Паднаа и првите пресуди за демнење

Илустрација

Охриѓанец, Тетовчанец и Виничанец демнеле, вознемирувале и се заканувале на своите бивши партнерки за што добиле условни казни затвор. Ова се само дел од примерите каде што судовите во земјава во изминативе неколку месеци досудиле условна затворска казна за демначите.

Поради чести пораки со закани испратени на социјалната платформа „Вибер“, вознемирување на работно место, но и на семејството и блиските пријателки на охриѓанка, досудена е условна казна затвор за нејзиниот поранешен пет годишен љубовен партнер. Според пресудата за демнење која ја донел Судот во Охрид во декември 2023 година, обвинетиот охриѓанец е казнет условно на 3 месеци, доколку во рок од две години не стори ново кривично дејство.

Тетовчанец, пак, кој цел месец ја демнел поранешната партнерка, ја вознемирувал на работно место, ја следел до дома и постојано ја навредувал во јавност, е осуден со условна казна затвор од 9 месеци со заштитен надзор, која нема да се спроведе ако во наредните две години не стори друго кривично дело. Судот во Тетово го задолжил осудениот да се јави во пробациска канцеларија, каде што ќе се врши надзор врз него. Ако не се појави, судот има право да ја отповика условната осуда.

Жител на Виница, пак се заканувал дека ќе објави компромитирачки пораки и видеа од неговата поранешна партнерка, ако таа не се согласи да ја возобновнат љубовната врска. Тој во еден наврат и ја нападнал физички, и го скршил мобилниот телефон и често ја следел и вознемирувал на работа. За кривичното дело демнење, од Судот во Виница заработил условна казна затвор со времетрање од три месеци.

Ова се само дел од примерите каде што судовите во земјава во изминативе неколку месеци досудиле условна затворска казна за демначите. Во судските списи може да се најдат 20-тина пресуди за кривичното дело демнење, меѓу кои и пресуди со условна затворска казна но и со парични казни.

Што е демнење?

Демнењето се дефинира како збир од дејствија во кои влегуваат на почетокот телефонски јавувања, праќање писма или подароци и појавување на јавни места, но кои за жртвата се застрашувачки. Но, честопати, демнењето не се задржува само на такви, условно кажано, секојдневни дејствија, туку како минува времето од почетокот на демнењето, така дејствијата стануваат сè поопасни, често се повторуваат, минувајќи кон сексуални и насилни кривични дела. Сите постапки кај жртвата предизвикуваат основан страв за сопствениот живот или тој на нејзините блиски, се вели во извештаите на невладините организации кои ја истражуваат со оваа појава.

Видете и ова: Демнење стана кривично дело, затвор за напаѓачи на новинари, лекари и адвокати

Демнењето и сексуалното вознемирување станаа кривични дела во февруари минатата година со измените на кривичниот законик. Откако измените стапија во сила, работата на обвинителите се зголеми. Во Обвинителствата (ОЈО) од февруари минатата година до март годинава се примени 51 кривична пријава за ова кривично дело. Најголем дел се пристигнати во скопското Обвинителство, вкупно 13, по што следува Струмица со 6 и во другите по три.

Од овие 51 кривична пријава во 12 предмети биле поднесени обвинителни предлози, а за 6 од судовите побарале парична казна за обвинителите.

„Во девет предмети, по проверка на сите наводи, донесено е решение за отфрлање на пријавата. Во 24 случаи постапката по поднесената кривична пријава се уште е во тек“, се вели во одговорот од ОЈО.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Демнета пет години, девојка од Србија бара одговори

Најчесто се мажи, но има и жени

Од изминатава година се забележува дека демначите најчесто ги пријавуваат жени кои се нивни жртви, вели истражителката за компјутерски криминал Марина Пешовска од Основното јавно обвинителство Скопје.

„Но, морам да кажам дека во последниот период, имаме и мажи пријавители на кривично дело демнење, така што би рекла дека ќе се менуваат трендовите и како и секогаш што се менуваат заедно со начинот на извршување на овие кривични дела кои се менуваат, наше е да ги следиме, да бидеме во чекор и да бидеме спремни за откривање на овие кривични дела,“ истражителката Пешовска.

Нејзината задача во соработка со обвинители е да ги истражува доказите кои пристигнуваат за делото демнење, односно се обидува да го открие сторителот на демнењето и да ги утврди доказите за кривичното дело. Таа вели дека кривичното дело демнење си има свои предизвици во истражувањето, и секој случај е индивидуален со посебни карактеристики.

„Досегашното практично искуство по пријавите од граѓаните за ова кривично дело, покажува дека може да се утврдат сторителите, доколку се наоѓаат на територијата на нашата држава е секако полесно. Доколку се наоѓаат во странство, тука процесот малку се усложнува, бидејќи компјутерскиот криминал е транснационален криминал и доколку не оствариме меѓународна соработка за да ги прибавиме доказите од странската држава, ние не можеме да имаме успех, односно да го откриеме сторителот на кривичното дело“, вели Пешовска.

Видете и ова: Кој ве „демне“, според новиот Кривичен законик, може да оди и во затвор

Кривичното дело демнење спаѓа под родово базирано насилство на интернет и тоа е дел од новиот концепт кој е воведен во последниот период. Со појавата на социјалните медиуми се зголеми и бројот на пријавите на граѓаните за разни злоупотреби на социјалните медиуми како злоупотреба на лични податоци, загрозување на сигурност преку информатички систем вели истражителката.

Какви се казните за демнењето?

Со новите измени на законот се предвидува дека со парична казна или затворска до три години ќе се казни човекот за кој судот ќе утврди дека ве следи, прогонува, психички ве вознемирува, злоставува или застрашува, лично или преку пишана комуникација, како и ви ги злоупотребува личните податоци.

Казната е поголема ако ова дело го стори близок човек, односно сегашен или поранешен интимен партнер, како и доколку делото е сторено кон дете, тогаш казната може да достигне и до пет години затвор.

Видете и ова: Трнлив пат до правда за жртвите од Јавна соба

Низ пекол поминуваа многу жени, кога во 2020 година во јавноста за првпат се дозна за „Јавна соба“, каде во затворена група на апликацијата Телеграм се споделуваа слики и видеа од девојки - некои пратени во доверба, други преземени од социјалните мрежи, дополнувани со Фотошоп, со недолични коментари, но и контакти од девојките. Меѓу нив имаше и малолетни девојчиња.

Измени на Кривичниот законик беа најавени за прв пат на 30 јануари 2021 година, откако групата „Јавна соба“ на социјалната мрежа Телеграм предизвика бројни реакции во јавноста.

Сега со измените на законот е предвидено дека до една година затвор може да се казнат тие кои што вршат сексуално вознемирување без разлика дали тоа го прават вербално или со физичка присила.