Видете и ова: Сортни коњи во Зоолошката градина во Скопје отруени со брзоделувачки отровВо последните години во скопската ЗОО угинаа слоницата Дуња, сибирската тигрица Надја, жирафите Каспер и Флопи и три сортни коњи. Минатата недела угина и лавот Жика.
Скопската зоолошка градина минатиот јуни го изгуби кандидатскиот статус за членство во Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми (ЕАЗА). Таа сега нема право на никакви соработки со други зоолошки-членки и зоолошки-кандидати, ниту пак има право повторно да аплицира за статус во следните осум години.
Епидемија во Европа
Вкупно 32 земји во Европа беа зафатени од епидемија на птичји грип кај домашни и диви птици во периодот од декември 2023 година до септември 2024 година.
Во регионот, вирусот беше потврден кај 25 птици во Бугарија, 14 во Словенија, по девет во Србија и во Хрватска и по еден случај во Босна и Херцеговина.
Не се регистрирани случаи кај луѓето.
Претходно, во 2021 и 2022 година во Европа и во Северна Америка имаше најголема и најпроширена епидемија на птичји грип кај диви птици. Само во Европа беа погодени повеќе од 50 милиони птици во овие две години.
Вирусот на птичјиот грип првпат се појави во 1996 година.Прво ги зафати Африка, Азија и Европа, а потоа се прошири и во Соединетите Американски Држави.