Учесниците на протестот што се одржа денеска пред зградата на Основниот суд во Тетово побараа правда за загинувањето на 14 луѓе во пожарот во модуларната болница незадоволни од постапувањњто на правосудниот систем во државата. Организирани од иницијативата „Подобро за Тетово“, граѓани и роднини на некои од загинатите го изразија својот револт и побараа правда и одговорност.
„Поранешниот министер за здравство Венко Филипче, државниот обвинител Љубомир Јовески и сопственикот на компанијата „БРАКО“ Кочо Анѓушев да се најдат на обвинителна клупа и да одговараат за пожарот во модуларната болница во Тетово каде живи изгореа 14 лица“, порачаа денеска роднини на загинатите пред судот во Тетово каде протестираа барајќи, како што велат, правда за овој случај.
„Правдата е лажна вест во земјава“, „Стоп за селективна правда“ и “Одговорност сега“ , беа само дел од пораките на транспарентите на денешниот протест, мотивиран од документарецот на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) насловен „Убиство во Тетово“.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
„Ние се собравме тука за да го изразиме нашиот револт за случувањето во државата. По емисијата што ја гледавме на ИРЛ ние сме веќе сигурни дека не функционира ниту судството ниту државата. Не се казнети тие што се причинители за пожарот. Беше многу јасно како се прикриени сите докази кои можеле да докажат да бидат осудени вистинските причинители на оваа трагедија. Прво, Јавното обвинителство и сите обвинители кои биле вклучени во овој предмет да бидат кривично гонети затоа што ги сокриле доказите. Потоа судењето да почне од почеток за да има вистинско и реално судење“, порача Елмедина Абдулахи, активистка од Иницијативата „За подобро Тетово“.
Видете и ова: Никој нема да оди во затвор за пожарот во тетовската болницаПрисутните Тетовци на протестот остро го критикуваа целиот правосуден систем во државата, а потсетија и дека во последните пет години има четири големи трагедии и 97 жртви, за кои тврдат дека нема никаква одговорност.
Демонстрантите побараа и разрешување на Јовески.
„Бараме Владата да го разреши обвинителот Љубомир Јовески и тој и другите обвинители инволвирани во ова монструозно дело да одговарат кривично. Бараме да се судат и казнат вистинските виновници, вклучително и политичарите кои незаконски му го доделија тендерот за изградба на БРАКО. Нема правда нема да има и мир“, порача граѓанин од Тетово за време на денешниот протест.
Од Министерството за правда пак соопштија дека денеска министерот Кренар Лога одржал поединечни средби со министерот за здравство Фатмир Меџити, како и со шефот на обвинителството Љубомир Јовески, а во врска токму со наодите во истражувањето на Истражувачката репортерска лабораторија за причините за пожарот во модуларната тетовска болница во која загинаа 14 луѓе на 8 септември 2021 година.
Што откри документарецот на ИРЛ?
Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) во својот најнов документарец „Убиство во Тетово“ открива дека нивното истражување покажало дека модуларните ковид-болници во земјава, вклучувајќи ја секако и онаа во Тетово, се граделе несоодветно и со заобиколување на повеќе законски процедури.
Документарецот открива дека модуларните болници се граделе без елаборат за електрична инсталација, без елаборат за против пожарна заштита, без надзор на изградбата, но и низа други сериозни законски пропусти.
Во пожарот во модуларната болница во Тетово во 2021, за време на ковид-пандемијата, изгореа 14 луѓе, а уште десетина беа повредени.
Видете и ова: Без надзор и соодветни документи била изведена електричната инсталација во тетовската модуларна болницаНа овој случај работеа Основното јавно обвинителство во Скопје во соработка со обвинителството во Тетово, а потоа се вклучи и Обвинителството за сузбивање на организиран криминал. Само една истрага резултираше со судски процес, кој заврши на 5 јуни. Во судскиот предмет не се гонеа обвинетите поради причината за пожарот во модуларна болница.
Обвинителството тврди дека се уште се истражува за вториот случај, односно за причините кои довеле до пожарот.
Префрлување на вина
По објавувањето на документарецот на ИРЛ, реакции и барања за одговорност пристигнаа и од пошироката јавност, а на пресконференција поранешниот министер за здравство Беким Сали рече дека „вистинските виновници за овој случај се наградени“.
Тој го повика на одговорност и актуелниот министер за здравство Фатмир Меџити.
„Не може да не се постави прашањето - чија вистинска иницијатива била амнестијата на БРАКО и продолжувањето на исплатата, не почитувајќи ја препораката од ревизијата? Дали ова било барање на Ковачевски, добра можност за Фатмир Меџити или наредба на Артан Груби?“, иозјави Беким Сали вчера на пресконференција, во однос на одговорноста за пожарот во модуларната болница во Тетово.
Од Министерството за здравство му одговорија на Беким Сали дека треба да се срами затоа што манипулира со јавноста бидејќи тој го потпишал приемот на трите модуларни амбуланти после што требало да се изврши исплата која не била извршена 8 месеци.
„Поради несиплаќањето има камати од 200 илјади евра, за кои што треба да одговори Сали кој остави хаос во здравството“, соопштија од Министерството кое го раководи министерот Фатмир Меџети.
Обвинителство ги отфрла наводите на ИРЛ
Набргу по објавувањето на документарецот, Обвинителството излезе со демант во однос на тврдењата во филмот за тоа дека обвинителството имало јасна слика за причините поради кои се случил пожарот, а истите не биле јавно обелоденети.
Од ИРЛ велат и дека со истражувањето се утврдува голем број грешки во дизајнот на проектот на модуларната болница од легален и технички аспект, голем број прекршувања на законите и оперативни недостатоци.
„Со еден збор огромен број човечки грешки и пропусти се комбинирани во несреќата“, соопштуваат од ИРЛ.
Видете и ова: Обвинителство реагира на истражувањето на ИРЛ за пожарот во модуларната болница во ТетовоВо соопштението на обвинителството пак се наведува дека исклучително го ценат придонесот на одговорните и кредибилни медиуми и новинари за навремено и точно информирање на јавноста, меѓутоа апелираат на етичност во известувањето. Тие велат дека немало никакви спротивставености во вештачењето на германските експерти и вештачењето од Технолошко-металуршкиот факултет во земјава.
„Неосновани се информациите за наводна спротивставеност на вештачењата. Имено, и вештиот наод на Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при Министерството за внатрешни работи и она на германските експерти прецизно ги наведуваат истите причини за настанување и за ширење на пожарот. Врз основа на вака неспротивставени вештачења беше донесена првостепената пресуда на Основниот суд во Тетово. Дополнително, во емисијата воопшто не се наведени заклучоците од вештачењето на Технолошко-металуршкиот факултет кој ја испитуваше брзината на согорување на сите материјали употребени за болницата и со кое исто така јасно се посочува дека основна причина за брзото горење на модуларната болница е големата концентрација на кислород во објектот“, стои во дел од соопштението на обвинителството.
Првостепената пресуда не доведе до затворски казни
Пожарот во модуларната болница во Тетово избувна на 8 септември 2021 година при што изгореа 14 лица, а уште десетина се здобија со потешки телесни повреди.
Обвинителството отвори истрага за причините за пожарот која траеше со месеци, помагаа и експерти од Германија, а беше констатирано дека пожарот избувнал како последица на краток спој на продолжен кабел.
Во септември минатата година пак, почнаа првите обиди да започне судењето за пожарот во кој обвинети беа три физички и едно правно лице. Обвинение за непостапување по здравствените протоколи имаше за докторот на смена Бобан Вучевски, како и за двајцата тогашни директори на болницата - Флорин Бесими и економскиот директор Артан Етеми.
Судијата Јордан Велковски првото рочиште успеа го одржа дури во декември, откако претходно закажаните рочишта неколку пати се одложуваа, а пресуда падна во јули годинава, кога и започнаа првичните реакции на семејствата на починатите.
Ослободителна за Вучевски и условни затворски казни за Етеми и Бесими кои можат да преминат во затворски ако во наредните три години го повторат делото, беше епилогот од судењето за пожарот во модуларната болница, кое, според роднините на загинатите, а уште повеќе и по објавувањето на документарецот на ИРЛ, не ја задоволи правдата и не ги откри вистинските виновници за овој случај.