Протести во Бугарија против насилство врз жените

Жените држат транспаренти на кои пишува „Ниту една повеќе“ за време на протестите против семејното насилство во Софија, 31 јули 2023 година

Напад врз 18-годишна жена во Стара Загора предизвика револт во бугарската јавност. За насилството беше обвинето нејзиното поранешно момче, но тој до неодамна беше на слобода. Истражните органи велат дека работат на случајот „од минута во минута“.

Илјадници граѓани одржаа протести во главниот град Софија и другите бугарски градови по случајот со шокантното насилство врз 18-годишна жена.

Инцидентот се случил на 26 јуни во централниот град Стара Загора, каде што жената идентификувана со иницијали Д.М., наводно била претепана и обезличена со нож од нејзиното момче, но случајот беше објавен дури на 28 јули по фрустрацијата на семејството на жртвата поради бавното темпо на истрагата.

Околу 5 000 луѓе се собраа во Софија на 31 јули, а протести имаше и во други градови ширум Бугарија, вклучително и во Стара Загора.

Дваесет и шестгодишниот осомничен, кој медиумите го идентификуваа како Георги Георгиев, беше уапсен по нападот, но судот во Стара Загора подоцна го ослободи откако повредите на жената ги оцени како „лесни“.

Тој беше повторно уапсен на 31 јули, откако случајот беше обелоденет во јавноста, што предизвика бран на револт во јавноста, а Обвинителството објави дека ја „забрзува“ истрагата.

Видете и ова: Ќе има ли правда за жртвите на воено сексуално насилство во Украина

За случајот е назначена нова обвинителка Жанета Недкова.

Недкова нареди нов лекарски преглед за да се утврди колку се всушност сериозни повредите на жртвата.

Жртвата вели дека Георгиев ја пресекол стотици пати, го скршил носот и и ја избричил косата.

Демонстрантите повикаа на ревизија на законодавството и подобрување на мерките за заштита на жените, носејќи транспаренти на кои пишуваше: „Ниту една жена повеќе“.

Статистиката на бугарската полиција покажува дека 18 жени биле убиени во првиот триместар од оваа година од осомничени партнери.

Активистите за правата на жените велат дека бројката е всушност многу поголема.

Бугарија допрва треба да ја ратификува Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство, позната како Истанбулска конвенција.

Европската Унија се приклучи на Истанбулската конвенција во јуни, а Бугарија, која е членка на ЕУ од 2007 година, ќе мора да се придржува кон некои од одредбите на конвенцијата.