Достапни линкови

Деца по развод- отуѓени или заштитени?


Илустрација - семејство по развод
Илустрација - семејство по развод

Дали доделувањето на старателството врз децата по развод кај едниот родител води до оттуѓување на децата од другиот родител? Дел од експертите, кои ги прашавме, сметаат дека двајцата родители треба да имаат еднакви права врз децата, освен во случаите на семејно насилство. Но, други пак,се сомневаат дека државата ќе умее да направи добра проценка за ризик кога ќе треба да пресече за доделувањето на старателство по развод.

Постоечкиот систем во Северна Македонија е едноставен доколку родителите се согласуваат и по разводот си ги делат обрските околу децата, но доколку меѓу нив нема меѓусебна комуникација, што се случува често по развод, тогаш системот му ги ограничува контактите и видувањата со своето дете на оној родител на кој не му е доверено старателството.

Законот е застарен и потребни се итни измени, сметаат дел од професорите по семејно право, бидејќи како што поминува времето, кога детето е доверено само кај едниот родител, губи секаква емоционална и физичка врска со отсутниот родител која понатаму е тешко да се искомпензира. Тука, секако, се исклучок случаите каде имало семејно насилство или злоупотреба на вршење на родителското право, тука судот треба да пресече, вели за РСЕ професорката по семејно право Елена Игновска.

“Само во ситуација кога ќе се докаже дека има некаков проблем, на пример семејно насилство кое треба да биде докажано со правосилна судска пресуда или други проблематични ситуации кои што го проблематизираат родителот како неподобен да ги врши родителските одговорности, тогаш се носи судска одлука дали на другиот родител да му се дозволи заеднички да продолжи да ги врши родтелските одговорности или пак треба делумно да му се одземат или ограничат родителските права”, вели професорката Игновска.

Национална мрежа против насилство врз жените: еднаквото старателство е штетно за жените и децата

Од Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство во Северна Македонија, воведувањето на еднакво старателство по развод би имало штетни последици врз жените и децата. Според нив, неопходно е да постојат јаки институции во земјава кои ќе го проценат ризикот при доделувањето на старателство, за да се заштите безбедноста на мајката и детето.

“Доколку се воведе заедничко старателство по развод сметаме дека би се применувал генерално без претходно да се направи соодветна проценка на сите ризици кои би довело до потенцијално штетни последици во насока на заштитата на жените и децата кога во семeјството има насилство. Дополнително моменталната терминологија како и концепти кој се јавува во определени Иницијативи за овој заеднички модел на заедничко родителство како ,,родителско отуѓување” или ,,доделување на децата на жената/мајката” главно се темелат на родовите стереотипи кои владеат во едно општество и истите можат штетно да делуваат врз жените кои се жртви на насилство од страна на нивниот интимен партнер“, велат за РСЕ од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство.

Низок процент на пријави за семејно насилство

Во Северна Македонија бројот на случаи на семејно насилство кои се пријавуваат е многу низок, односно само 2% и тоа е загрижувачки, смеаат од Националната мрежа.

“Центрите за социјална работа и граѓанските судови треба да бидат посебно внимателни при доделувањето на децата земејќи ги индивидуалните карактеристики на определно семејство. Преку нашата пракса и работа на директна помош на жени жртви пред се на семејнотo насилство нотирано е дека институциите се уште немаат доволно познавање за спецификите на семејното насилство ниту имаат доволна сензибилизација за постапување во конкретната проблематика. Многу често насилството не се препознава, врз жртвите се врши ревиктимизација, а децата се оставаат во некој расчекор помеѓу оставрувањето на родителските права на двајцата родители и утврдувањето на професионалците пред се од вработените во центрите за социјална работа дали во семејството постои насилство или не.”

Според податоците на МВР од почетокот на годинава до сега, вкупниот број кривични дела за семејно насилство кај жени изнесува 410 случаи, а бројот на мажи кои биле жртви на семејно насилство е 130.

Но, не секогаш разводите се случуваат поради семејно насилство и кога тоа не е случај, сепак, доколку родителите немаат меѓусебна комуникација по разводот, законски детето се доделува кај едниот родител, а другиот има право со ограничени часови и денови во месецот да поминува време со него.

Меѓаши - промена на законот

Детето никогаш не треба да биде во ситуација да избира меѓу двајцата родители, ниту да се отуѓува од било кој од родителите бидејќи од особена важност за детето во неговиот раст и развој се поддршката и љубовта која ја добива од нив. Поради тоа родителите мора да се договорат околу грижата и воспитувањето на своите деца по разводот, како и да го уредат начинот на видување на децата, велат за РСЕ од детската амбасада Меѓаши, меѓутоа во случаи кога нема семејно насилство.

“Ова ќе важи за сите случаи, меѓутоа, заедничкото родителство не треба да биде по секоја цена, особено не во случаи кога нарушените партнерски односи прераснуваат во насилство во кое детето не само што е сведок туку и жртва на истото. Како и во случаи кога во судска постапка и со докази ќе се утврди дека едниот родител од определени причини (психички заболувања, злоупотреба на алкохол или наркотици, физичка или сексуална злоупотреба и др.) не е целосно или делумно соодветен за поделено старателство и тоа треба сразмерно да му се намали или целосно одземе, зависно од ситуацијата. И како трето, дополнување на одредбите што предвидуваат дека ЦСР ќе врши надзор над извршување на родителското право, во смисла дека принципот на еднакво видување може да претрпи промени само ако се утврди дека таквиот начин на гледање е штетен за развојот на децата, ако едниот родител не е подобен за остварување на родителски права или ако едниот родител експлицитно се изјасни дека не е во состојба или не сака да ги гледа децата според овој принцип”, велат од детската амбасада.

Уште пред 5 години “Meѓаши” и неколку други здруженија побараа до Владата и Парламентот измена на Законот за семејство, за да се промени како што велат неправедната положба на родителските права по развод, но не резултирало со никаков успех.

Кој решава за старателството?

На прашање до ресорното министерство за труд и социјална политика дали размислуваат за промена на Законот за семејство со оглед на тоа што во минатото се испратени неколку Иницијативи за измени на Законот, кои предвидуваат подеднакво старателство на двајцата родители, тие одговорија дека во постојниот Закон родителството им припаѓа на двајцата родители подеднакво, но Центарот за социјална работа одлучува кому ќе му припадне детето, а секоја иницијатива за промена на законот ќе биде разгледана.

“Стручниот тим на центарот врз основа на спроведената стручно-методолошка тимска работа во зависност од возраста, потребите, интересите, желбите, наклоностите на детето, поврзаноста на детето со родителот, односите помеѓу поранешните брачни другари, нивните ставови и мислења во однос на сите прашања, одлучува како, колку и кога ќе се реализираат видувањата“, велат од МТСП.

Во Законот за семејство во Северна Македонија, член 80 стои дека:

  • “Ако родителите не се спогодиле или ако нивната спогодба не одговара на интересите на децата, судот, откако ќе прибави мислење од центарот за социјална работа и ќе ги испита сите околности, ќе одлучи дали децата ќе останат на чување и воспитание кај еден родител или некои ќе останат кај мајката, а некои кај таткото или сите ќе бидат доверени на некое трето лице или установа.”
  • “Родителот на кого не му се доверени децата има право да одржува лични односи и непосредни контакти со нив, ако судот не определи поинаку со оглед на интересите на децата.”

Во 2022 година во Северна Македонија имало 1 613 разводи.

Автор - Тамара Дичоска

XS
SM
MD
LG